Кога во животот знаеш што сакаш, тогаш работите си го земаат својот тек, а сложувалката полека добива смисла. Токму за тоа разговаравме со Мики Трајкоски, директор за односи со јавност во агенцијата за односи со јавност Елемент ПР и корпоративни комуникации.
Желбата да бидеш новинар ја имаш уште од мал, во еден период од животот успеа да ја реализираш, но потоа работите добија нов тек – но што се случи со таа желба?
Како мал многу сакав да бидам водител на радио, дома си водев емисии, си пуштав музика, читав информации и вести, ги пишував сам, си правев концепти за весник за забава. Постојано ги купував забавните магазини како германското Bravo, Pop Corn, хрватскиот ОК, ги следев актуелните топ листи, сакав да бидам музички новинар, правев и концепти за емисии. Сепак, животниот крстопат ме одведе на друга страна, но не се жалам.
Твојот сон стана реланост кога еден ден те поканија да си дел од екипата на еден Мобилен контејнер, странски проект во Македонија, каде младите имаа радио работилница. Од тука почна целата приказна – раскажи ни повеќе за тоа?
Токму така, како дел од таа работилница имаше млади луѓе кои директно се вклучија и создадовме тим за да направиме емисија. Иако не верувам во случајност, туку во спонтаност, ја создадовме емисијата „School Bus“ која се емитуваше на Мега радио. Цел тим од 12 млади луѓе, паметам како вчера да беше, ја подготвуваме емисијата која беше наменета од средношколци за средношколци. Навистина супер дружење и искуство, а во меѓу време јас и мојата другарка Кате започнавме и да пишуваме во тинејџерскиот весник Тини и да правиме интервју, мислам дека и си чувам по некој примерок.
Твоите ангажмани продолжија во друг медиум, телевизијата. Дали можеби таму се пронајде себеси, дали овој медиум беше твојата голема љубов?
Телевизијата има посебна магија, тешко е да се одделиш од неа, затоа што стануваш зависник од камерите и рефлекторите. Првото искуство беше на Канал 5 во емисијата „Нешто интересно“ каде што заедно со Бојана и Драгана ги снимавме познатите личности. Потоа од таму ја реализирав тогашната моја најголема желба на МакСпот телевизија, музички вести и странските топ листи од Германија, Велика Британија, Америка. А подоцна, започнав во утринската емисија „Журнал“ на Сител каде премногу уживав во работата. Тоа беше за мене голем чекор во тој период кога имав 20 години. Навистина имав колеги од кои учев и со кои и денеска комуницирам и многу сум и исполнет кога се навраќам на тој период.
Во меѓувреме активен беше низ Европа преку разни организации и така се роди VISA NO WAY, акција за безвизен режим. Раскажи ни нешто повеќе за тоа искуство.
Визите во тој период може да се каже дека ја обезглавија нашата генерација, на сите ни беше преку глава да чекаме со еден куп документи да ни дадат виза за цела година да може да патуваме во некој европски град. Тоа беше цела акција во која сите се анагажиравме и ми беше драго што тимски настапувавме, имавме долги непроспиени ноќи, ги планиравме активностите, сами си ги пишувавме изјавите, интервјуата. Сепак, посебна благодарност оди и до медиумите кои ни даваа подршка, како и институциите. Главната цел беше протестот во Брисел, што ја исполни нашата цел. Сето ова беше огромно искуство и дружење кое не сплоти сите млади од здруженијата и од студентски организации.
Но, некако големата љубов кон медиумите со текот на времето почна да бледнее, твојата професија тргна во друга насока, реши да преминеш во маркетинг и ПР професијата?
Искрено, спонтано започнав да се развивам во поинаква насока. Маркетингот, како професија од секогаш потајно ме интересираше, а тоа што ме повикаа во Петта приватна гимназија повикаа на разговор, беше спојување на коцките. Речиси три години бев дел од училиштето, на кое се работеше на стратегии за развој на истото, управува и со весникот, постојано создавав проекти за афирмација на гимназијата. Гледав како учениците сакаат да посетуваат и неформална настава и да се надградуваат и се обидував да им помагам во тој дел. Сепак, тоа беше огромен предизвик кој ми донесе и огромно искуство за понатамошното мое развивање на професионален план.
Ноември е месецот кога се одбележува Моември(Movemeber), кампањата на која си посебно активен. Кои се твоите ангажмани, што се случува тогаш?
Кампањата Моември, месец на машкото здравје, произлезе од Здружението Превентус преку кое целиот тим секоја година веќе традиционално вршиме едукација на мажите за разни болести кои не биле информирани мажите, како рак на простата, еректилна дисфункција, ќелавоста, тоа се теми кои јавно не се говорат од страна на мажите. Мислам дека станавме препознатливи во тоа и пуштањето на мустаќи е задоволство на секој маж токму за тој месец. Мојата сатисфакција е дека ние како Здружение едуцираме и со тоа придонесуваме во општеството.
Откако завршија ангажманите во Петта приватна гимназија, сам, иницијативно бараш работа и започнуваш во агенцијата за односи со јавност и корпоративни комуникации, Елемент ПР?
Точно пред четири години, бев решен дека ќе најдам работа која вистински ќе ме исполнува. Во тој период комуницирав со тимот на Елемент ПР, и долго размислував пред да побарам разговор за работа, но еден мој близок пријател ми влеа доверба кога ми кажа дека нема што да изгубам, можам само да добијам. И навистина, работата во Елемент ПР беше како добивка на лото. Немаше реална потреба од мене во агенцијата, но бев решен дека сам ќе се изборам. Имам искуство во повеќе полиња, комуникативен сум, свесен сум дека сум идеален за ПР. Средбата со сопственичката Татјана Лопарски беше пријатна, веројатно се продадов и ми рече да започнам по Новата година, тогашна 2013, а за понатаму требаше да се докажам. За кратко време, благодарение на колегите и шансата што ми ја дадоа, работата ми стана најголемата љубов, многу важни работи научив од нив и за професијата, но и општо за животот. Најважното во оваа наша професија е дека работниот ден, нема работно време нема работно време, туку активни сме 24/7. Треба максимално да уживаш во она што го правиш, за да не се истрошиш.
Што те исполнува во животот, што сакаш да правиш?
Морам да признавам дека најмногу ме исполнува работата, потоа патувањата, нови дестинации, дружењето со луѓето, мојот син – лабрадорот Кристофер, а во последно време сакам да земам рекреативно учество на полумаратони.
Живеам како што сакам и уживам во тоа, сакам луѓе кои се позитивни и кои знаат што сакаат. Во денешно време исполнет човек е оној кој со задоволство оди на работа а не му се враќаат нозете. Животот е борба, но како што би рекол тетин ми за мене, да ме фрлат од авион, ќе застанам на нозе.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post