Колумна:
АНА ЈОВКОВСКА
новинарка, писателка и едукаторка за личен и професионален развој
Дали да се пишува во време на корона е како да се љуби во време на колера? Почнавме со духовити асоцијации по социјалните мрежи – „Љубов во време на корона“ испишаа голем број луѓе по нивните Фејсбук профили, за набрзо потоа сериозноста на ситуацијата да нè пикне во глувчешките дупки на стравот. Да се почне првата колумна за овој медиум со двете најсилни емоции, љубовта и стравот, и тоа во време на коронавирус, значи да се прифати предизвикот да се зборува без перде за личните емоционални состојби низ кои човек минува во ова радикално променето секојдневие во кое стравот од смртта нè потсетува колку многу ни е драг животот…
Пред еден месец го работев мојот последен јавен настан во голема сала со огромен број на публика, гордо качена на сцена, самоуверена и моќна. Чувството на сигурност никогаш не ми недостигало. Неколку дена потоа, кога почнавме да се соочуваме со информации што ни потврдуваа колку сериозна станува ситуацијата со вирусот Ковид-19, чувството на сигурност почна да ме напушта. Новата ситуација прво ја именувавме епидемија, за набрзо потоа Светската здравствена организација да прогласи пандемија. Вирусот се шири брзо и рапидно! Не познава раси, нации и класи, а границите ги минува брзо како со дипломатски пасош. Патувањата почнаа да се откажуваат. Авионите престанаа да летаат. Државните граници почнаа да се затвораат. Училиштата и градинките ставија клуч на врата. „Швалерајот“ доби полициски час. Пандорината кутија почна да се отвора…
Пред само еден месец некој да ми кажуваше дека ќе треба да се затвориме во своите домови, изолирани од луѓе и социјални активности, без слобода на движење, без групирања и пријателски дружби, во променети работни услови, без директни контакти со колегите, во изолација, без културни настани, кино, концерти, фестивали, кафулиња, ресторани, шопинг и факинг… дали ќе поверував во ваквото апокалиптично сценарио? Дали ќе можев да ги замислам најубавите градови стишени и пусти? Празните улици во светските метрополи низ кои до неодамна луѓето наликуваа на мравки што брмчат на сите страни. Небата без авиони. Големите шопинг-молови без купувачи. Парковите без деца. Дали ќе можев да се замислам себе си без адреналинот на работата? Без хаотичното секојдневие во кое се чувствував исполнета, но преморена? Веројатно никој од нас не можеше да претпостави дека човештвото во 2020 година ќе се соочи со најголемата опасност во последново столетие. Промената дојде преку ноќ и нè фати неподготвени за новите животни навики. Некои од нас полесно се адаптираат на промени, некои тврдокорно се држат за своите усвоени животни патерни. Се потсетив дека не преживуваат најсилните, туку оние кои најдобро се адаптираат на промените. Со една таква отвореност кон новите состојби решив да му пријдам на секојдневието обременето со лоши вести, здравствена и хумана криза, црни статистики, медиумски слики од респиратори и болнички кревети, маски, гелови за дезинфекција, социјално, односно физичко дистанцирање, економска рецесија, корона, корона, корона…
Секогаш сум сакала да го барам зрнцето добро во лошото. Јин-Јанг! Веројатно оптимистот во мене беше погласен во мојата внатрешна дебата – дали оваа светска здравствена криза ќе донесе и нешто позитивно? Се обидов да ја свртам другата страна на паричката и да ги побарам работите што би можеле да го сменат светот на подобро. Природата ќе одмори малку од нас, беше првото што си го помислив. Човековата доминација и експлоатацијата на планетата ги надмина сите граници! Загадувањето ќе се намали. Консумеризмот ќе падне на колена. Однадвор полека ќе се свртиме кон внатре, кон себе си. Ќе имаме повеќе време и простор да бидеме самите со себе и да си ги поставиме егзистенцијалните прашања – кој(а) сум, кој(а) сакам да бидам? Конечно ќе имаме повеќе време за најблиските, за партнерите и за децата. Повеќе време за читање и за играње. Играта е клучна активност во човековиот развој, но, во современото, хиперактивно, технолошко општество во коешто приматот на работата и капиталистичката мантра за поголема заработувачка и малку слободно време се главните меинстрим струи, времето за игра и за задоволства е истуркано во некое ќоше. За жал, низ процесот на фетишизација на работата, отелотворена во тоа дека човекот е „Хомо фабер“, на сите страни се создаваа зависници од работа, па дури се создаде и терминот „воркохолик“, но, како противтежа на тоа е антрополошката одредба на човекот што го врзува не за работата, туку за играта. Ова некако ми дојде како утеха дека она што ни се случува како последица на коронавирусот, всушност нè враќа кон корените и нè доближува до загубените вредности. Можеби животот ќе почне да ни наликува како животот на село, без семафори и хистерична брзина, без диско и светлечки реклами, без спортски кладилници, казина и билборди… Онака како што до пред само сто години живееја нашите предци. Во хармонија со природата и животните, а не под диктат на потрошувачката и профитот! Планетата почна да дише, ние сме на респиратори!
И додека ја романтизирав изолацијата и дистанцирањето од надворешните дразби, се сетив дека немаме сите исти услови дома и дека не секаде релациите со блиските со кои сме затворени во заеднички дом се добри и подносливи. Некои од нас живеат во големи куќи со пространи дворови, некои во станови со модерни технички уреди, со сите можни помагала што го олеснуваат секојдневното функционирање, огромен број на ТВ канали, Нетфликс и неколку лаптопи по глава на жител, додека други живеат по неколку луѓе во 40 метри квадратни, со генерациски јаз и различни вредносни системи. Го заборавивме ли менталното здравје како уште еден важен фактор во оваа пандемија? Стравот, стресот и паниката влијаат на сите нас и ни ја менуваат личната, партнерската и семејната динамика. Психолозите велат дека „самата стресна ситуација прави некои партнерства и семејства да се фузираат повеќе, барајќи поткрепа, заштита и сигурност едни од други, но овој период може да биде и извор на фрустрации и конфликти, особено кај партнерите што имаат различни стилови на справување со стресот“. Читајќи ги размислувањата на психологот Ивана Хаџиванова си го потврдив она што цело време го размислував: „Стравот, паниката, загриженоста и лутината лебдат во речиси секој пост и статија. Стравот е вграден во нас, тој е базична емоција и е очекуван во ситуацијава, бидејќи тој како емоција има заштитна функција. Но, ако едниот партнер има тенденција да се однесува проактивно, а другиот премногу пасивно, потценувајќи ја ситуацијата, дефинитивно тоа може да биде тешкотија и причина за конфликт. Сите не ги искажуваме емоциите на ист начин и сите немаме исти реакции и психолошки одбрани. Некој ќе ги празни емоциите од себе со голема вербализација, а некој, пак, премногу ќе замолчи, а тоа се две целосно различни реакции. Начините на реагирање имаат комплексна заднина, влечат корени од примарното семејство, од претходни трауми, зависат и од темпераментот и карактерот на една личност“. Истражувајќи понатаму за тоа како оваа криза ќе влијае стигнав до дисфункционалните семејства и статистиките што покажуваат дека изминатиов период драстично е зголемено насилството во домот, особено родово-базираното насилство. Неизбежно е да се согласиме со ставовите на експертите кои велат дека Ковид-19, најголемата закана во последните сто години за човештвото, освен што ја нарушува здравствената состојба со фатални последици, влијае и на психолошкото здравје на луѓето. Да не заборавиме дека има и луѓе кои периодов работат од дома со „децата врз глава“. Сега, кога градинките и училиштата се затворени, кога децата и младите со целата нивна енергија немаат можност за вентил надвор од домот, кога им се ускратени социјалните активности и дружења, а при тоа некои од нив, особено децата од предучилишна возраст немаат капацитет да ја разберат ситуацијата на рационално ниво како што возрасниот човек ја разбира, менаџирањето на семејните релации е навистина важно за хармонијата во домот – единствениот простор што ни е дозволен.
Па, така, читајќи и истражувајќи за темата, сфатив дека безобразно е да ги судиме оние кои имаат потреба од куса прошетка на отворено во денот. Безобразно е да ги судиме и пензинерите чии животи не се потпираат на современата технологија. Нивните дневни ритуали се целосно променети, па би било коректно да покажеме поголемо разбирање за нивната психолошка состојба, отколку брзоплето да ги судиме и оцрнуваме на социјалните мрежи на коишто го фрламе сето зло од нас. Возрасните луѓе можеби најсилно го чувствуваат социјалното дистанцирање, немајќи можност комуникацијата како насушна човекова потреба да ја компензираат на Фејсбук, Твитер, Инстаграм… Нивната осаменост не ја разбираме! И не е ни важно кои сè ранливи категории на граѓани ќе влезат овде, важно е да се научиме да влеземе во чевлите на другиот и помалку да судиме! Во оваа криза, разбирањето и солидарноста ни се потребни повеќе од кога било! Па, така, тоа што моите или твоите одбрамбени механизми се силни и адаптибилни за новата кризна ситуација со коронавирусот, и што успевам да најдам и задоволство во тоа што после долго време живеам со намален стрес, побавно животно темпо и со повеќе слободно време за моето дете, не значи дека сите на ист начин се справуваме со новата сериозна ситуација којашто од нас бараат поинаков одговор од она што досега сме биле навикнати. Сепак, она што би можела да го препорачам е – што може почесто да гледаме низ оптимистички диоптрии, од другата страна на паричката што го филтрира стравот којшто е легитимен. Несигурноста мора да се спакува во целофан за да биде полесно поднослива. „И ова ќе помине“ ни е најпотребната мисла сега! Па, така, диплењето чаршафи во домот не мора да биде банално загубено време, нека биде медитација. Средувањето на библиотеката нека биде извор за нови знаења. Седењето во четири ѕида нека биде прозорец кон внатрешните длабочини. Разговорите со најблиските нека бидат и дијалози со самите себе. Соочувањето со стравот нека биде предизвик за раст. Гушкањето нека биде предигра која трае…