Една од дестинациите кои вредат да се посетат во Македонија е античкиот локалитет Хераклеја.
Хераклеја Линкестис е градска населба, основана е кон средината на IV век пред н.е. од страна на кралот Филип II Македонски, како важен стратегиски пункт. Се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба. Името го носи според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади, додека епитетот Линкестис со значење „Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди. Сместена во плодна рамнина, од север заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ, Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација кој ги поврзувал Драч и Босфор. Од Хераклеја патот дијагонално се протегал кон Стоби, а потоа кон Сердика.
Посебно внимание на восхит буди импозантната градба на театарот каде што генијот на искусниот градител од тоа време, Витрубиј, бил доведен во совршенство. Хипотетичките податоци, забележани од археолозите и историчарите на уметноста, говорат за тоа дека почетоците на неговата градба датираат во времето на царот Хадријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пие.
Повторно, по испробаниот стар рецепт од римската архитектонска кујна, се употребени мермерот, каменот и печената тула, кои на ова монументалната градба ѝ даваат еден неповторлив изглед со впечатлива естетика. Со откривањето на бината, се потврди двојната функција на театарскиот објект – за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу орхестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезион. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил со капацитет за околу три илјади посетители од сите сталежи.
На тлото на Хераклеја се пронајдени остатоци од повеќе сакрални објекти украсени со подни мозаици направени во opus sectile и во opus tessalatum, датирани во V и VI век.
Овој антички локалитет, своевремено град кој егзистирал повеќе од еден милениум е прогласен за споменик на културата од прва категорија.
Извор: Wikipedia
Фото: Интернет
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.