„Малиот принц“ е книга која за првпат е издадена во 1943 година од страна на најпознатиот француски аристократ, писател, поет и авијатичар, Антоан де Сент Егзипери.
Сите се сеќаваме на малото дете кое успева да допре до срцето на пилотот кој ќе го запознае во пустината Сахара. Книгата, која е преполна со метафори за животот, во голем дел инспирирани од личниот живот на авторот, не остава никого рамнодушен. Како и приватно, така и во книгата, Сент Егзипери е пилот. Читателите го запознаваат Малиот принц откако неговиот авион ќе се сруши во пустината. За него, пустината не е суровата судбина на животот и не претставува само тоа што го гледа, бидејќи тој знае тајна, тајна на животот. Пустината е место на убавина која се наоѓа таму некаде, скриена под песокот.
Страници исполнети со животно значење кои даваат една нова слика за животот.
Антоан де Сент-Егзипери е роден во 1900 година во Лион, во француска благородничка фамилија, поминува среќно детство покрај прераната смрт на неговиот татко. Како одличен ученик матурира во 1917, но не успева да се запише на школата за воена морнарица, па затоа се посветува на уметноста и архитектурата. По воената служба во 1921 во Стразбур станува пилот. Во меѓувреме почнува да ги објавува своите дела, инспирирани од неговите искуства како авијатичар. Од 1932 се посветува на пишувањето и новинарството. Пишува репортажи, како случувањата во Виетнам во 1934, во Москва во 1935 и во Шпанија во 1936, кои ги засилуваат неговите хуманистички вредности.
Книгата „Малиот принц“ е напишана во Њујорк за време на војната, а е објавена, заедно со неговите лични цртежи, во 1943 година. Во 1946 се објавува и во Франција.
Напишана за „возрасните кои заборавиле дека некогаш биле деца“, „Малиот принц“ набргу постигнува светски успех.
Првичната идеја била да биде книга за деца, но заради длабоката мисла и идеалистички концепт за животот и човечката природа, многу критичари ќе се согласат дека ова е една од најубавите книги за возрасни.
СИТЕ ВОЗРАСНИ НЕКОГАШ БИЛЕ ДЕЦА…НО, САМО НЕКОЛКУ ОД НИВ СЕ СЕЌАВААТ
Поентата на книгата не е да предизвика чувство на носталгија кое ќе го натера да посака да се врати во минатото, туку едноставно личноста да ги прифати промените низ кои поминала за да стане возрасна личност. Минатото е дел од тоа што сме денес. Не треба да се менува и да се тагува по него. „Малиот принц“ не потсетува кои сме и зошто сме посебни како индивидуи.
Оваа новела од Сент-Егзипери е четвртата најпреведувана книга во светот, а беше изгласана за најдобра книга на 20век во Франција. Инаку е преведена на повеќе од 250 јазици и дијалекти, со годишна продажба од 2 милиони копии.
„Малиот принц“ е книга која се чита повеќе пати, а ако не се сеќавате кога последен пат живеевте преку приказната на малото дете, тогаш е време за уште едно доживување, кое верувајте, овојпат ќе биде сосема поинакво.
За крај ве потсетуваме на некои од најубавите цитати од книгата:
„Ако сакам да видам пеперутки, треба да отворам две-три гасеници”.
„Тоа е толку мистериозно место, земјата на солзите.“
„Ако сакаш еден цвет што постои само во еден примерок меѓу милиони и милиони ѕвезди, тоа ти доаѓа, за да си среќен, кога ги гледаш ѕвездите. Си мислиш: „Мојот цвет е таму некаде.”
„Еве ја мојата тајна. Многу е едноставна: вистински се гледа само со срцето. Суштината е невидлива за очите.”
„Многу е потешко да си судиш сам себе, отколку да им судиш другите. Ако можеш да си судиш себе правилно, значи ти си вистински мудрец.”
„Никогаш не ни се допаѓа таму каде што сме… Само децата знаат што бараат.”