Директорка за комуникации, новинарка и еко-активистка
Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Се запознавме пред дваесет години кога работевме во иста телевизија. Во меѓувреме на вашата кожа залепивте уште неколку идентитети на успешна жена. Кој идентитет ви е најдраг или во кој се чувствувате најкомотно: дипломиранa новинарка и уредничка во медиуми, магистерка по комуникации и директорка за односи со јавност во „Њу Момент“ или гурманка, идеолог и сопственичка на продавницата за слатки „О ла ла“?
ЕП: Новинарството ми е прва љубов, во сите негови форми, и сигурно така ќе остане засекогаш. Имам немирен дух кој постојано ме бутка во нови сфери и ме тера да си поставувам нови предизвици, што понекогаш сум уморна сама од себе (се смее).
Работењето во „Њу Момент“, пак, ми дава привилегија секој ден да ми биде различен, со различни луѓе и проекти. Адвертајзинг индустријата е брза и современа и нè турка постојано да учиме по пат, за да можеме на луѓето кои го живеат динамичниов век да им испорачуваме идеи, услуги и креативност карактеристични за периодот во кој се потенцира индивидуализмот. Можеби такво темпо во кое човек не може да застане, бидејќи ќе ги испушти сите станици и нема да може да се качи на следниот воз, со текот на времето ќе ми стане заморно. Но, ќе сопрам тогаш кога ќе одлучам дека ми е доста. А, знам дека нема да сопрам да учам нови работи додека ме држи умот и здравјето.
„О ла ла“ ми беше голема љубов, како чедо израснато во период кога во нашиов град немаше места со колачиња карактеритични за целиот свет. Минатата година падна како колатерална жртва на пандемијата. Иако затворањето ми падна емотивно тешко, на некој начин малку и ми олесни, бидејќи тоа беше знак дека можам да се посветам на други проекти што го чекаа своето време. Не можам да кажам што од ова најмногу ме дефинира, веројатно комбинацијата на невозможни работи и неспоиви професии е просторот во кој лета една класична водолија (се смее).
АЈ: „Секој избор е одрекување од нешто друго“. Што најмногу ви недостига во овие вонредни пандемиски услови?
ЕП: Ох, Ана, патувањата. Возбудата од нови места, тремата пред качување на авион, првиот поглед низ прозорецот на хотелската соба, откривањето на тесните градски улички, редиците пред музеите, кафе на тесно масиче на тротоар, локална храна, звуци на измешани јазици, песок под нозете и мирис на море. И концертите, особено оние кои се надвор од нашата држава. Последниот концерт на кој бев со постарата ќерка (сега ми се чини како да било пред деценија) беше во ноември 2019 во Франкфурт. Имавме купено карти за уште три други концерти до април 2020. Мислам дека патувањата во некоја форма полека ќе се вратат, но за концерти со лудо играње во гужва малку ќе почекаме.
Во источните учења, во будистичките храмови, од новите следбеници се очекува да се ослободат од сè материјално што имаат на овој свет, од облека и технологија, до книги и фотографии, за така лесни и слободни да можат да го отворат умот и душата.
АЈ: Јавниот простор е узурпиран од билборди и реклами. Живееме во брендиран свет и при тоа ни се продава не само производот, туку и чувството и стилот. Движењето „Не лого“ на авторката и новинарка Наоми Клајн инспирира многу луѓе да размислуваат со своја глава надвор од брендираните кутии. Како една директорка за комуникации во маркетинг компанија се справува со консумеризмот?
ЕП: Адвертајзинг индустријата во светски рамки порасна до совршенство. Во името на нашите клиенти ги наоѓаме нивните конзументи, буквално секаде. Нема простор на земјинава топка каде можете да се сокриете од таргетираните реклами. Сега, благодарение на новите технологии, точно знаеме што сакате, кои се вашите интереси, на што ви заигрува окото и срцето, каде и како можете тоа да го добиете. Услугите и сервисите се сèподобри, поемотивни, а пораките лични. Во оваа индустрија сите сме врзани во тесен круг – агенции, компании, медиуми, конзументи… и не можеме едни без други.
Но, ова е век на индивидуализам, на слобода која не зависи од никој друг, освен од нашата решителност. Тое е слобода во која успевам емоцијата (кога срцето ми затреперува на нешто ново, сјајно, без разлика дали на бренд или тренд) да ја ставам неколку минути „на холд“, да ја оставам да ми се проврти низ разумот и да решам дали можам да продолжам да живеам без тоа нешто или ќе ми го смени животот драматично.
Низ годините, научив да не паѓам на материјалните работи, да не ме контролираат, да не ми се одраз на душевната состојба во која се наоѓам. Во источните учења, во будистичките храмови, од новите следбеници се очекува да се ослободат од сèматеријално што имаат на овој свет, од облека и технологија, до книги и фотографии, за така лесни и слободни да можат да го отворат умот и душата. Прв пат кога го слушнав ова бев шокирана. Си помислив колку е ова тешко за еден човек од западниот консумеристички свет. Потоа, како што почнав да се ослободувам и да ги подарувам работите што ми тежеле, сфатив дека најтешко би ми било да се ослободам од книгите. Не велам дека не купувам или дека не сакам нови работи, туку дека на тој импулс многу подобро и позрело му се спротивставувам. Веројатно сум од оние луѓе што едно нешто го претвораат во нешто друго – еден фустан = вечера во Рим, нови чевли = две ноќи во Барселона, шопинг во Солун = авионска карта до Токио. Ми помага, сериозно (се смее).
Ужасно е нивото на кое последнава година се сведе комуникацијата на социјалните мрежи. Ја доживувам како дерење од балкон кон сите што случајно ќе поминат околу нечиј дом, соседи или комплетни странци.
АЈ: Важен ви е односот кон природата, не само декларативно, туку и на терен, преку вашиот еко-активизам како дел од О2 Иницијатива, организација која го крева гласот против институциите кога истите забораваат да го обезбедат најосновното право загарантирано и со Устав – правото на чист воздух. Кои се вашите најважни битки за здрава животна средина против сите соучесници во масовното труење на граѓаните?
ЕП: Едукација и охрабрување на граѓаните дека можеме да кажеме: „Доста е“!Повеќе информации за сèшто ни се случува, за начинот на кој некои луѓе од компаниите или на политички функции го компензираат нашето здравје за профит. Со години сум била еко-активистка во различни неформални групи, но откако сум во О2 Иницијатива, со мала, но исклучително посветена група на луѓе со кои делиме исти верувања и принципи, борбата има форма. Пожестока е во својата содржина и покредибилна отколку да работиме секој поединечно.
Во последниве пет години може да се забележи промена на јавната свест, поголем граѓански ангажман, како и поинтензивно учество на колегите новинари и медиумите. Новите генерации се поподготвени за реакција и прилично се лути за сево ова што нашите генерации им го оставаат во грдо наследство, првенствено дома, во Македонија, а секако и на целава планета. Сигурна сум дека делумно тоа е резултат и на нашата секојдневна еко-борба преку О2 Иницијатива и се чувствувам исполнето поради тоа.
Социјалните мрежи се претворија во огласна табла на која луѓето се натпреваруваат во својата неискреност, полни со манипулации, лаги и нереални слики за себе.
АЈ: Активна сте на Фејсбук и Инстаграм. Ги доживувате ли понекогаш социјалните мрежи како нова инквизиција?
ЕП: Ужасно е нивото на кое последнава година се сведе комуникацијата на социјалните мрежи. Ја доживувам како дерење од балкон кон сите што случајно ќе поминат околу нечиј дом, соседи или комплетни странци. Како дерење кое никако не помага да се исфрлат фрустрациите. Врескање кое има за цел да им направи на другите да се чувствуваат полошо, наместо на дерачот да му помогне да се чувствува подобро. Еден ужасен тренд на омаловажување, на делење небарани лекции, на експертиза за сèи сешто освен за својот живот и за тоа како да се биде среќен.
Има едно познато реално шоу кое се вика „Круг“ и има за цел точно да покаже во што се претворија социјалните мрежи – во една огласна табла на која луѓето се натпреваруваат во својата неискреност, полни со манипулации, лаги и нереални слики за себе. Неспорно е дека првичните идеи за дружење и онлајн поврзување биле искрени. Твитер е мојата омилена социјална мрежа, каде сèуште може да има конструктивни разговори и дебати, иако и оваа мрежа не останува имуна на отровите што луѓето си ги фрлаат без причина. Клучно е човек да си постави јасни граници, колку време поминува онлајн и со кого и за што влегува во дискусија. Мене лимитот ми е два часа дневно, еден за професионални потреби поврзани со работата и еден за да ги видам и прочитам моите пријатели.
После 20 години заедно, со сопругот функционираме подобро отколку на самиот почеток на врската. Не си го узурпираме просторот и слободата. И најважно, не се обидуваме да се смениме еден со друг.
АЈ: Филмскиот режисер Кишловски вели дека љубовта е секогаш во отпор, дека љубовта создава дилеми и води до страдање. Како ги помирувате во себе точките на отпор и сите разлики во релацијата со партнерот?
ЕП: После 20 години заедно, функционираме подобро отколку на самиот почеток на врската. Си оставаме простор за работите кои ни се важни, кои нè релаксираат, не си го узурпираме просторот и слободата. И најважно, не се обидуваме да се смениме еден со друг. Удобно ни е во различностите, уживаме во сличностите.
Губењето на блиска личност не е болка која лесно поминува, како физичка гребаница или удар. Не ја лекува времето затоа што човек не може да продолжи како ништо да не било.
АЈ: За жал, го загубивте вашиот татко кога имавте само 16 години. За тоа ќе речете: „Неговата ненадејна смрт со години се обидував да ја сместам во лекциите за животот. Веројатно затоа и денес, се трудам моите деца да ги охрабрам да бидат задоволни со мали работи и да се трудат секогаш да помогнат, на секого за кого мислат дека му е потребна поддршка, бидејќи кармата е енергија и таа го враќа доброто со добро“.
Како се справуватe со болката во животот?
ЕП: Губењето на блиска личност не е болка која лесно поминува, како физичка гребаница или удар. Не ја лекува времето затоа што човек не може да продолжи како ништо да не било. Чувство е со кое се учиме да живееме и тука е за да нè потсетува колку сме сакале и колку сме биле сакани. Суптилно, од позадината на умот ни помага да пораснеме и созрееме. И можеби најбитното, нèучи да ја покажуваме љубовта кон оние кои се со нас, да се грижиме едни за други, да се чуваме, помагаме и секојдневно да си кажуваме колку се сакаме. По загубата на близок човек, особено ако е тоа оддеднаш, во човек потсвесно се вгнездува страв за драгите луѓе, за родители, деца, партнери, пријатели. Јас и брат ми со години имаме една навистина смешна навика – еден на друг да се јавиме по неколку пати во денот, а разговорот ни е отприлика вака: Што правиш? – Ништо, ти што правиш? – И јас ништо. Е па добро, ај ќе се чуеме после.
Смешно е знам, но нам ни е физичка потврда дека тој другиот е добар, не треба ништо посебно да прави, само гласот да си го чуеме и знаеме кој како е.
АЈ: Еден од најзначајните британски писатели на реализмот, Чарлс Дикенс вели: „Имај срце кое никогаш нема да стане тврдо, темперамент кој никогаш нема да се измори и допир кој никогаш нема да повреди“. Што се обидувате да развивате кај себе и кај својот партнер во емотивна и духовна сфера?
ЕП: Чувството дека треба да се ставиме први на листата за исполнување желби. Да научиме да се опуштиме и да бидеме малку хедонисти. Јас сум на добар пат, маж ми уште има кочници, ама целата оваа ситуација со пандемијата ни покажа колку е всушност битно да си дома со луѓе кои можат да те поднесуваат, кои и покрај сè,ќе те сакаат и секогаш ќе најдете време за некоја забавна друштвена игра (се смее).
Ќерките Ена и Лана сакам да бидат слободни и независни, за да не се најдат во ситуации да мораат да прават непријатни компромиси поради кои ќе се мразат себе си.
АЈ: Ве цитирам: „За мене, како родител, приоритет не е само да оставиме материјално богатство, пасивно наследство, туку на децата да им отвориме можности за најдоброто можно едуцирање, одлични училишта, извонредни професори и ментори, со чија помош ќе им се разбудат нивните амбиции да му помогнат или да го усовршат овој свет, глобално или локално“. Што друго ви е важно да ги научите своите ќерки?
ЕП: Да се борат за својата слобода! Да бидат добри како луѓе и добри во својата професија, за да не бидат финансиски и интелектуално зависни од никого, ниту од родители, ниту од партнери, ниту од ситуации. Да можат слободно да одлучуваат кои ќе бидат, со што ќе се занимаваат во животот, или кому ќе дозволат да биде дел од нивниот. Слободни и независни, за да не се најдат во ситуации да мораат да прават непријатни компромиси поради кои ќе се мразат себе си.
АЈ: Кои жени според вас го променија светот?
ЕП: Огромна е листата на храбри и несекојдневни жени низ историјата, ама ќе се задржам на последниов век. Жени кои излегле од сигурната зона и поставиле нови стандардни, а со тоа станале инспирација на цели генерации жени и девојчиња: Опра, Маргарет Атвуд, Рут Бадер Гинсбург, Фрида Кало, Грета Тунберг.
Толку сме арогантни, што со векови веруваме дека сме сами во Универзумот.
АЈ:Кои книги ви отворија нови светови?
ЕП: Без размислување, „Контакт“ од Карл Саган. Идејата дека овој Универзум е преголем само за нашата цивилизација и дека некаде нешто неверојатно чека да биде откриено. Ми се допаѓа идејата дека сме толку арогантни што со векови веруваме дека сме сами во Универзумот. Мојот жанр е научната фантастика, понекогаш со примеси на мистика. Книги кои тестираат теории за другите форми на овој или другите светови, отварање на умот, астрофизика со психологија: Артур Кларк, Реј Бредбери, Исак Асимов, Олдус Хаксли од постарата генерација, Карлос Луис Зафон, Дејвид Мичел, Харуки Мураками од современиците.
Мојата домашна библиотека е моето царство, моето светилиште и прибежиште. Имам книги кои се стари скоро 70 – 80 години, наследство од мојот дедо, и книги што ги купив завчера. Подредени по жанрови и писатели, уредно како здиплени алишта во продавница за облека.
АЈ: Летово ја читав книгата „Продавница за животни промени“ (Три) чија насловна страна е илустрација на животното зебра. Зебрата е силна метафора во овој нов роман на Рафаела Жордано. Првата асоцијација кога ја земав книгата в раце ми беше вашата „Зебра“. На блиц ми светна дебатната тв емисијата што ја работевте десет години пред да ја пензионирате. Последните две сезони беа конвергенција меѓу два медиума – телевизија и интернет. Ви надостасува ли телевизијата? Со што го компензирате адреналинот од камерите денес?
ЕП: Да, „Зебра“ беше првата емисија која имеше лајф стрим. Истовремено одеше на ТВ и онлајн. И денес луѓето се сеќаваат на некои од темите кои ги отворавме тогаш кога сите бегаа од нив. Дадовме глас и простор на една цела нова, на јавноста непозната група луѓе, кои ќе немаше како да ги запознаеме ако не беа новите медиуми. Многу млади луѓе кои тогаш полека се етаблираа на социјалните мрежи, своите први медиумски настапи ги имаа токму во „Зебра“, цела деценија пред инфлуенсерството да се развие во неговата сегашна форма. Денес, за жал, кај нас нема повеќе такви дебати, про и контра, со изјави, анализи, компетентни гости и со доволно време за подлабоко истражување и брифирање, со сериозност, но и со доза хумор на своја сметка.
Понекогаш многу ми недостига новинарската работа, предизвиците и адреналинот што со себе ги носи, а понекогаш кога ќе видам некои медиумски проекти си велам подобро што не сум активна. Не би можела да се помирам со нивото на површност што сега се прифаќа за нормално. Имам една интересна идеја на ум и во фаза сум да ги тестирам можностите за реализација, бидејќи сакам повторно да биде свежо и забавно, да не биде веќе видено. Не ми се брза, ако се наместат коцките ќе влезам во продукција, ако не, c’est la vie. Значи, не сум кренала раце од новинарството, треба само да ја најдам формата која ќе ми лежи мене, а ќе му одговара и на овој век.
Во секој одраз на стакло или огледало си давам комплимент, без разлика дали сум со црни подочници или црвен кармин.
АЈ: Во едно интервју на прашањето како ја одржувате линија, одговоривте: „Со феноменална паста што ја подготвува мојот сопруг, француски еклери, италијанска панакота и белгиско чоколадо, справите за вежбање, идеална доза на источна мудрост на медитација и јога вежби. И да, самодоверба, лекцијата и тактиката на која ме научи мојата драга јога инструкторка: никогаш да не пропуштам ниту едно огледало, ниту еден свој одраз во стакло без да си се насмевнам и да си дадам комплимент“. Кога и како научивте да се сакате себе си?
ЕП: Откако наполнив 40 години и откако сфатив дека ја имам слободата што ја посакувам за моите ќерки – да бидам тоа што сакам! Да бидам искрена пред себе и другите за тоа кои сме и какви сме. Да се гледам себе и светот околу мене низ очила чија боја јас ја одбирам.Да зачинам со хумор секогаш кога ќе се укаже прилика и без причини да им давам комплимент на луѓето кои ги среќавам низ денот. Откако сфатив дека квантитетот е убиствен, дека едноличноста е демотивирачка и дека ако сакам денеска сама да пијам кафе, ќе си седнам и ќе уживам. Ако сакам да патувам ќе си купам карта и ќе букирам хотел. Дека можам да го правам она што ме прави расположена, без да ме гризе совеста. И да, и натаму во секој одраз на стакло или огледало да си дадам комплимент, без разлика дали сум со црни подочници или црвен кармин.
АЈ: Пред неколку години бевте копродуценти на филмот „Ефектот на среќа”/“Thehappinesseffect“ во режија на Борјан Зафировски, приказна за универзалната потрага по среќа. Што е среќа за вас?
ЕП: Моите најмили, здрави и расположени, сèдруго се мали работи.
АЈ: Во контекст на познатата мисла на Џон Ленон: „Животот е она што ти се случува додека си зафатен правејќи планови“, како ја инхалирате сегашноста? Каде сте во моментов и што правите?
ЕП: Ги живеам првите денови на пост-одморска депресија, кога психички уште не сум спремна за градот и враќањето на работни обврски. Кога го пазам бронзениот тен да не обели, а куферите намерно не ги собирам, за да не заврши магијата на морето со нив. Се трудам да не читам вести, да не отворам социјални мрежи, сликите од зајдисонцата не ги префрлам во комјутер, си седам со моите книги и белешки по шпански и се спремам полека за новиот семестар, ете некој лимбо момент. Имам замислена граница во главата – 1-ви септември, штета што не е понеделник, ама барем е среда, таман за среќни почетоци на нови проекти (се смее)