Елена Пренџова е авторка на шест книги поезија и уредничка на една антологија на млади македонски поети. Таа важи за една од најнаградуваните авторки кај нас, за што сведочат многуте признанија.
H: Елена, во биографијата стои дека сте „Слемерка. Феминистка. Лилитка. Скопјанка која најмалку дружи со скопјани“. Што ќе дополните на ова, како најчесто се претставувате пред луѓето околу Вас?
Да, тоа се цитати од мои стихови кои прават алузија на моите песни. Мислам дека преку моите песни сум најпрепознатлива, како што впрочем сите автори/ки се најпрепознатливи преку своите дела. Инаку, обично се претставувам со име (без презиме) и со насмевка. Името не значи скоро ништо без ликот, а насмевката кажува сè и зборува и повеќе и од јазикот, па дури и очите.
H:Вие сте предводник на слем-движењето во Македонија? Што значи тоа, за какви активности зборуваме?
Слемот претставува перформативна изведба на авторски текст, некоја хибридна уметност меѓу стендап, рап и рецитирање. Како посебен тип перформативност, бара и посебен стил на пишување. Слем-текстовите, кои не е нужно да бидат слем-песни, треба да бидат ефектни, актуелни, да анимираат, да забавуваат, да остварат двонасочна релација автор/ка-слушатели/ки, треба да се лишени од патетика – особено во слемот нема многу простор за лирични внатрешни емоционални доживувања – слемот е особено привлечен за искажување ставови, социјален активизам и опшетествена ангажираност преку уметност, во конкретниов случај уметноста на (изговорениот) збор.
H: Последното од Вас е „Мини прирачник за поезија“ седма книга по ред. Зошто прирачник, што ве инспирираше за ова издание, почувствувавте потреба?
Мини прирачник за поезија е „прирачник“ во наводници. Всушност, Мини прирачник за поезија претставува книшка (мала книга, мини книга) збирка есеи, ставови и размисли за поезијата. Книгата се случи сосема природно. Во текот на една деценија експериментирање со поезијата и истражувајќи ја, преиспитувајќи се себеси како поетеса, се родија овие есеи кои заслужија да се објават под заеднички наслов. Уште на првите страни, во предговорот- обраќање кон читателите/ките, предупредувам дека никако не смеат да ја сфатат книгата како вистински прирачник и дека иронизирам со насловот. Впрочем, книгата не е ниту (целосно) научно-книжевно теоретска, туку наменета и за компетентни читатели/ки директно засегнати со поезијата, но и за некомпетентни читатели/ки кои чувствуваат некоја стравопочит, па дури и предрасуда кон поезијата.
H: Вие сте надворешен соработник на новоформираното здружение за креативно пишување Writing Studio чии активности почнуваат во март. Како почна сè и која е Вашата улога во целата приказна?
Предвидена е работилница за креативно пишување чија програмска креаторка и менторка ќе бидам јас. Ова ќе биде моја втора работилница за креативно пишување во Скопје (по работилницата за нареалистични книжевни форми од 2015 година и работилницата за поезија во Нови Сад од 2017 година). На оваа работилница ќе се работат ориенталните куси поетски форми: ХАИКУ, СЕНРЈУ (ХУМОРИСТИЧНО ХАИКУ), ХАИБУН, ХАИНАКУ, ЛУН (АМЕРИКАНСКО ХАИКУ), ТАНКА и СОМОНКА.
H: Што ќе можат да научат слушателите на работилницата за кратки ориентални поетски форми која е дел токму од организацијата на Writing Studio?
На часовите преку примери ќе бидат објаснети овие поетски форми, а потоа слушателите/ките ќе пишуваат свои авторски дела во тие форми. Работилницата е наменета за сите оние кои имаат желба да пишуваат, со или без книжевно предзнаење и без разлика дали претходно објавиле нешто свое авторско или не и е предвидена за возрасни слушатели/ки, студенти/ки и средношколци/ки. На неа ќе се стави акцент на креативноста на слушателите/ките и на креативната слобода во пишувањето, и покрај тоа што ќе се работи на поетско насочено мислење во рамките на поетските форми кои ќе се работат. Работилницата не е теоретски насочена, што значи нема книжевно да се обработуваат поетските форми, туку ќе им се пристапи практично. Предвидено е средбите да се случуваат во текот на целиот месец март, еднаш седмично, секој четврток од 20.00 часот и ќе траат по 90 минути. Целта на работилницата е да се поттикне креативноста кај луѓето, да се ослободат да пишуваат и да се охрабрат да излезат во јавност со своите авторски текстови, да ја вежбаат својата менталност (креативното пишување е добра вежба за мозокот) и, секако, да се забавуваат.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.