Од моментот кога сме родени нашето тело развива чувствителна средина составена од микроорганизми. Да се знае кои од нив треба да се чуваат, а од кои треба да се заштитиме е сложен процес што здравиот имунолошки систем лесно го препознава.
Како функционира овој систем кај новороденчињата сѐ уште не е сосема јасно. Научниците засега утврдиле дека механизмите што го штителе нашето тело од одбранбениот систем на нашата мајка продолжуваат да бидат медијатори и во односите со микроорганизмите во првите недели надвор од матката.
Неодамнешна студија на истражувачите од Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија обезбеди нови сознанија за процесот, откривајќи дека мајчиното млеко го промовира растот на важните имунолошки клетки.
„Влијанието на видот на млекото врз развојот на имунолошкиот одговор во првите неколку недели од животот претходно не е проучувано“, вели неонатологот Гергели Толди од Универзитетот во Бирмингем.
Студијата ги следела имунолошките функции на 38 новороденчиња, сите породени со царски рез. Доенчињата се разликувале според тоа дали биле доени, хранети со заменско млеко или добиле комбинација од двете. Биле земени примероци од крвта и изметот при раѓањето и повторно три недели подоцна.
Разликата помеѓу Т-клетките на двете групи – еден вид бели крвни зрнца што помага да се зачува имунолошкиот одговор – била голема. Кај оние коишто биле хранети исклучиво со доење овие клетки биле двојно побројни за три недели, во споредба со оние хранети исклучиво со заменска формула.
Мајчиното млеко им обезбедило на новороденчињата различни антимикробни и хранливи материи кога се прима во регуларни дози и обезбедува одличен развој на имунолошкиот систем способен за борба против инфекции.
Процесот на доење е сам по себе далеку од стерилен. Бебето во себе ја внесува не само микрофлората од кожата на мајката, туку и многу клетки од нејзиното тело. Во тие несигурни рани недели, наплив на туѓ материјал лесно може да го совлада кревкиот имунолошки систем на детето.
Зајакнувањето на Т-клетките е мошне важно во тој период, а механизмите што мајчиното млеко ги има врз овој ефект сѐ уште не се сосема јасни.
Истражувачите во оваа најнова студија забележуваат дека специфични цревни бактерии, за кои се знае дека ја поддржуваат регулаторната функција на Т-клетките, ги има повеќе во дигестивниот систем кај доените бебиња, што укажува на тоа дека нивниот засилен раст може да биде одговорен за развојот на имунитетот.
Важно е да се напомене дека во денешниот свет, изреката „градите се најдобри“ е дополнителен притисок што не го посакуваат многу мајки. Хранењето со заменска формула честопати може да биде непосакувана, но практична одлука. За да се намали стресот или, во многу случаи, едноставно затоа што нема друг избор.
Несомнено е дека во директна споредба на методите за хранење на новороденчињата, мајчиното млеко, примено директно од градите, продолжува да им дава широка предност на новороденчињата.
„Се надеваме дека овој нов непроценлив увид ќе доведе до зголемување на стапката на доење и ќе видиме повеќе бебиња да имаат корист од предностите на мајчиното млеко“, вели Толди.
„Исто така, се надеваме дека за оние бебиња кои се хранат со заменска формула, овие истражувања ќе придонесат за оптимизирање на составот на млекото со цел да се искористи влијанието врз овие имунолошки механизми“, додава Толди.