Пишува: Ана Јовковска
„Поетот е како човек кој, затворен во темна темница, вели: „Има светлина на крајот од тунелот“. Има луѓе за кои малку се зборовите што би ги кажала. Еден од нив е академик Влада Урошевиќ, поет, есеист, романописец, книжевен критичар, преведувач… човекот кој и на 86 години секојдневно ја збогатува македонската книжевност. Еден од најзначајните претставници на модернизмот, добитникот на десетици награди за литература и култура, денес ќе ја промовира својата нова книга Viola arsenica – Белешки за поезијата на свеченото отворање на седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“/„Книжевни ѕвезди“ кој ќе трае од 12 до 15 октомври 2021 година. Во организација на издавачката куќа „Антолог“, а под слоганот „Genresis“ ќе бидат претставени осум европски и еден домашен авор – Влада Урошевиќ. Промотор е Владимир Мартиновски. Книгата е прекрасна! А разговоров… ех кога би можела почесто да имам вакви соговорници…
АЈ: Прашувајќи се за насловот на Вашата нова книга Viola arsenica – Белешки за поезијата, издание на Готен и Македонската академија на науките и уметностите, во која уживав читајќи ја, дојдов до сознанието дека Viola arsenica или Арсеничката темјанушка расте само во краишта околу рудник. И тоа само во Македонија. Тоа е еден убав жолт цвет, но она што е карактеристично за овој вид е што се јавува само на почва што е богата со арсен. На тоа ќе додадете: „Уметноста има некаква врска со негативната енергија на суштествувањето“. Зошто?
ВУ: Да, да не е така, поезијата би се претворила во совети упатени до добри деца, во морални упатства за водење уреден живот, во пофалби на моќниците и политичарите, во укажувања на светлите примери од минатото. За животот на поезијата потребна е мала или поголема токсичност – извесна негативна енергија која ќе ја спаси од дидактичноста и утилитарноста.
АЈ: Од она на Лав Толстој дека „поезијата е сè освен деловните документи и школските книги“, до Вашето дека „поезијата е највисока форма на употреба на јазикот“, што се крие недоречено?
ВУ: Да, добро вели Толстој, „поезијата е сѐ“ – поетичноста, како некаков флуид, ги исполнува сите нешта, сите предмети, сите појави. На поетот му останува да го открие и да го фиксира тој флуид, да го опредмети во зборови. Дотука е сѐ јасно, нели? Но, кога ќе дојде до тоа „опредметување во зборови“, почнуваат тешкотиите. Таа постапка бара напор, бара труд, бара мачно справување со тие проклети зборови кои се само некакви бледи сенки на предметите и појавите. А ако не ги натерате зборовите да излачат од себе некаква магија што може да пренесе барем еден дел од таа енергија на поетичноста која сакате да ја изразите, ништо не сте направиле. За жал, извесен број поети (и кај нас и низ светот) сметаат дека треба само да се вклучи компјутерот, да се седне – и поезијата сама ќе почне да тече. Само во ретките мигови на некои од поетите им успева да го напишат триптихот „Дождови“, да го создадат „Болен Дојчин“ или „Виј“, „Седумте навраќања кон мотивот трепетлика“, „Смртта на бабарот“, „Младичот што спие напладне“. Спонтаната расприкажаност, лежерноста во тонот и употребата на колоквијалниот јазик можат понекогаш да имаат своја привлечност, но она што им успеало на Волт Витмен и на Блез Сандрар, кај многу други поети се претворило во празно редење зборови. Па која е тогаш формулата на вистинската поезија? Во што е тајната на добрата песна? Ех, и да ја знам не би Ви ја кажал (се смее)….
Погледнете ги весниците: на спортот му се посветуваат секој ден по три страници, на културата понекогаш ниту една.
АЈ: Се зачудив кога прочитав дека во вториот век пред новата ера, во Кина, при царскиот двор е формирано Министерство за поезија и музика. Денес тоа е речиси незамисливо. Вие ќе речете: „Новите актери на сцената на општествениот живот станаа поагресивни. И со нивната појава поезијата се претвора во една старовремска скапоценост со избледен сјај“.
На кој нови актери мислите – на политичарите, на инфлуенсерите… на кои?
ВУ: Добро, можеби политичарите би требало да се стават на прво место, Ана. Но и многу други. Погледнете ги весниците: на спортот му се посветуваат секој ден по три страници, на културата понекогаш ниту една. Кој можеше да претпостави дека ќе дојде време кога по весниците крстозборките ќе се појавуваат секојдневно, а поезијата никогаш? Хороскопите се обврзни, песните не се. Сѐ е попривлечно од поезијата! Дали таа стана премногу „тешка“ за обичниот читател? Недоволно забавна? Или, пак, ајде да си играме малку „теории на заговор“: можеби постои таен план на глобално ниво за намалување на влијанието на поезијата. Се сеќавате на филмот на Франсоа Трифо „Фаренхајт 351“ (според романот на Реј Бредбери) во кој со светот завладува режим што си го поставува како цел уништувањето на книгите?
АЈ: Добро се сеќавам на филмот. А се сеќавам и на разговорите со Владимир Јанковски објавени под насловот „Слободата на имагинацијата, верувањето во чудо, правото на игра“ во „Сараевски тетратки“ од 2016 година, каде велите: „Во времињата на моите книжевни почетоци постоеја кај нас повеќе видови притисоци врз уметноста. Не сум сигурен дека и денес не постојат, само се можеби помалку видливи“. Сметам дека треба гласно да зборуваме за сите притисоци и проблеми во општеството. Кои притисоци би ги именувале како најопасни за духот на уметникот/творецот?
ВУ: Притисоци, се разбира, постојат. Политиката никогаш не се помирила со правото на уметникот да создава според законите што му ги пропишува неговата творечка природа. „Скопје 2014“ е тажниот резултат на обидите да биде повторно вратено времето на диригираната уметност. Погледнете што станува и денес во таа област. Разни фондации, со галерии и музеи ставени во нивна служба, пропишуваат, во вид на конкурс, теми на кои сликарите треба да создаваат дела. Пред наши очи се одигрува она што се случуваше во времето кога политичките моќници, таканаречените „идеолози“, раководители на една партија, определуваа чии портрети, кои историски настани, какви „работни успеси“ треба да бидат теми на ликовните дела. Мислевме дека со падот на тие режими исчезна таквата практика. Но, не: сега дојдоа, како нови дневни задачи, „родовите теми“, „односот кон другиот“, „еколошките проблеми“… Немам ништо против таквите теми, но не како пропишана домашна работа. Не се сомневам дека тоа ја чека и литературата, па и поезијата. Пред десетина години тука, во Скопје, една политичка партија ги повика своите приврзаници–писатели и им понуди (со ветување значаен паричен надомест) да напишат романи за судбината на некои „истакнати личности од поновата историја“. Некои прифатија…
Погледнете го Водно: ако вака продолжи, за десет-петнаесет години ќе биде покриено со сѐ поголеми и поголеми згради, сѐ до врвот. Инвазијата е незапирлива, не помагаат никакви закони ни прописи.
АЈ: Ве цитирам: „Помеѓу неколкуте илјади хаику-песни на јапонскиот поет Кобајаши Иса има 230 за светулките, 200 за жабите, 150 за комарците и 90 за мувите. Многу пред појавата на она што денес го нарекуваме еколошка свест“. Каков е Вашиот став за грижата кон природата, особено после пандемијава која година ипол го тресе човештвото?
ВУ: Ова што човекот го прави со нашата планета е тешко злосторство! Големите земји и големите здруженија на капиталот се највиновни. А помалите и посиромашните земји се оние што притоа најмногу страдаат. Нашиот „Западен Балкан“ е очигледен пример. Дивиот капитализам во кој попаднавме (дали моравме? Дали е тоа некаков нужен пат неопходен при развојот, или сме намерно турнати во него?) е немилосрден и опасен. Капиталот во рацете на несовесните поединци само бара можност да се размножи.
Погледнете го Водно: ако вака продолжи, за десет-петнаесет години ќе биде покриено со сѐ поголеми и поголеми згради, сѐ до врвот. Инвазијата е незапирлива, не помагаат никакви закони ни прописи. Секогаш има некој кој е „над нив“ и некој кој одоздола ќе се провлече низ „дупките“. Нештата веќе излегуваат од контрола. Проектите за производство на здрава храна кај нас ќе станат приказни за мали деца – воздухот, водата и почвата се толку затруени што детоксикацијата ќе мора да трае десетици години. Јас тоа го гледам по пеперугите во мојот двор: до пред триесет години долетуваа најмалку петнаесет видови; сега леткаат само обичните бели зелкари (веројатно се најиздржливи). А вилините коњчиња (чии што ларви живеат во застоените води) веќе одамна ги нема. Пестицидите го прават своето. Прскај, прскај, прскај! Па што, ќе рече некој, тоа се само инсекти… Да, но бидејќи речиси нема поголеми бубачки по полињата, птиците редовно одат на ручек по ѓубриштата, па потоа отровот што таму го јадат го исфрлаат врз растенијата – синџирот на причините и последиците, на заемните поврзаности продолжува…
Од мојот двор се гледаат неколку поголеми дрвја врз кои по цел ден седат птици, чекајќи некој да го отвори контејнерот во дворот од болницата во близина. Тие дрвја се сушат, повисоките гранки се веќе наполно оголени, не морам да објаснувам зошто… Загаденоста на воздухот, незапирливиот раст на депониите, уништувањето на околината, климатските промени – тоа се зборови кои веќе никого не возбудуваат, стануваат наше секојдневје, речиси навикавме на нив… Јас сум песимист: ако на големите земји не им дојде умот, ако не се преземат драстични мерки (на кои меѓународниот капитал ќе одговори со најава за отпуштање на милиони работници од фабриките!), ако не се случи чудо – до крајот на овој век Земјата ќе стане жално место за живеење. А оваа пандемија – тоа е само „колатерална штета“ на ваквиот развој на нештата.
Загаденоста на воздухот, незапирливиот раст на депониите, уништувањето на околината, климатските промени – тоа се зборови кои веќе никого не возбудуваат, стануваат наше секојдневје, речиси навикавме на нив…
АЈ: Потсетувате дека ако се свртиме кон минатото, поетската книга Казни на Виктор Иго ја подготви, со својот револт против тиранијата, со својата визија за слободата, Париската комуна. Поезијата на надреалистите го подготви мај 68 во Париз. Кај нас, поетската книга Бели мугри на Кочо Рацин, излезена во 1939 година, неколу години подоцна го најде својот одѕив во борбите за националната слобода и социјална правда. Во контектс на ова ќе прашате: „Дали можете да замислите, овие денови, дека еден поет би можел да се обиде да ги мири завојуваните страни на Сирија или Ирак? Каква би можела да биде улогата на поезијата во однос на драмата на огромниот миграциски бран што се одигрува пред нашите врати?
ВУ: Не само што поезијата загуби од својата моќ да влијае врз она што што се случува, туку и самиот поет ја загуби илузијата за таа моќ. Затоа современата поезија зборува денес најмногу за самата себеси. Тоа воопшто не значи дека станала подобра или полоша. Таа, наспроти сѐ, останува, „највисока форма на употреба на јазикот“ и тука не може ништо да ја замени. А фактот дека сѐ уште низ светот еден број млади луѓе секојдневно се определуваат да пишуваат стихови, значи дека во таа активност постои некаква внатрешна, неодгатната смисла.
Завршувам еден роман (мојот најобемен роман – 350 страници), но не господарам во целост со она што тлее во подземјето на мојата писателска работилница.
АJ: Велите: „Поезијата е еден вид есенција на духот. Во прозата морате да употребите „поврзувачки елементи“ што често пати се само еден вид конвенции што играат улога на мостови кои спојуваат двекреативно успешни места. Не пишувам често стихови. За да се создаде песна таа треба долго да се кристализира во вас“. Што се кристализира во Вас во овој момент?
ВУ: Тој процес на кристализација е еден „подземен тек“. Не сакам да мистифицирам, но сепак можам да речам дека не господарам во целост со она што тлее во подземјето на мојата писателска работилница. Завршувам еден роман (мојот најобемен роман – 350 страници!), а она што се најавува како натамошна работа е толку нејасно и кревко што не се осмелувам ни пред себеси да го дефинирам. Можеби е најдобро да оставам самите елементи, што по некои само ним познати закони се соединуваат во тој алхемиски процес, да се спојат во некаков резултат.
Политиката никогаш не се помирила со правото на уметникот да создава според законите што му ги пропишува неговата творечка природа.
АЈ: Пишувавте за тоа дека Блаже Конески се залагал за „магијата на заумноста“, а Иво Андриќ излегува дека пишувал „дадаистички“ песни! На шега ќе речете: „Ни најсеризоните, понекогаш, не можат да ѝ одолеат на опивачката моќ на играта!“
Која игра Ви е највозбудлива денес?
ВУ: Набљудување на смената на годишните времиња: промена на формата на облаците, на интензитетот на светлината, на вегетативните циклуси. Околу нас постојано се случуваат возбудливи чуда, а ние толку малку време им посветуваме на тие игри, огромни, несфатливи… кружењата на планетите, нивните вртења околу оската, изблиците на магмата високи по десетици илјади километри, бурите врз морињата од метализиран водород под корупката на тие планети… Цел космос околу нас игра некаква неверојатна игра (чија смисла нема никогаш да ја разбереме) а ние тука, долу, се заплеткуваме во ситни и бесмислени дреболии…
АЈ: Во едно интервју со Лидија Капушевска-Дракулевска од „Секоја средба со Влада Урошевиќ е чудесна!“ во „Културен живот“ од 2019 година го цитирате Рилке: „Стиховите не се, како што луѓето мислaт, чувства – стиховите се искуство…“ Па ќе речете дека „она од што настануваат стиховите долго се напластува во нас, поминува низ селекции, трансформации, ферементира, се згуснува. Поезијата е секавично сознание дека вселаната може да се сфати и преку едно зрнце песок“.
Кога го најдовте Вашето зрнце песок преку кое го разбирате човекот и светот?
ВУ: Чувството дека сте дошле до тоа зрнце песок најмногу е присутно во младоста. Еднаш, одамна, во почеток на шеесеттите години, возејќи се со градски автобус, ми дојде, изненадно и секавично, една таква песна. Морав да ја запишам, за да не испари. Бидејќи немав при себе ни парче хартија, ја напишав врз автобускиот билет. Ми се чинеше дека станува збор за нешто исклучително важно и дека ќе изгубам извонредно многу ако не го запишам. Таквите мигови тешко можат да се опишат и да се именуваат. Откровение? Епифанија? Просветлување? Потоа тие стануваат сѐ поретки. Но потрагата по нив продолжува.
АЈ: „Изненадувањето, скршнувањето кон неочекуваното, е најдобар спас од баналното“. Какви скршнувања Ве возбудуваат денес?
ВУ: „Скршнување кон неочекуваното“ е одбивање да се следи навиката, рутината, изгазената патека. Тоа може да се случи на јазичен, стилски, тематски план – зависи од многу нешта. Но важно е да не се повторувате себеси, да не пишувате како што сите очекуваат дека ќе пишувате. Да ги изненадите другите е едно убаво чувство, да се изненадите себеси – уште поубаво!
Да ги изненадите другите е едно убаво чувство, да се изненадите себеси – уште поубаво!
АЈ: Ако се препуштите на диктатот на потсвеста, што би напишале во моментов?
ВУ: Ех, кога тоа би било толку лесно! Штом сте го вклучиле компјутерот, сте ја вклучиле и свеста (се смее). Се разбира, можам да имитирам некаков диктат на потсвеста, но тоа ќе биде направено со свесна намера, резултатот ќе биде симулација, мистификација. Извонредно е тешко да избегате од таа контрола што ја има нашето супер-его. Еден дел од свеста, оној што останал буден, ги контролира дури и нашите соништа. Затоа тие зборуваат низ еден скришен јазик, низ јазик на симболи, низ слики кои имаат тајно значење за кое зборува Фројд, од чии теории се одушевував во младоста.
Кога зборував со една психоаналитичарка, ѝ кажав дека мошне често сонувам соништа кои како да не ми се случуваат мене – како некој друг да ми ги раскажува, или како да присуствувам на театарска претстава, како да гледам филм. Таа ми даде интересно толкување: ми рече дека мојата потсвест е свесна, дека сум ги читал Фројд и Јунг и дека знам по нешто за клучевите што ги откриваат вистинските значења на некои од тие симболи. Затоа, мојата ценета потсвест си создава алиби, велејќи (во мое име): „Ова не ми се случува мене, јас не ги искажувам со ова своите скриени желби, па затоа и не одговарам за нив. Во ова што се случува јас не сум учесник, туку само набљудувач, не ме обвинувајте мене.“
АЈ: Кои болки Ви го растреперуваат срцето?
ВУ: Минливоста на сѐ.
АЈ: Што Ве прави среќен?
ВУ: Чувството на постоење. Животот е чудо – се разбира, не сум прв што тоа го вели, но тоа е нешто што себеси треба да си го повторуваме секој ден. При утринското миење заби, да речеме.
Извонредно е тешко да избегате од контролата што ја има нашето супер-его. Еден дел од свеста, оној што останал буден, ги контролира дури и нашите соништа.
АЈ: После сè како ја разбирате слободата на творештвото?
ВУ: Слободата во творештвото не ја поврзувам само со политиката. Таа е нешто многу пошироко – таа е стремеж за отфрлање на калапите, желба да не им се робува на каноните. Се сеќавам, многу одамна, кога ја објавив збирката „Ѕвездена терезија“, и во неа еден циклус песни во проза под наслов „Месечината, сестра земјина“, еден постар критичар ми кажа, гневно, со желба да ме навреди, дека тоа што јас го пишувам во тој циклус „во никој случај не е поезија!“ Тој не беше свесен колкав комплимент ми беше направил, и колку бев среќен поради тоа што не пишувам нешто што, според него, би било „вистинска поезија“! Да се биде различен, да се биде свој – тоа е вистинската слобода! Денес посакувам да има некој што тоа пак ќе ми го рече за некоја моја нова книга.
АЈ: Ме трогна вашата анализа дека пред шеесетина години збирка на македонски поет беше објавувана во две илјади примероци, а денес – во двесте или триста. Уште повеќе тоа дека „поезијата е како некој редок заштитен вид кој за да преживее се сместува во резерват“. Чаре?
ВУ: Суштината е во судирот: егзактните науки против хуманистичкото образование. Во тој судир, поради утилитарноста (која почнува да станува водечки принцип на овој свет) хуманистичкото образование секаде се потиснува. Се смета дека за учениците и студентите ќе биде подобро да учат физички закони и хемиски формули, отколку да учат да рецитираат стихови или да се упатуваат во длабоките значења на некое ликовно или музичко дело. Со тоа на човештвото му се заканува прикриена роботизација. Образованието ќе подготвува стручњаци кои ќе бидат наполно посветени на својата професија и нема да имаат ниту време, ниту образование, ниту желба да размислуваат за нештата поврзани со суштинските прашања на човечката егзистенција, за смислата на своето постоење на земјава и за можностите некои нешта во устројството на светот да се променат. На идните општества ќе им требаат луѓе кои нема да размислуваат за ништо друго освен за практична примена на своите знаења!
Прашувавте за лекот. Тој ќе може да се најде само во промената на генералната насоченост на човештвото. Ќе има ли тоа сили за една глобална духовна револуција?
АЈ: Ќе видиме… И ако од ништо немате толку страв колку од кажувањето на безброј пати повторуваните нешта, тогаш што би кажале за крај, а за прв пат во ова интревју што не сте го кажале никогаш или никому порано?
ВУ: Би сакал да сум на Ваше место, Ана, па јас Вам да Ви поставам неколку прашања. Но без дозвола да ги премолчувате одговорите!
Фотографии: Роберт Јанкулоски и приватна архива