Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Луѓето сè уште зборуваат за вашиот извонреден документарен филм „Медена земја“ (“Honeyland“) кој е поезија во филмски кадри. Крикот на природата низ животот на неколку скромни и сиромашни луѓе. Со филмот го отворивте проблемот за припадноста на човекот кон природата и неговото алчно и прекумерно искористување на ресурсите со што се нарушува природната еко-рамнотежа. Ова е една од најважните лекции што се пропушта во големите градови, „егоцентричните, пренаселени, консумеристички центри што влечат сè кон себе како црна дупка“. Кои теми ве провоцираат сега низ новите филмски проекти? За што ви е важно да зборувате низ вашиот филмски јазик Тамара?
ТК: „Медена земја“ е една бесмртна приказна. Не само што луѓето сè уште зборуваат за таа приказна, туку филмот не престана да оди и по големи фестивали. Пред некоја недела имаше премиера во Токио, каде ние, авторите, не можевме да присуствуваме поради обврски со новите филмови и бевме поканети на онлајн Q&A, а неодамна ме поканија да одам и на проекција во Лондон на 9 ноември, па морав да откажам поради премиерата на новиот филм „Патување пеш“ (“The Walk“) во Њујорк, што се случуваше токму на истиот ден. Некои велат дека филмовите се како деца бидејќи посветуваш исто внимание да ги „износиш и израснеш’’ и притоа им ја даваш целата своја љубов и посветеност, грижа и страв за нивното постоење. А кога еден авторски филм живее долго и не престанува да расте и да патува, чувството дека тоа е жив организам кој си го создал како свое дете е неминовно.
Темата за човековата алчност и дисконекцијата на човекот со природата секогаш ќе биде тема за која сакам да зборувам и да ја анализирам преку филмски приказни, бидејќи тоа е нешто што ме мачи пред сè мене лично во секојдневието, како некој кој е израснат со став дека колку си поблиску до природата толку си поблиску до себе. Моја тема во новите филмови повторно се големите градови, егоцентричните, пренаселени, консумеристички центри што влечат сè кон себе како црна дупка наспроти малите места кои се повеќе се празнат и напуштаат, а со тоа неповратно изумира цела една ризница на знаења и вистини, еден здрав светоглед и однос кон суштината на животот која лесно се губи кога сите сме стиснати во конзерва.
“The Walk“ („Патување пеш“) беше едно помрднување од темата која вообичаено ја обработувам низ различни призми, но повторно – тема за миграција и потрага по припадност, која ми е блиска и важна.
Моја тема во новите филмови повторно се големите градови, егоцентричните, пренаселени, консумеристички центри што влечат сè кон себе како црна дупка наспроти малите места кои сè повеќе се празнат и напуштаат, а со тоа неповратно изумира цела една ризница на знаења и вистини, еден здрав светоглед и однос кон суштината на животот која лесно се губи кога сите сме стиснати во конзерва.
АЈ: Бевте првата авторка/автор од Македонија која беше поканета на Венецискиот филмски фестивал во септември да одржи говор за филмови што имаат моќно социјално влијание. На настанот “Lights Camera Impact“ одржaвте говор за моќта на филмот како медиум да прави промени во општеството и ја најавивте светската премиера на вашиот нов филм “The Walk“ што се случи на 9 ноември на најголемиот и најстариот фестивал за документарни филмови во Америка – DOC NYC во Њујорк. За возбудата меѓу Венција и Њујорк?
ТК: Вестите и за двата настани ги дознав во јули додека бев во Лондон кога ја завршувавме постпродукцијата на “The Walk“. Возбудата беше незамислива бидејќи и двата фестивали се сами по себе едни од најголемите признанија во филмскиот свет. Поканата од фестивалот во Венеција беше најубавото признание за мене, како авторка, дека го пробивам вистинскиот пат. Беше на исклучително високо ниво и имав чест во живо да ја запознаам Амал Клуни, една од најжестоките меѓународни адвокатки за човекови права. За Њујорк доживеав голема возбуда и многу спомени кое ме врзуваат со тој град од 2020 година, кампањата за оскарите за „Медена земја“, како и многубројните приватни патувања од сите периоди во животов. Сè ми е како повторување на една прекрасна епизода која започнува од ново (се смее).
АЈ: По премиерата на „Патување пеш“ во Њујорк не стивнуваат одличните критики за филмот. „Ефективна фузија на политичка итност и поетска креативност на режисерката на „Медена земја“, со ваков наслов осамна „Холивуд репортер“, по светската премиера на „The Walk“ („Пaтување пеш“) на големиот фестивал за документарци DOC NYC. Снимајќи го филмот, во обидот да се репродуцираат конкретни тешкотии на бегалците на конкретни места патувавте деведест дена, секој ден, без престан. Рутата на движење започна од сириската граница, од Газиантеп како почетна точка низ Турција, Грција, Медитеранот, Италија, Швајцарија, Белгија, Франција… па сè до Манчестер во Англија. Ракажете ни повеќе за ова исклучително искуство….
ТК: Ќе ви раскажам…. Британската продукција GRAIN ни ги купува авионските карти за Газиантеп преку ноќ и утрото на 26 јули 2021 г. ме буди призор од најголемото бегалско маало на турско-сириската граница кое ме остава без здив. Го следам летот на тренираните гулаби кои кружат во густата прашина на изгрејсонцето – традиција која сиријците си ја пренеле преку граница и која е единствениот допир со слободата за нив во тој момент. Летот на тие тренирани расни гулаби стана симбол на овој филм.
Од овде до Манчестер патешествието ќе го доловам низ серија фотографии:
Папетерите беа свет за себе и го постигнаа невозможносто, останувајќи присебни пред сите изненадувања и непредвидливи ситуации со кои се соочувавме по пат и во ниту еден момент не излегоа од улогата на Амал, дури ниту кога грчките православни радикалци маваа со камења по Амал и патот ни беше попречен од масовни протести.
АЈ: Главниот лик во документарецот е марионета, кукла од три метри што го претставува бегалецот, конкретно 10-годишното сиријско девојче Амал од Алепо. Од она малку што знам за конструкцискиот куклен театар е дека папетерите ги движат конструкциите за да функционираат како еден оргазнизам. Како беше да се работи една толку сурова судбина со конструкциски театар пред камера?
ТК: Дефинитивно беше најтешкото визуелно искуство до сега. Тоа што Амал беше триипол метри воопшто не им олесни на кинематограферите кои во секој поглед се бореа за своите кадри. Кога не се бореа со височината на Амал, се бореа со огромниот број папараци кои ја следеа Амал како поворка во секоја земја и понекогаш прошетките на Амал и театарското шоу низ поголемиот број од градовите изгледаше како арена во која се борат разни камери, секој за својот кадар. Токму поради тоа сметам дека кинематограферите на овој филм, Жан Дакар и Самир Љума, беа извонредни во својата посветеност и креативност. Навистина го извадија максимумот од визуелното искуство на Амал. Од друга страна пак, папетерите кои беа свет за себе, го постигнаа невозможното, останувајќи присебни пред сите изненадувања и непредвидливи ситуации со кои се соочувавме по пат и во ниту еден момент не излегоа од улогата на Амал, дури ниту кога грчките православни радикалци маваа со камења по Амал и патот ни беше попречен од масовни протести, а ниту пак кога неколку пати на силен дожд и невреме во Белгија и Британија Амал се лизна и падна заедно со папетерот кој ја оперираше внатре. Велеа, тоа е она што би го направило и вистинското сиријско девојче – што и да и се случи по пат, таа е приморана да продолжи понатаму.
АЈ: Се чини дека темата за невдоменоста и миграцијата ве прогонува низ повеќето филмски проекти. Која е носечката фабула на вашиот друг филм „Човек против јато“? И до каде сте со ова филмско дело?
ТК: „Човек против јато“ е мојот трет долгометражен филм, а прв игран филм и во моментов освен Македонија како копродукции ги имаме Турција, Црна Гора, Хрватска и Грција, а го добивме и престижниот европски фонд Euroimage со бараниот максимум, и притоа проектот и сценариото беа оценети на почесното трето место од вкупно 111. Филмот ја обработува темата на кинеското влијание во Македонија и на Балканот, и како градењето на еден кинески интернационален автопат во Македонија всушност отуѓува една фамилија едни од други. Во моментов е во фаза на предпродукција. Еве неколку ексклузивни фотографии од подготовките:
Домот е онаму каде најмногу ги познавам приказните и за каде најмногу можам да ги раскажувам истите. Домот е поднебјето за кое ме врзува најголемата радост, но и она за што чувствувам болка.
АЈ: Во процес сте на темелно и длабинско еколошко истражување за потребите на новиот филмски проект „Wings of Waste“. Една од последиците на глобалното затоплување и другите климатски процеси коишто ја нарушуваат еко-рамнотежата на планетата се забележува и во променетите рутини на штрковите. Ги следевте штрковите на депониите каде што одат да се хранат, често умирајќи од пластика. Покренавте голем истражувачки процес и соработка со еколошките организации. Што доживеавте и што научивте во меѓувреме?
ТК: „Wings of Waste“ е новиот документарец кој го истражувам и снимам изминатава година и повторно се занимава со миграција и природа. Овој пат се работи за влијанието на човечката миграција врз природата и останатите животни суштества. За тоа како со пренаселеноста во големите градови и приклонувањето кон консумеризмот, општествата продуцираат огромни количини на ѓубре што ги претвора и другите животински видови во консумери, па така штрковите престануваат да мигрираат во потоплите краишта и остануваат да се хранат по депониите, притоа завршувајќи мртви. Нашата најпозната фолклорна легенда за Силјан, човекот што се претворил во штрк, е земена за главна инспирација што ја врзува оваа универзална тема со нашето поднебје. Во митот за Силјан, човекот кој се претворил во штрк и избегал од дома поради клетвата од татко му, после долго време решава да се врати назад во родното село, за да се помири со татко си и повторно да се соедини со фамилијата. А во овој документарец кога вистинскиот штрк Силјан мигрира назад во Македонија, сфаќа дека сè е сменето, речиси сите се иселени од селото, а плодните земјишта се претворени во депонија.
Нашата најпозната фолклорна легенда за Силјан, човекот што се претворил во штрк, е земена за главна инспирација што ја врзува оваа универзална тема со нашето поднебје.
Главни ликови во приказната се токму овој штрк којшто откако ќе си го скрши крилото останува да преживува на локалната депонија и еден старец кој работи на депонијата и кој го вдомува штркот. Документарецот е модерна верзија на Силјан штркот кој си го препознава татко си во стариот локалец кој работи на депонијата и чиј син е економски мигрант кој нема намера никогаш повеќе да се врати во напуштеното село. Старецот го пронаоѓа во штркот својот нов син. Во суштина, приказната е за вечната симбиоза меѓу човекот и природата и штетните последици од непочитување на таа симбиоза. Ние живееме целосно несвесни за тоа дека човечката миграција во големите градови и слепото препуштање на консумеризмот создава „chain of reactions“ врз сите живи суштества, претворајќи многу од животинските видови од ловци во консумери кои најпосле изумираат. Тоа е само огледало што ќе се случи со човекот.
Документарецот е модерна верзија на Силјан штркот кој си го препознава татко си во стариот локалец кој работи на депонијата и чиј син е економски мигрант кој нема намера никогаш повеќе да се врати во напуштеното село.
АЈ: И бидејќи „Wings of Waste“ е повторно приказна за миграциите… за замирањето на преселбите на птиците во топлите краишта, за депониите и пластиката, за нарушувањето на еко системот, за вистинското и метафоричното ѓубре… филмот ја отвора темата за домот или дводомноста како што рековме преку метафората на Силјан Штркот. Каде ви е најмногу дома Тамара?
ТК: Сè уште сметам дека домот ми е во Македонија и покрај сите патувања и отсуства. Домот е многу повеќе од физичко место на живеење. Дом е чувство на припадност, на суштинско познавање на околината и локалниот менталитет, а како авторка после толку различни филмски искуства и снимања надвор од земјава можам да кажам дека домот е онаму каде најмногу ги познавам приказните и за каде најмногу можам да ги раскажувам истите. Домот е поднебјето за кое ме врзува најголемата радост, но и она за што чувствувам болка. Дом е местото за кое нè боли! Местото кое посакуваме да го промениме на подобро. Најпосле, дом е онаму каде човек е најспособен да влијае и да направи промена. Македонија засекогаш ќе биде моето примарно поле на инспирација, без разлика дали физички живеам тука или не.
АЈ: Светот се измори од лажни херои. На светот сè повеќе му треба Атиџе да го излекува од автоимуната болест“, ми рековте во едно интервју што го правевме пред неколку години. Кои се лажните херои денес?
ТК: Тик токерите!
АЈ: За крај ќе го цитирам Чарли Чаплин: „Потребна ти е моќ само кога треба да направиш нешто лошо. Во други случаи љубовта е доволна за работите да се направат.“ Како ја дефинирате моќта, а како љубовта?
ТК: Нема моќ без љубов, а има љубов без моќ. Мене љубовта ми е најважната компонента и суштинска за да создадам што било и за работоте да имаат смисла.