Во рамките на едицијата „Приказни што нè обединуваат“, ПАБЛИШЕР ја објави „Славната инвазија на мечките на Сицилија“ од Дино Буцати со која повторно се поврзуваат децата преку литературата“. Оваа необична бајка, збогатена со илустрации од самиот автор Буцати, е во превод на проф. д-р Радица Никодиновска и поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Еден ден двајца ловци го крадат малото мече Тонио во планините, каде што живеат мечките. Кралот Леонцио е скршен поради загубата на своето синче, но нема друг избор освен да ја прифати тажната реалност… Доаѓа студена и гладна зима, па свесни дека нема што да изгубат, мечките ќе одлучат да слезат во градот. Војувајќи со Надвојводата на Сицилија, низ многу битки и опасности, средби со крволочни чудовишта и духови, мечките на крајот ќе успеат да извојуваат победа и да го најдат изгубениот Тонио. Но и победата има цена…
Ова е дело кое пркоси на класичниот раскажувачки израз – Буцати го опишува апсурдот на војната, но и едноставниот живот во планината наспроти човечката хаотичност и алчност во градот. „Славната инвазија на мечките на Сицилија“ е бајка за вечната борба меѓу доброто и злото, приказна за вистинските вредности во животот.
Италијанскиот писател, новинар, драматург, либретист и сликар Дино Буцати е еден од најпознатите италијански писатели. Новинарското искуство му нуди цел репертоар теми кои ќе се најдат во многу негови дела. Во 1933 г. го објавува својот прв роман Барнабо од планините, а по само две години и Тајната на старата шума. Потоа следуваат: Татарска пустина, збирката раскази Страв во скала, Токму во тој момент, Падот на Баливерна и други. Со збирката Шеесет раскази, во 1958 г., Буцати станува добитник на престижната награда Стрега. Неговите најубави раскази се објавени во збирката Продавница на тајни.