Ведра и секогаш расположена да го пренесе своето знаење, Проф. Д-р Ана Фрицханд – раководител на Институтот за психологија од Филозофскиот факултет во Скопје одвои време и ни пренесе дел од своето богато искуство.
Со објавени повеќе од дваесет научни трудови, како и една меѓународно објавена книга, таа своето знаење го пренесува со многу љубов и големо внимание, а студентите уживаат на нејзините предавања.
H: Неколку пати се најдовте на првите места во онлајн анкети за најдобри професори на Филозофскиот факултет. Студентите сакаат да Ве слушаат и да учат од Вас, а во исто време успевате да го задржите својот авторитет. Што мислите дека најмногу придонесува за ваквите резултати?
Успехот на професорот се гледа преку успехот на неговите студенти. Секоја генерација е различна, но едно е заедничко за повеќето од нив – ја сакаат својата идна професија. Оттука, верувам дека тоа е една од главните причини и за мојот успех како професор, бидејќи кога работите со мотивирани студенти кои концентрирано и насочено ве слушаат, полесно им ги пренесувате наставните содржини. Воедно, фактот дека на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, секоја академска година, во континуитет, се запишуваат средношколци со највисок училишен успех, е уште еден аспект кој ги поттикнува и професорите од овој институт да го дадат најдоброто од себе, со оглед на тоа што очекувањата на студентите од квалитетот на наставата се мошне високи. Во текот на моите предавања и во мојата работа генерално, секогаш градам однос со студентите кој се заснова врз доверба и меѓусебно почитување, врз коректност, доследност, непристрасност и објективност. Притоа, примарно ми е да бидам позитивен модел за тоа како треба да се однесува професор, психолог и пред сѐ, човек. На крајот, но не помалку важно – на час секогаш влегувам насмеана.
H: Со оглед на тоа дека предметот Развојна психологија го опфаќа и развојот на фетусот од самото зачнување и продолжува сѐ до смртта на поединецот, дали би рекле дека она што мајката го прави во текот на бременоста на некаков начин потоа се манифестира во развојот на личноста?
Преднаталниот период е мошне важен за севкупниот развој на поединецот во текот на целиот живот. Според тоа, односот на мајката кон своето се уште неродено дете и нејзиниот став кон бременоста, се суштински за оптималниот развој и здравје во првите девет преднатални месеци, но и по раѓањето. Теоријата и емпиријата недвосмислено покажуваат дека мајките кои ја прифаќаат својата бременост и свесно и несвесно, кои доследно и одговорно се грижат за сопственото здравје во текот на бременоста и кои се психички подготвени да бидат мајки (значи дека се гледаат и прифаќаат себе си во улогата на мајка), многукратно позитивно влијаат врз преднаталниот развој на нивните деца. Ова е така, од причина што во овој период, мајката и бебето се меѓусебно поврзани на повеќе начини – физиолошки, емоционално, емпатски, преку поведенија итн. Секако, суштински е квалитетот на односот помеѓу мајката и детето и по раѓањето, особено во раната возраст, но и подоцна во животот. Во таа насока, клучно е не само мајката, туку двата родитела, со своето дете да изградат сигурно социоемоционално врзување, да воспостават синхронија во меѓусебната емоционална интеракција, да негуваат квалитетна комуникација, да овозможат услови за непречен развој на детето во сите развојни домени и слично.
H: Психолошките вежби се задолжителен дел од студирањето психологија и можат да бидат навистина корисни и за личниот развој на студентите. Меѓу првите вежби кои ги задавате на студентите е да го запишат своето прво сеќавање. Дали мислите дека она што луѓето го паметат како прво сеќавање од детството е навистина прво сеќавање?
Првите релативно трајни записи во меморијата кои се најчесто од емоционална природа, се јавуваат во раното детство, поточно некаде околу 3-та година. Истражувањата покажуваат дека кај некои поединци (почесто во детството и адолесценцијата) тие можат да се јават и пред оваа возраст, додека кога биле испитувани возрасни лица, сеќавањата најчесто досегале некаде до 6-та година од животот. Содржините на првите сеќавања се воглавно поврзани со одредени семејни случувања (пр. родендени, патувања итн.), со деновите поминати во градинка, или со некој друг настан кој оставил силен впечаток во детството. Трајноста и силината на сеќавањето во однос на деталите е различна кај секој поединец. Така, некој со сигурност и голема прецизност може да го опише местото, контекстот, времето и другите значајни аспекти од настанот на кој се сеќава, додека некој друг ги соопштува само контурите на сеќавањето. Се разбира, некогаш станува збор за т.н. лажно сеќавање кое е формирано по пат на асоцијација со некоја друга содржина на која се сеќаваме и која ја позиционираме во време и место за кое веруваме дека се случила, иако реално можеби не се случила „тогаш“ и „таму“.
H: Дали би рекле дека границата на детскиот развој е поместена за разлика од порано, како последица на модерното живеење и што би издвоиле како најголем виновник за таквиот успорен психолошки развој кај сѐ повеќе деца?
Гледано од сегашна перспектива, а споредувајќи со времето кога се креирани едни од најрелевантните теории за развојот на детето, може да се каже дека границите во развојот на одредени способности, вештини и умеења кај децата денес се поместени. Притоа, праксата покажува дека некои се спуштени на помала возраст, додека други се јавуваат нешто подоцна од што било случај во претходните генерации. На пример, познат е т.н. Флинов ефект, според кој секоја следна генерација има за неколку единици повисок резултат при мерење на интелигенцијата, од претходните генерации. Исто така, поради брзиот технолошки развој и сѐ пораното изложување на децата на електронските уреди, се забележува дека тие мошне рано учат умешно да манипулираат со таблети, далечински управувачи, мобилни телефони, лап-топи и слично. Поради ова, меѓу другото, порано се развива визуелниот стил на учење. Сепак, современиот начин на живеење има и своја темна страна, која се гледа во низата негативни ефекти по развојот на децата и адолесцентите. Така, зголемен е бројот на деца кои се соочуваат, на пример, со проблеми со концентрацијата, со нарушувања во спиењето, или со задоцнет развој на говорот. Од друга страна, кај адолесцентите и младите, во пораст се случаи на анксиозни и депресивни расположенија и состојби, панични напади, нестабилен развој на сликата за себе и идентитетот во целина. Исто така, и кај децата и кај адолесцентите во пораст е меѓуврсничкото насилство, зависноста од социјалните мрежи и видео игрите, присуството на седентарен животен стил поради намалената физичка активност уште од рана возраст, што неизбежно го засега оптималниот развој на мозокот. Со оглед на сето наведено, јасно е дека не може да се издвои само еден – „најголем“ – виновник за овие појави и состојби, туку потребна е системска промена во сите важни аспекти од животот и процесот на социјализација, кои влијаат врз и го насочуваат растот и развојот на децата и адолесцентите.
H: Зошто се појавува депресија, дали е последица на психолошкиот развој за време на детството или пак станува збор за нешто друго?
Причините за појава на депресија се различни, а степенот на нејзина изразеност варира од поединец до поединец. Таа претставува мошне комплексна состојба на која задолжително треба да ѝ се пристапи темелно и со внимание. Некогаш причина за депресија може да биде стресот, потоа дисбалансот на одредени невротрансмитери во мозокот, нарушеното физичко здравје, тешката или терминална дијагноза со која некој поединец се соочува. Во други случаи главен тригер е некој акутен и неочекуван животен пресврт, генетиката, односно семејната историја на депресија, злоупотребата на супстанции, социјалната изолација, тешките лични конфликти и/или конфлики со други луѓе, долгото и трауматично тагување, лошата исхрана итн. Раните негативни и непријатни искуства во животот, како што се, на пример, физичкото, психичкото, емоционалното и други видови на злоставување, секако дека можат да бидат дел од причините за манифестираната клиничка слика подоцна. Понекогаш, пак, причините за јавување на депресија кај конкретен поединец може да бидат недоволно јасни и познати.
H: Кои се првите, навидум незабележливи знаци за депресија и дали може на некој начин да се спречи доколку рано се детектира?
Колку порано се препознае оваа состојба (но и секоја друга), толку порано може да се започне со интеревенција во насока на нејзино подобрување и надминување. Ова правило генерално важи за сите аспекти од развојот на поединецот – колку нешто порано се препознае, стимулира или превенира, толку прогнозата е подобра и поперспективна. Во однос на депресијата, меѓу првите знаци најчесто се наведуваат губење интерес за работи за кои поединецот порано бил мошне заинтересиран, чувство на безнадежност и бесперспективност, повлекување од социјалните интеракции и осамување, губење на апетит и пад на енергијата, промени во спиењето, проблеми со концентрацијата и фокусот итн. Овде, од исклучителна важност е да се нагласи дека ваквите симптоми можат да бидат дел од минливи состојби кои, на пример, го придружуваат искусувањето на неуспех во одредени полиња и аспекти од животот на поединецот и не мора воопшто да прераснат во депресија доколку тој/таа успее да ги надмине и на конструктивен начин да се справи со нив. Сепак, во стручната литература се посочува дека колку е поголем бројот на присутни симптоми, колку се тие посилни и подолготрајни, толку е поголема веројатноста дека потенцијално станува збор за депресија.
H: Дали Вие како психолог, поддржувате терапија со медикаменти доколку е поставена дијагноза за клиничка депресија кај возрасни лица?
По однос на конкретново прашање сметам дека е многу порелевантен ставот на психијатрите, со оглед на тоа што психолозите не препишуваат медикаменти. Психологијата, поточно психотерапијата е интегрален и мошне значаен аспект од третманот на депресијата. Мојот личен став е дека во случаи кога постои дијагностицирана и потврдена клиничка слика на депресија, одредена медикаментозна терапија препишана од стручно лице, во комбинација со соодветна психотерапија, е потребна за подобрување и успешно надминување на севкупната состојба.
H: Што најмногу од Вашето стручно познавање успевате да го примените во приватниот живот, пред сѐ во улогата на мајка?
Родителството е најголемиот предизвик во животот на поединците кои се родители. Ова го велам затоа што секојдневната пракса како родител, некогаш ве соочува со ситуации во кои целото ваше теоретско и емпириско знаење не помага потполно да се справите на начин кој сметате дека е најдобар и најконструктивен. Оттука, родителството е процес на постојано учење, надградување, прилагодување, следење на потребите и динамиката на детето. Односот родител-дете е двонасочен, динамичен, инспиративен, па затоа родителите треба да бидат најдобриот можен модел за своите деца, бидејќи децата многу повеќе го повторуваат и учат тоа што го гледаат во однесувањето на своите родители, отколку тоа што родителите декларативно им кажуваат дека треба да го прават и знаат. Во мојот случај, секако дека деталната упатеност во областа во која професионално работам – развојната психологија – и познавањето на развојните норми и карактеристики на различните возрасни периоди, значително ми помагаат во улогата на мајка и ми олеснуваат рано да препознаам, навремено и соодветно да реагирам, да очекувам и доколку е потребно да превенирам ситуации, реакции и состојби кои би можеле или развојно се очекува да се појават. Па сепак, како некој кој се занимава со академска психологија, сакам да нагласам дека теоријата никогаш не е и не може да биде буквално пресликана во пракса. Оттука, она што почесто се случува се „варијации на тема“, кои бараат континуирана отвореност на умот, концентрација, способност за активно слушање и разбирање, сигурност во реакциите и донесените одлуки и секако, постојано себе-преиспитување со цел да се биде што подобар и поуспешен родител со секој нов ден.
Подготви: Маја Здравеска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.