Силвија Плат е една од најпознатите поетеси на сите времиња. За време на нејзиниот многу краток живот таа напишала многу искрени, потресни и автобиографски стихови и раскази.
Таа е родена во 1932 година, а нејзиното најпознато дело е „Стакленото ѕвоно“ (The Bell Jar) што е полуавтобиографска книга за нејзината борба со клиничката депресија.
Силвија страдала од депресија во текот на својот живот, а во 1950 година добива престижна стипендија и влегува на Smith College каде што останува до 1953 година. Дипломирала на Smith College во 1955 година и истата година ја освојува престижната Glascock награда за нејзината поема „Two Lovers and a Beachcomber by the Real Sea“.
Плат се здобива со Фулбрајт стипендијата и се запишува на Кембриџ каде продолжува да пишува поезија, повремено објавувајќи некои од своите песни во студентскиот магазин Варсити. На Кембриџ се запознава со англискиот поет Тед Хјуз. Во јуни 1956. година таа му станува сопруга на Тед. Од 1957. до 1959. година Силвија и Тед живеат во САД. Силвија предава на Колеџот „Смит“. Откако забременува, Силвија и Тед се враќаат во Велика Британија. Нивната ќерка Фрида Хјуз се раѓа на 1 април 1960 година.
Во 1960 година Силвија ја издава својата прва збирка песни наречена „The Colossus“. Во февруари 1961 година таа има спонтан абортус и голем број песни се однесуваат токму на овој трагичен настан од нејзиниот живот. Нејзиниот брак со Тед станува комплициран и тие се разделуваат, делумно поради нејзината психичка состојба. Плат си го одзема животот две години подоцна. По нејзиното самоубиство во 1963 таа добива статус на икона и се смета за една од најдобрите поети на нејзината генерација.
Споделуваме со вас некои од најдобрите стихови на Силвија Плат.
„Месечината не е врата. Таа е само лик,
бел ко зглавка и мошне неспокоен.
Ко тежок злочин по себе морето го влече; стишна е
со усти зинати во чмај. Тука живеам јас.
Двапати в недела, камбани до небо бијат
осум ѕвона за Вокресението зборат.
За крај, имињата возвишено им ги редат.“
Од песната „Месечината и тисата“
Збор на полжав врз лисна платка?
Не е мој. Не го прифаќај.
Оцетна киселина во лименка?
Не ја прифаќај. Не е ретка.
Прстен златен што сонце носи?
Лаги. Лаги и јад.
Врз лист мраз, исконски
котел, кој крцка и ломоти
угол сам на врвот од сите
девет црни Алпи.
Потрес во огледалата,
морето реска огледало сиво
Љубов, љубов, моја судбо.
Од песната „Гласници“
Умирањето
е уметност, ко и сè друго.
Го правам тоа мајсторски.
Ко да си во свет адски.
Ко да е вистинско.
Ќе речеш може, дар имам.
Од песната „Лазаринка“
Жената е осовршена.
Мртвото ѝ
тело задоволна насмевка носи,
привид на грчка нужност
во фалтите од тогата се вее,
босите ѝ
нозе небаре велат:
дотука стасавме, свршено е.
Секое мртво дете – клопче, змија бела,
по една на секое
грне со млеко, сега празно.
Си ги здиплила таа
нив в тело ко латици
од ружа кога дворот
се вкочанува и крв-опој шика
од слатки, длабоки грла на ноќен цвет.
Од песната „Раб“
Препев: Кристина Зимбакова
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.