Колумна:
АНА ЈОВКОВСКА
новинарка, писателка и едукаторка за личен и професионален развој
После четири месеци „живот во изолација“ тргнуваме накај Битола. Семеен викенд под пазувите на Пелистер што ветува авантури среде раскошот на планината. Прв пат во куферот пакувам само спортски алишта, патики и ранци. Знам дека во време на корона нема да шетаме по монденскиот Широк Сокак, нема да излегуваме по кафулиња и ресторани или да се дружиме со пријателите, па мојот „аутфит“ се сведува на „зеро“ шминка, хеланки и тренерки. И покрај сите мои напори да спакувам помалку работи, со рационално образложение дека овој пат не ми требаат фустани, обетки и чанти во сите бои, сепак куферот прска од тежина. Топки, играчки, кофички, чергичиња и се разбира сто пара патики (зошто да е практично кога може да е обемно 🙂 ). По пат во кола се тркалаат вообичаените муабети – „кога ќе сфатиш дека половина од работите што си ги спакувала нема да ги употребиме“, со сјај од гнев во очите ми вели сопругот. Веднаш наоѓам начин да го убедам дека сè може да ми притреба, дури и четирите книги што ги носам за три дена. Патот побрзо врви кога не е поплочен со монотона тишина, па се тешам дека нашите бенигни конфликти помагаат на релативноста на времето. Од кавга минуваме на пеење и смеа, надополнети со детското мудрување на нашиот триипол годишен Алекс. Стигнуваме во Битола во добро расположение, сè додека нечија „кичма“ треба да ги качи куферите од „сто кила“ по скалите до третиот кат. Не сакам да се муртам за вакви работи, па ставам сè на својот грб, без да влегувам во мачни полемики. Џентлменството одамна не постои освен во романтичните холивудски филмови.
Денот, сончев и питом, е пред нас. Се подготвуваме за прошетка во природа. Планината нè вика на гости. Прва на врата чека нашата Ада, златна ретриверка со интелигенција на човек. Емоционалниот мозок на кучињата во 90% е идентичен со мозокот на човекот. Оној другиот, рационалниот мозок, е оној што прави да се разликуваме (и во насмевките и во лошотијата :)) Ада има скоро шест години и таа е нашето прво галениче дома. По неа на свет стигна Алекс. Децата кои растат со кучиња развиваат поголема емпатија. А оние што чувале ретривер знаат дека тие се најпитомите кучиња, без грам агресија во нив.
Тргнуваме во авантура. Само кој да знае дека авантурата ќе излезе повозбудлива од што можевме да замислиме. Стигнуваме на падините на Баба Планина. Зеленото како магнет нè влече подлабоко во шумата. – „Мама, има ли тука волк?“, прашува Алекс. – „Можеби има некаде високо на врвот, но тој не е волкот од Црвенкапа и не е лош ако не го гибаш“, му велам. Во овие формативни години од детскиот развој, клучно е градењето на карактерот и вредностите што со себе ќе ги носи во животот. Затоа, се обидувам да му создадам љубов кон природата и кон животните. Во нашиот свет животните не се лоши ако не ги провоцираш! Тие не се претставени како во приказните. А, нашава приказна наскоро ќе започне да наликува на хорор филм…
Продолжуваме да ја истражуваме убавината на мајката природа. Густа шума и мала река што жубори пред нас. Се пентариме по големите камења и карпи на нејзиното дно. Ако се лизнеме и паднеме, само ќе се наводениме. Ништо страшно. Водата е мраз студена, онака како што ѝ доликува да биде на планина. Денот е златно-сончев, но свеж. Ветре ни ги чешла косите. Убаво е. Нашето свето тројство (мајка, татко и дете) и нашето куче (кое наскоро ќе стане проблем) се претопува во природата. Насмеани шетаме по тесната земјена патека кога наеднаш некој ни довикува. Се вртам и здогледувам скромен, оцрнет човек со стап во раката. Од далеку ни зборува нешто за кучето. Го убедувам да не се плаши и слободно да се приближи. „Многу е мирна, помини без грижа“, му велам. Тој продолжува нешто да вика и конечно разбираме дека всушност не се плаши од нашето куче, туку бара да се тргнеме од патот бидејќи неговото куче е проблематично. – „Нема проблем“, му одговара мојот сопруг Иво. Малото (Алекс) ко папагал повторува по нас. Тргнуваме во друг правец да се разминеме кога човекот ни кажува дека е со неговите овци. Се радувам на идиличната слика од стотина овци што наскоро ќе ја видиме и му кажувам на Алекс дека тие се мирољубиви животни. Разминувајќи се со овчарот го прашувам каде му е песот, а тој одговара: „A, не е еден, со десетина кучиња сум“. Погледот ми се вкочанува. Наеднаш сфаќам дека сме среде шума, сами, со нашето куче, кое на шарпланинците што ги штитат овците им се чини како закана. Наивноста на овчарот не ми дава мир. Се погледнуваме со Иво и без експлицитни знаци на паника, а со силна внатрешна возбуда, забрзано го пуштаме чекорот во правец кон реката за таму да се засолниме. Се вртам назад и забележувам дека овците тргнале по нас. А каде се овците, таму се и нивните кучиња-чувари. Од белата крзнена гужва накај нас се пробиваат три големи песа. Единствено безбедно засолниште ни се чини ако преминеме од другата страна на реката. Го кревам детето в раце и со брзина на светлината почнувам да чекорам низ водата. Иво го следи мојот чекор, влечејќи ја Ада низ коритото на реката. Се наводенивме, но на сигурно сме, си помислувам. Навлегуваме подлабоко кон шумата, нагоре по водата. На Ада ѝ велам да не помислила да залае, а Алекс го молам да престане да плаче за топката што ја заборавивме на другата страна. Од густите дрвја ништо не се гледа, па му го подавам детето в раце на сопругот, за да проверам што се случува зад нас. Наоѓам голем стап и го земам со мене за секој случај. Мечка страв, мене не страв! Се пробивам низ гранките сè до мигот кога очи в очи се погледнувам со Шарко. Големиот шарпланинец доби име во мојата глава во истата секунда кога го видов, зашто така ми беше полесно, за да го замислам како сите други кучиња кои цел живот ги обожувам, ги спасувам од улица и ги вдомувам. Единствената разлика е што Шарко беше голем колку мечка и не мавташе со опашот. Очи во очи со непријателот! Јас со стапот, тој со неговата тишина. Ни да залае, ни да ме поздрави, ни заби да ми покаже. Мирно стои и ме гледа. Му се насмевнувам додека срцето ми лупа со 200-та и тивко шепнувам: „Добро куче си ти, одам јас назад кај моите. И, пази, имам стап.“ Му го вртам грбот на Шарко и неколку секунди, што ми се чинат ко вечност, не погледнувам зад мене. Кога ќе се свртам да видам каква е ситуацијата со мојот нов пријател и дали тој знае да држи два метри дистанца заради короната 🙂 здогледувам десетина овци. Тргнале по нас. Шарко го снема, ама добро знам дека каде се овците таму е и Шарко, а тука се богами и другите десетина Шарковци…
Иво, како секој грижлив татко, прави шеги за да ја камуфлира опасноста пред детето. Не би било убаво Алекс да го почувствува стравот што ни се вдомува во коски. – „Еве ги овците, пак по нас, да бегаме сега од другата страна на реката“, му велам, а тој ме замолува да погледнам кон правецот кадешто мислам дека е безбедно, за да забележам дека сме обиколени од двете страни на реката. Сцените во кои десет планински кучиња ја распарчуваат нашата Ада ми се како перде пред очи и се молам побрзо да ги снема. Сега, единствената разумна опција е да влеземе директно и подлабоко во водата. Се збиваме тројцата еден до друг на камен среде река и чекаме да заминат. Ада го чувствува адреналинот и почнува засилено да „брефта“. Каменот е лизгав, па неизбежно е нозете да ни се брцнат во студената вода. Десет минути стоиме така, срде река… Наеднаш чудно чувство ми струи низ телото. Нозете мраз студени, а во срцето ми станува топло. В миг чувствувам дека во прегратките на моите сакани сум најбезбедна на светот. И дека ниту еден Шарко или десет Шарковци нема да ми ја земат радоста од авантурата која ја имавме денес на Пелистер. Се смирувам, замижувам и чекам стадото овци со планински кучиња да нè заобиколат. Го стискам Алекс силно до градите, а тој ми вели: „Мама, ќе ја браниме Ада ако треба. Јас сум силен како лав“. Солзи на очите ми доаѓаат и му ветувам дека ќе ја браниме со сите сили. Ада е дел од нашето семејство. Таа е нашиот чувар. И ниту еден чувар на овци нема да дозволиме да ни ја распарчи среќата!
По некое време, сè се стишува. Ѕвечкањето на овците се слуша од далеку. – „Не одминаа“, им велам. Стоиме на каменот среде река и почнуваме гласно да се смееме. Време е за дома. Влажните патики ги пакуваме во ранецот и тргнуваме боси по земјената, планинска патека на која сега има брбушки. – „Мама, што се брбушки?“, ме прашува Алекс. – „Тоа се нашите нови препреки за игра. Скокајте да не ги згазнеме. Кој ќе успее да ги избегне, добива пет поени“. Трчаме тројцата слободни со нашето куче покрај нас. Новата авантура само што не почнала…