Со сè поголемата застапеност на медиумите на социјалните мрежи, станува се потешко да се открие која вест е вистина а позади која се крие лажна вест, чија цел има да доведе до повеќе кликови на одредениот портал. Живееме во време кога ни се достапни сите информации кои би сакале да ги најдеме за кратко време. За жал, во послените години се чини дека постои злоупотреба на истите, со пласирање на лажни или непроверени вести со единствена цел: повеќе посетеност на одредените сајтови, а со тоа и нивен полесен профит.
Порталите стануваат место на кое наместо да се дојде до вистинска информација, се објавуваат содржини кои најчесто се од негативен контекст, со големи наслови и сензационални содржини, водејќи до општа забуна кај масата читатели.
Новинарската професија полека се сведува на реобјавување на приватни Facebook статуси од познати личности, наместо да се истражи приказната која би сакале да ја споделат. Се навлегува во приватноста на луѓето и најчесто под изговор: “луѓето сакаат тоа да го читаат“. Но, ние не мислиме така. Луѓето го читаат тоа што им е сервирано. Кога би имало избор помеѓу лажни и вистински вести, тогаш тие би можеле да одберат што ќе читаат. За жал, тоа е се поретка опција денешно време. Чест на ретки исклучоци.
На кого може да му се верува?
Колку пати од утринава сретнавте вест која почнува со “нема да верувате“, а потоа текст од 2 реченици кои најчесто немаат никаква допирна точка со насловот? Колку пати под насловите го прочитавте името на авторот кој ја напишал таа вест?
Постојат неколку видови на лажни вести кои се актуелни, ние ќе наведеме неколку, кои можеби ќе ви помогнат при откривањето на вистината.
- Пропаганда – текстови кои имаат за цел да промовираат одреден политички став и намерно да го дезинформираат читателот. Кога ќе ги отворите и останатите текстови кои се појавиле на сајтот на кој сте ја сретнале веста, ќе ви стане јасно колку може да им верувате.
- Clikbait – приказни кои имаат за цел да привлечат повеќе посетители на сајтот, а со тоа ќе добијат повеќе маркетинг соработки и реклами на истиот. Што е поголем бројот, толку повеќе реклами. Провереноста на информациите не е важна. Овде, можеби компаниите кои се рекламираат на истите, би требало да размислат дали би сакале рекламата на нивниот бренд да се појавува позади нечија приватна фотографија од спалната соба.
- Лошо новинарство – конкретни новинари кои објавуваат непроверени вести и шират дезинформации. Најчесто од овие луѓе може да сретнете некаков демант на нивните профили поради направена грешка. Нели, не може да се игра со нечија судбина само како тие лесно би го заработиле хонорарот, наместо вистински да се потрудат да ја работат својата работа.
- Сензационалистички наслови– овде од старт станува се појасно. Можеби не се во целост неточни, но најчесто во своите текстови имаат дел кој мора да привлече внимание, но не мора да е вистинит. Често читаме за парови кои имаат проблем во својот однос, од изваден заклучок поради фотографија на која двајцата не се држат за рака. Неважно, што можеби луѓето излегле на џогирање па нема логика да се држат за раце. За овие медиуми, секогаш ќе биде вест дека Меган и Хари се разведуваат.
- Шпекулации и предвидувања – ова е веројатно најлошата категорија на лажни вести, каде што се пласираат работи кои може да се однесуваат на очекувањата за идни случувања. Насловите се најчесто застрашувачки и прават паника кај читателите. Последнава година, како да ни е малку што се соочуваме со пандемија, па уште и медиумите не ни олеснуваат, објавувајќи страшни бројки и предвидувања уште пред било што да се случи.
Лажните вести се сега застапени повеќе од било кога, а единствена проверка е доколку на некој од читателите веќе вистина му “прекипе“ па изреагира со коментар за самиот текст. Во тој случај, добива блок од порталот, или евентуално расправија од неистомислениците најчесто фанови на истиот.
Кога се работи за конкретна вест која навистина ве интересира, препорачуваме да ја прочитате целосно и внимателно, иако можеби насловот е тој кој ве привлекол да кликнете. Доколку насловот е текстот немаат допирни точки, тоа е знак за аларм. Немојте на очекувате вистина.
Доколку веста има фокус со фотографија и текстот е сведен на тема извадена од неа, препорачуваме да ја побарате истата на Google и да ја видите датата на која првпат е објавена. Често сме сведоци на текстови наменети на некоја ситуација, која можеби се случила пред години.
Проверувајте ги изворите кои се наведени при создавање на некоја содржина. Сајтовите од кои се извлекуваат информации и нивните содржини ќе ви кажат многу за веродостојноста на текстот.