Интервју:
КАТЕРИНА АНГЕЛОВСКА, тренер за личен и духовен развој, авторка и мотивациска говорничка
Пишува: АНА ЈОВКОВСКА
АЈ: Во вашата книга „Будење на свеста“ (2019, Паблишер), која ја напишавте заедно со вашиот партнер Радован Витошевиќ, а која деновиве го доживува своето петто издание, прашувате: „Дали наутро кога ќе ви ѕвони будилникот се будите со насмевка и возбуда да го прегрнете тоа што денот го има во својата продавница за вас? Дали живеете во согласност со своите потреби и правите позитивна промена во светот?“. За почеток на овој разговор ви го поставувам истово прашање и очекувам искрен одговор и конкретни примери. Како ви изгледа еден ден и какви сè точки и духовни меридијани содржи низ своето 24-часово патување?
КА: Денот го започнувам со благодарност за сета леснотија што ми ја нуди моето совршено здравје. Со радост за сите неограничени можности што ми ги нуди овој универзум и со возбуда за сите акции кои ќе ги преземам. Не му приоѓав на животот со ваква свесност отсекогаш. Ми беше потребна дисциплина и фокус за да ја достигнам оваа медитативна трансцедентна состојба во која сега се наоѓам. Секое утро, последниве неколку години, денот го започнувам со прошетка во парк. Тоа е мое време и време за мојата миленичка, кучето Џеси, со која ги истражуваме убавините на природата. Прошетката ми претставува утрински ритуал и ми дава инспирација за нови креации. Вистински еликсир за моите сетила! Во тие моменти, секој сензор во моето тело е отворен канал преку кој ја восприемам убавината од звуци, мириси, глетки… Често ги гушкам дрвјата и се поврзувам со енергијата на нашата мајка Земја. Оваа свесност ми дава поинаков пристап во денот што треба да го започнам со работни обврски. И, тогаш, работата не ми е тешкотија, туку задоволство. Во последните години сериозно се посветив да бидам во согласност со сопствените потреби и да бидам промената која сакам да ја видам во светот.
Во последните години сериозно се посветив да бидам во согласност со сопствените потреби и да бидам промената која сакам да ја видам во светот.
АЈ: Светот е наше огледало. Тој се менува заедно со нашата промена. Од каде започна вашата промена? Кога и зошто Катерина стана тренер за личен и духовен развој, коуч, мастер практичар за НЛП, сертифициран тренер за принципите на успех, тренер за спин продажба, лично лидерство, реики мајстор и мотивациски говорник?
КА: На 19 години за прв пат се соочив со прашањето: „Која сум јас?“. Тогаш ја прочитав мојата прва книга за личен развој „Моќта на поствеста“ од Џозеф Марфи и така започна моето духовно патување кое трае веќе 26 години. Во тоа време не постоеше литература на овие теми, па книгите ги набавувавме како фотокопии од Белград или Загреб и најчесто беа на англиски јазик. Немаше семинари и работилници преку кои можеше да осознаеш повеќе за себе. Сите овие изминати години, секој збор, секое соочувањето со мојот најголем соперник – Јас, соочувањето со моите најдлабоки стравови, анксиозност, нерасчистени односи, наталожени емоции, програми, секоја пролеана солза… придонесоа моето срце да се отвори и ја разбудија свесноста за живеење во светлина. Тоа беше период на чистење на „плакарот“ кој од време на време сè уште редовно го проветрувам (се смее). Постојат многу слоеви околу нашето вистинско Јас кои го задушуваат тоа што го сакаме. Пред да ја пронајдам мојата мисија и да го работам тоа што сега го работам, честопати се двоумев и талкав. Мислев дека знам што сакам и што правам, но не бев секогаш сигурна. Така започна мојата потрага по вистината. Започнав да трагам по мојот најдлабок копнеж. Постојаното истражување, едуцирање и искусување ме донесоа тука, да стојам денес пред вас со разголена душа и свесност. Тоа е онаа свесност за себе и за другиот, за мајката Земја, за вселената, универзумот, Бог… За енергијата на животот!
АЈ: Лао Це, таткото на традиционалната кинеска религија таоизам, рекол: „Луѓето кои мислат на минатото се депресивни. Луѓето кои мислат за иднината се анксиозни. Луѓето кои се сега и овде се спокојни“.
– Сте ги доживеале ли некогаш овие состојби, депресија и анксиозност?
КА: Да, Ана, во минатото бев соочена со анксиозност и панични напади. На почетокот не бев свесна за тоа што ми се случува и често одев на доктор за да проверам дали е сè во ред со моето здравје, со моето срце. Подоцна ја препознав оваа состојба и одлучив дека ќе направам сè што е потребно да се соочам и да излезам од анксиозноста. Секојдевно практицирав медитација и јога, го променив начинот на исхрана, станав енергетски терапевт и правев терапии кои ми помогнаа да се избалансирам и да дозволам повторен проток на животната енергија низ моето тело. Дозволив да ги отпуштам мислите и навиките кои не ми носеа добро. Дозволив да ја отпуштам тензијата во моето тело. Човечкиот ум не е расположен едноставно да се ослободи од верувањата, вредностите, навиките, мислите и емоциите. Тоа е долг процес и потребна е истрајност, дисциплина и фокус. Но, доколку отпуштиме ќе имаме мир.
АЈ: Како изгледа вашето овде и сега?
КА: Oд оваа дистанца, сега и овде е медитативна состојба. А медитацијата значи да обрнеме внимание на внатрешната природа, на она кои сме.
Во минатото бев соочена со анксиозност и панични напади. На почетокот не бев свесна за тоа што ми се случува и најчесто одев на доктор за да проверам дали е сè во ред со моето здравје, со моето срце. Подоцна ја препознав оваа состојба и одлучив дека ќе направам сè што е потребно да се соочам и да излезам од анксиозноста.
АЈ: Зборот емоција првпат бил употребен од страна на шкотскиот филозоф Томас Браун како објаснување за расположение, приврзаност и чувство. Американскиот психолог Пол Екман, пак, утврдил дека постојат шест основни емоции: лутина, згрозеност, страв, среќа, тага и изненаденост. Што е разликата помеѓу чувство и емоција? И како можеме да ги контролираме нашите емоции?
КА: Емоцијата може да биде резултат или последица од субјективно искуство, когнитивен процес, експресивно однесување или психофизиолошка промена. Емоцијата е резултат на ментален мисловен процес, кој е проследен со вербален, физиолошки, нервен или однесувачки механизам. Кога се наоѓаме во некоја опасност, нашиот нервен систем се забрзува и се преточува во емоција на страв. Или кога имаме емоција на љубов, имаме желба да прегрнеме некого или да бакнеме. Од друга страна, пак, чувствата не се исто со емоциите, тие се одговори на емоциите. Чувството е субјективно, лично искуство, а емоцијата е состојба на повисока свест. Кога имaме емоција на страв, се чувствуваме уплашени. Кога имаме емоција на љубов, се чувствуваме вљубени. Можеме да се чувствуваме радосни како резултат на емоција на радост, а таа радост е предизвикана на пример од добивање на подарок или игра со вашето дете или милениче. A, кога имаме некаква блокада или потиснување на емоција, многу е важно да се соочиме со неа и да ја искажеме, да ја доживееме со секоја клетка. На тој начи таа побрзо ќе се преобрази, наместо да ја држиме во себе и да дозволиме да нè контролира и проголта. За да почнеме со трансформација, прво треба да преземеме одговорност за сопствените емоции. Наместо да кажеме – добро ми е, и да влеземе во дисхармонија, треба да си признаеме дека се чувствуваме лошо и да создадеме појдовна точка од која ќе тргнеме во процесот на промена – „Јас се чувствувам лошо, но сакам да се чувствувам подобро“. Препознајте ја емоцијата што ја чувствувате, дали е тоа грижа, лутина, гнев, незадоволство, тага, страв… Во процесот треба да вклучиме прифаќање, благодарност, извинување, простување и љубов кон себеси и другите. На почеток нема да биде едноставно, но сè повеќе ќе се искачуваме на емоциналното скалило погоре. Кога еднаш ќе изразиме и ослободиме блокирана емоција, добиваме поголемо количество на енергија и повисока вибрација. Ќе ја трансформираме досадата во полет, зависта во воодушевување, стравот во надеж, нервозата во трпение, незадоволството во задоволство, ароганцијата во скромност, омразата во љубов.

Dress: Bella
Ќе ја трансформираме досадата во полет, зависта во воодушевување, стравот во надеж, нервозата во трпение, ароганцијата во скромност, омразата во љубов.
АЈ: „Ситуацијата во која се наоѓаме денес е резултат на мислите што сме ги имале вчера“ – Гаутама Сидарта (Буда). Тоа значи доколку сакаме да имаме различни искуства утре, потребно е да ги промениме мислите уште денес. Вие сметате дека стравот е резултат на честото размилување за иднината, дека создаваме анксиозност и несигурност, бидејќи во мислите предвидуваме идни настани кои никогаш не се случиле. Од друга страна нè потсетувате дека создаваме товар од стари мисли и чувства и дека не дозволуваме да го препознаеме она што ни го нуди сегашниот миг. Како да излеземе од стапицата помеѓу минатото и иднината?
КА: Колку побрзо излеземе од стапицата помеѓу минатото и иднината, толку побрзо ќе отвориме простор за нова енергија и нови можности. Информациите кои ги носиме во себе се како бранови што се наоѓаат на површината на морето. Не постои начин бранот да го запознае морето сè додека бранува само на површина. Потребно е да се нурне во длабочините. Вистинскиот извор на страдањето во светот се стравот, болката и незнаењето. Тоа се случува кога не сме во допир со универзумот и нашата внатрешна моќ. Како што ние ќе се исцелуваме, ќе се исцелува и целото човештво.
АЈ: Неодамна организиравте тренинзи и медитации под насловот „Практикување на свесност (mindfulness)“. Што претставува состојбата на mindfulness/свесност?
КА: Зборот mindfulness значи да се биде присутен, каде телото и умот се обединети. Тоа е свесност која ни покажува што се случува во сегашниот миг. Кога се практикува mindfulness вие застанувате за миг, станувате свесни за своето дишење, опуштени сте во своето тело и имате можност да ги отпуштите мислите кои го блокираат вашето сетилно искуство, како и тензијата која ја чувствувате во сопственото тело, а која го намалува протокот на животната енергија. Со практикување на mindfulness имаме можност да го намалиме стресот, да го зголемиме внатрешниот мир, да развиеме подобар однос со себе и со другите и да водиме среќен и мирен живот.
АЈ: Уште четиригодишно дете е програмирано да размислува според верувањата и вредностите од луѓето со кои е опкружено. Програмите што ни ги вградиле родителите, образованието и околината нè заробуваат во свет на предрасуди, очекувања, традиција, стереотипи, неслобода… Што е слободата за вас?
КА: Доколку сакаме да ја живееме својата внатрешна вистина, потребно е целосно да се отвориме и да бидеме ранливи кон слободата. Чувството на слобода е всушност чувство дека животот тече низ нас.
Кога секој ќе прифати да биде одговорен за сопствениот живот, во тој момент престанува секој обид за жалење, судење, обвинување, префрлање одговорност на друг, барање изговори.
АЈ: Живееме во свет во кој често се жалиме и бараме кој е одговорен за нашиот неуспех. Многумина се чувствуваат заглавени и не можат да се пронајдат себе си, а длабоко чувствуваат дека се способни за многу повеќе.
– Кои се вашите совети за луѓето кои чувствуваат немоќ или некаква блокада?
КА: Мојот совет е дека секој од нас треба да се прифати себеси и да преземе одговорност за сопствениот живот. Кога ќе донесеме одлука да преземеме одговорност за сопствените зборови и чувства, сопствената болка, вина, стравови и разочарувања, тогаш започнува вистинскиот процес на промена. Тоа е моментот кога ќе одлучиме да го слушнеме внатрешниот глас кој ни дава храброст да го направиме чекорот. Одговорноста нè учи дека ние сме креатори на сопствената реалност и ни дава можност да го препознаеме егото во сите негови облици со кои се идентификуваме. Кога секој ќе прифати да биде одговорен за сопствениот живот, во тој момент престанува секој обид за жалење, судење, обвинување, префрлање одговорност на друг, барање изговори.
АЈ: Многу духовни учители и записи, луѓето ги дефинираат како духовни, мултидимензионални битија. Духовно не е исто со религиозно, па ќе потврдите дека можеме да бидеме духовни, а да не бидеме религиозни, и обратно. Духовното значи дека веруваме во нешто над физичкото, но потоа доаѓа егото кое ги создава проблемите. Што всушност претставува егото и што има лошо во него? И како да излеземе од затворот на егото?
КА: Егото е илузорно доживување на самиот себеси и идентитетот кој го живееме. Тоа е погрешно толкување на значењето на зборовите: јас, мене, мое и идентификување со облици. Нашето его е нашата слика за тоа што ние мислиме дека сме и се базира на минати искуства. Егото се фокусира на материјалните добивки, на угледот, популарноста, признанијата. А кога ќе ги достигнеме овие работи, сепак, не сме целосно среќни. Затоа, наместо да посакуваме со нашето его, кое е ограничено, подобро да му отстапиме место на духот и да му дозволиме да нè води. Да ја поттикнеме интуицијата која претставува комуникација со нашето вишо јас и со изворната енергија, и да креираме посакувана реалност.
АЈ: Што е успех за вас?
КА: Успехот за мене е чувство. Чувството на радост, среќа, љубов… чувството кое го доживувам наутро кога шетам во парк, чувството кое го имам кога работам со моите клиенти или кога држам предавања и водам медитации. Чувството кога ќе прегрнам некој што го сакам. Хармонијата меѓу умот, телото и духот го одредува нашиот успех.
Не можете да работите само телесно и да одите во вежбална, а истовремено да ги запоставите здравата исхрана, мислите, емоциите, осудите, лошиот збор кон себе и кон другиот. Сè е поврзано…
АЈ: Човечкото тело е енергетски систем. Низ него тече интензивна животна енергија, која во источната култура се нарекува прана или чи. Основниот принцип на холистичкото здравје е дека не можеме да ја одделиме физичката состојба од емоционалната, менталната и духовната состојба. Тие се дел од едно цело, ќе речете. Што поконкретно значи холистички принцип?
КА: Холистички принцип или холистички модел на раст и развој значи да се опфатат сите сегменти на човековото егзистирање: ум, тело, емоција, интуиција, имагинација, свесност, спиритуална димензија. Не можете да работите само телесно и да одите во вежбална, а истовремено да ги запоставите здравата исхрана, мислите, емоциите, осудите, лошиот збор кон себе и кон другиот. Сè е поврзано. Јас сум Реики мастер практичар и ја работам оваа техника веќе четири години интензивно, на себе и со клиенти. Истовремено работам и Access Consciousness Bars и одредени телесни процеси, кои во практиката се покажаа како вистински еликсир во ослободување и отпуштање на сета тензија и застарена енергија, создадени од информации и емоции кои постојат во нашето тело. Колку повеќе енергија се ослободува од нашето тело, толку повеќе каналот е посјаен.
Кога делуваме во согласност со своите потреби и верувања, кога користиме јазик на љубов, разбирање, сочувство, кога делуваме од состојба на љубов, кога ги правиме работите што ги сакаме, прошетка во природа, медитација, јога, енергетски терапии, позитивни афирмации, здрава исхрана… сето тоа помага да сме во хармонија и баланс.
АЈ: Во книгата „Будење на свеста“ пишувате за чакрите како енетргетски центри на човековото тело, кои апсорбираат енергија од околината и универзумот и ја пренесуваат до ендокрините центри, сместени по должината на рбетот. Зборот чакра има санкритско потекло и во превод значи вител. Постојат седум основни чакри на секое човечко тело. Како да ги отвориме и да бидеме во баланс?
КА: Грижата за себе е клучот да бидеме во баланс. Кога делуваме во согласност со своите потреби и верувања, кога користиме јазик на љубов, разбирање, сочувство, емпатија, кога делуваме од состојба на љубов, кога ги правиме работите што ги сакаме, прошетка во природа, медитација, јога, енергетски терапии, позитивни афирмации, здрава исхрана… сето тоа помага да сме во хармонија и баланс.
АЈ: Алберт Ајнштајн рекол: „Сè е енергија и таа е сè што постои“. Квантната физика е мост помеѓу физичките и универзалните закони. По таа линија би се согласиле дека секоја мисла вибрира. Секоај мисла значи сигнал. Тоа нè носи до онаа позната изрека: „Што зрачиш, тоа привлекуваш“. Па, ако веруваме дека ништо во животот не се случува без причина, тоа низ зборовите на науката би го формулирале дека за секоја акција постои реакција. Вие верувате во Законот на привлечност, па како тоа ви се докажува во секојдневниот живот?
КА: Клучот да функционира Законот на привлечност е да се чувствувате добро сега. Не вчера, не утре, не задутре, туку сега во овој момент! Одржувањето на добра енергетска вибрација е клучот. За прв пат со овој закон се запознав во 2008 година и за мене беше навистина вчудовидувачки како тоа функционира. Тогаш работев како шалтерски работник во банка. Еден ден одлучив дека ќе си поставам цел која за мене во тој момент беше недостижна. Посакав со целото мое битие да бидам раководител на експозитура. Немав предиспозиции да бидам на таа позиција. Прво бев кратко во банката, второ немав соодветен економски факултет и трето за таа позиција конкурираа колеги кои подолго време работеа во банката, а некои од нив беа и магистри. Но, само за неколку месеци, а без притоа да имама „врски“, станав раководителка на експозитура и тоа за мене беше навистина голем исчекор од комфорната зона.
АЈ: Мајка Тереза велеше: „Еднаш ме прашаа зошто не учествувам во демонстрации против војната, a јас им кажав дека никогаш нема да го направам тоа, но доколку има движење за мирот, јас ќе бидам прва која ќе ви се приклучи“. Вие, пак, ќе речете дека „не постојат сиромашни луѓе, постои сиромашен начин на размислување“. Разбирам што сакате да кажете неколку слоја подлабоко, но дали ваквиот став создава ароганција и игнорантен однос кон реалната неправда во светот, сиромаштијата, нееднаквоста, различните животни привилегии, скапото образование, недостапното јавно здравство…? Како да се бориме против неправдата и злото?
КА: Да, се согласувам со вас, Ана, само ќе надополнам дека ние секогаш имаме избор. Свесноста за оваа колективна дисфункционалност е само потврда дека ни е потребна индивидуална промена. Во секоја генерација постојат свесни и помалку свесни луѓе, но во некои општества свесните луѓе се слушнати, а во други се игнорирани. Како што постои наука и технологија за прогрес и подобрување на нашата заедница, така постои наука и технологија да се стори истото внатре во нас. Кога генерацијата е посвесна, човештвото расте и цути, а кога е несвесна човештвото тоне. Ова се случувало низ историјата, не е нова теорија.
Повеќе цениме нафта и злато отколку насмевка на лицето. Се воодушевуваме на голема куќа, наместо на хармоничен дом. Маѓепсано зјапаме во своите мобилни телефони наместо да си посветиме вистинско внимание себеси.

АЈ: Ми се допадна делот во книгата во кој велите: „Колкетивната свест на човекот е загадена. Повеќе цениме нафта и злато отколку насмевка на лицето. Се воодушевуваме на голема куќа, наместо на хармоничен дом. Маѓепсано зјапаме во своите мобилни телефони наместо да си посветиме вистинско внимание себеси. Си ги загадуваме храната, водата и воздухот. Војната и конфликтот се поедноставно решение отколку дијалогот, не размислувајќи за несаканите последици и колективната болка која ја нанесуваме врз сите нас низ генерациите, како и врз целиот универзум“. Ова повикува на одговорност. На умови кои чекаат да се разбудат. Вистината е дека често се жалиме, а малку преземаме одговорност.
– Како до подобро ЈАС? Како до подобар свет?
КА: Индивидуалната свест е дел од колективната свест. Кога мал, но значаен дел на индивидуалци ќе преминат на ново ниво на свест и ќе го променат начинот на однесување, таа промена се случува и на колективно ниво. Моќта е во нашето однесување, начинот на кој одговараме на настаните што ни се случуваат. Нашето однесување, пак, е резултат на нашите верувања, вредности, спомени и одлуки што ги носиме во животот. Секој делува од сопствена перцепција. Но, светот е нашето огледало, тој се менува заедно со нашата сопствена промена. Сите имаме одредена мисија и ако ја извршуваме со љубов и радост, тогаш светот навистина ќе биде едно прекрасно место за живеење во кое секој поединец ќе даде придонес за сочувство, мир и љубов. Верувам дека ова е начинот на кој се случува еволуција на свеста. А денес како никогаш досега ни е дадена можност да се исцелиме, да се одвоиме од колективната дисфункционалност која постои и да станеме свесни битија. Време е за будење на свеста!