Во животот запознавате луѓе кои навидум изгледаат кротко и повлечено, но после еден разговор со нив ја разбирате амбицијата и желбата за успех која се крие зад нивните зборови проткаена низ авантуристичките приказни кои ги раскажуваат со голем жар.. Токму таква личност е Милош Димковски, автор и писател од Куманово, пишува под псевдонимот Евгениј Хоуп, а досега има издадено неколку книги и во подготовка е нова.
Евгениј, Вашата пасија полека ја претворате во професија. Како оди досега?
Верувам дека страста и внатрешен креативен порив со тек на време добиваат облик на професија. За жал, во Македонија, уметникот е принуден, за лична егзистенција, да работи нешто сосема трето, за да може да издржи од „први до први“. Не сакам да звучам песимистички во држава каде животниот елан на граѓаните е загрозен. Во Македонија, конкретно, писател како професија ќе заживее само тогаш кога народот ќе го дочекува новиот ден, без страв за егзистенциjална кастрација. Тогаш ќе имаат можност и слобода на количинско апсорбирање на приказни. Сите мислевме дека никогаш немаше да му дојде крај на психопатот Џофри во „Игра на тронови“, но гадно се излажавме. Сè си има свој почеток и крај.
Кажете ни повеќе за Вашите издадени книги, а како што разбрав во најава е трета книга?
Првата е „Мистергонија“, книга за деца, објавена во 2006, напишана на моите 14 години. „Парада на марионетките“, е мојот втор роман, кој неодамна доживеа трето издание преку издавачката куќа „Матица македонска“. Да бидам појасен ќе споделам дел од кратката содржина: малата книжарница „Прустов прашалник“ во снежната Москва, ќе им ги вкрсти животните патишта на дваесет и петгодишната Хелен Игнатова, филолог и верен сопатник на самотијата, и случајниот минувач, Стивен ван Дазбург, убиец и колекционер на марионетки. По првото и единствено видување, нивните животи добиваат форма на деструктивно патешествие низ опсесијата, стравовите, потисната болка од минато и можно ветување за спас во иднина. Оние, заинтересираните, имаат можност да влезат во книжевниот свет и да проталкаат низ тие 250 страници… Во право сте, веќе, да не речам четири години работам на нов роман. Идејата често добиваше поразличен облик од првичната замисла. Се трудам да бидам максимално посветен и задлабочен во раскажувањето како внатрешната невдоменост на човекот во модерно и капиталистичко општество, води до обновување, на заборавениот однос човек-природа. Приказната ги спојува трите лика: млад Македонец и авантурист, кој заминува од сопствената држава во потрага по ново себство, четириесет и петгодишната Малајка, феминистка со впечатлива физиономија на амазонка, која во улога на проколнат талкач со својата камп приколка е во потрага по својот дом, и еден, навидум, обичен белокос старец, кој себеси се смета за дојденец од друга галаксија. Поради неможноста да го најде вистинскиот утописки град Амаурот, си гради, сопствен. И така, три туѓинци ќе се борат со сопствената внатрешна празнина и мечтите за ветениот дом. Искрено се надевам дека последните месеци од 2016, евентуално првите од 2017 година, ќе биде периодот на издавање на ова книжевно дело.
Како изгледа процесот на пишување кај Вас, дали се изолирате односно се затворате во соба и пишувате или едноставно штом дојде креативноста не бирате место и време?
Се трудам, и мора да се рехабилитирам во друштво на природа за целосно да ми се прочисти умот, духот и телото. После макотрпно истражување, следува највозбудливото. Скелетот на приказната во главно е поставен во мојата соба во Куманово, но знам дека како приказната се доближува до крај, така имам потреба од подлабока изолација. Претпоставувам дека прво ќе биде во семејната викендичка во село Јачинце, а после низ неколку колиби во Скандинавија. Да не’ речам дека го барам „мојот Валден“, начин на едноставно живеење во природно опкружување. Кој е запознаен со Хенри Дејвид Торо знае на што мислам.
Зошто го одбравте псевдонимот Евгениј Хоуп, зошто не пишувате под Вашето вистинско име, Милош?
За псевдоним се решив при издавање на „Парада на марионетките“. На тој начин и ќе продолжам со творештвото. Како созревам, така и концептот за уметничкото име го разбирам на поразличен начин. Повеќе не сум во внатрешна дилема. Метафорички кажано, поседувам два идентитетa. Еден набљудува, другиот раскажува. Првиот го поседувам уште од своето раѓање и е именуван како Милош, Милош Димковски. Другиот си го создадов самиот. Се вика Евгениј Хоуп или раскажувач на приказни.
Во разговорот ми споменавте дека обожававате да патувате, да запознаваш нови места и луѓе. Каде сте биле досега?
Тоа е дејствување кое ја лачи среќата од мене. Верувам дека сум голем авантурист, бидејќи до сега имам изминато десетици илјади километри автостоп низ Европа. Не ми треба ништо друго, освен патнички ранец, вреќа за спиење, шатор и животна мотивација инспирирана од Бајо Паторот. Патувам, и решително заминувам на таков вид патешествие за да се изменам, подновам, да се оддалечам што е можно подалеку од монотоното секојдневие и навики. Начинот на кој патувам, секогаш носи дополнителна мудрост со себе и воедно го негира стариот поглед на свет од кој произлегува нов светоглед. Речиси најголемиот дел од Европа го имам пропатувано, останаа уште неколку држави. Летото во 2015 година, бев отсутен од дома и стопирав речиси три месеци. Тргнав од Холандија, па преку Белгија, Луксембург, Франција, стигнав до Германија, од таму продолжив до Полска, па пак назад во Германија, Франција, за да на крај од Швајцарија се вратам во Македонија. Она, што веројатно ги интересира читателите е тоа што не потрошив ниту едно евро за преноќување. Ниту пак повеќе пари од десетдневен аранжман во Грција.
Кој е најфасцинантниот момент кој би го издвоиле од Вашите патувања?
Најфасцинантен момент или моменти? Не верувам дека од таа пространа збирштина на искуства и спомени можам да издвојам една временско-просторна проживеана секвенца. Ќе го издвојам мигот на првото самостојно автостоп патување, кое пред неколку години се случи во Швајцарија покрај Женевското Езеро. Благодатот што гo нудат отворените патишта. Слободата што ме избиструва и ме прави жив и пркосен. Фактот што од 20 километри стопирање во еден ден, стигнав до 700. Спиење на плажа во Риомаџоре, Италија. Престојување во храм на Кришна во Белгија. Потешкотии на првично учење на молзење крави. Дружење со луѓе што претходно никогаш ги немам запознаено. Постојано менување градови и кревети за преноќување. Вкусување на нови вкусови и спознавање на инспиративни мириси. Музички фестивали и концерти. Посебно „Вудсток фестивал“ во Полска со над 850 000 посетители. Гледање во живо на настапите на „Пласибо“, „Продиџи“, Елтон Џон, „Најтвиш“, „Блек Лејбел Сосајати“, „Дрим Тиатер“, „Креатор“, „Парадајс Лост“, Мерлин Менсон, „Опетх“ и уште многу други бендови. Како и бекстејџ дружби и лично запознавање со членовите на „Апокалиптика“, „Чилдрен оф Бодом“, „Соната Арктика“, „Најтвиш“, „Сабатон“ и „Епика“. И се’ тоа бесплатно. Најважно е што сфатив дека барањето на среќата надвор од мене е залудно. Авантуристичкото патување тоа најдобро го сугерира, бидејќи радоста доаѓа и заминува со новокреирани животни ситуации. Поматени од маглината на секојдневието забораваме да погледнеме на вистинско место. Иако ми изгледа лудо, но секој крај, кој сугерира нов почеток и концепт на постоење, сфатив дека ништо не сум знаел од животот. А не дека сега сум мудрец. Но, барем патувајќи го опипав моментот да си жив и да постоиш во исто време.
Што мислите за модерниот начин на презентирање на пишаните зборови, најчесто тоа се случува преку Фејсбук, дали би се обиделе така да ги запознаете читателите со Вашите книги?
Кога веќе имам Фејсбук профил, тогаш, на еден начин се подразбира споделување на информации поврзани со моето книжевно творештво. Во таков случај повеќе ставам акцент на објавување авантуристички ситуации на Фејсбук страната The Voyage Alphabet – ( www.facebook.com/thevoyagealphabet ) Како летото се приближува, така се крчкаат и нови автостоп патувања.
Посакувавте ли да бидете нешто друго во животот?
Како тинејџер имав можност да бирам, и се одлучив за ова што сум сега. Уживам во улога на номад-писател. Да тргнав по другиот пат, сигурно би бил музичар, клавијатурист, кој со својот сопствен бенд би биле првата македонска група кои би одржале концерт во „Wembley Arena“ во Лондон. Мала доза на амбициозна имагинација никогаш не е штетна 🙂
Дали во иднина се гледате себеси како творите некаде покрај плажа или на планина, како големите писателски имиња, на место кое ќе Ве инспирира, но и ќе ти остави простор да се изразувате најслободно?
За мене, како писател, најважно ми е да си ја најдам својата домовност и припадност. Сите набројани места се добредојдени за творештво, но ништо не правиме ако во странство се чувствуваме како туѓинец и живееме без оној постојан физички маркер – куќа, која ни овозможува да му се провлечеме на надворешниот свет и да се тешиме со лажниот концепт на сигурност, безбедност и комфор. Но, уште потешко е кога човекот се чувствува како отуѓен странец, и тоа во сопствениот дом. Истоштува внатрешна борба во која домовноста се доживува како злокобна туѓина, а истата непожелна туѓина те насочува во неповратен правец со вртоглави чувства. Насилно ти сугерира да се отфрли субјективното поимање на носталгичниот дом, и најпосле да се прифати вистинскиот копнеж, да се биде дома, но во светот. Е тоа е она што со години го барам…
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот