Константин Ангеловски е професор по маркетинг, доктор на науки од областа на техниките на управување на моторни возила чија пасија се автомобилите, конкретно картингот и автотрките. Човек кој точно знае што зборува, искусен во неговата област, полн со идеи за животот и планови за иднината.
Тој е сопственик на Арт Картинг центарот и GP Caffe во рамките на СЦ “Борис Трајковски”. Со него зборувавме за љубовта кон картингот, за идејата да отвори картинг центар, за тоа како функционира и за активностите и настаните кои следат.
Константин, морам да Ве прашам на почетокот – од каде љубовта кон картингот?
На ова прашање ќе одговорам вака: Професионална определба, почната уште од најраните години. Љубовта кон автомобилите сум ја имал од секогаш, а ја поседувам и денес. Мојата пасија стана и професија кога почнав да предавам на Катедрата за мотоспорт при Националната спортска академија, единствена едукативна високо образовна институција од таа област во Софија. Кога почнав да предaвам називот беше Катедра за автомото спорт, но на моја иницијатива беше преименувана. Всушност тоа е рецидив на Руската академија. Управителот на Катедрата е ментор на мојата магистратура и докторат, а тоа е и почетокот целата таа приказна околу моторните спортови и се што е поврзано со нив.
Картингот како предлог идеја стигна сосема случајно, додека бев на тестирање на натпреварувачки возила. Седејќи и одмарајќи од еден таков тест се јави тогашниот директор на СЦ “Борис Трајковски”, Ратко Капушевски, со кого се знаеме години наназад. Ме замоли да помогнам во развивање на спортскиот центар и разговаравме за тоа дали постои простор за соработка. Мојот менаџер кој живее во Италија, откако виде каква е констелацијата на условите овде, каква е позицијата на паркинзите и слично, дојде на идеја, да направиме нешто ново на овој простор и да одговориме на барањето на Капушевски, а тоа е картингот.
Tоа што малкумина го знаат е дека картингот е одличен за основна едукација за безбедност вo сообраќајот, за едукација на деца, претставува огромна релаксација луѓето кои работат, имаат напорен и стресен ден. Сите ние имаме еден вид модерен стил на живеење во кој не знаеме по колку часа во денот работиме. Картингот е механизам кој што во 10-15 минути ве троши на ист начин како да сте поминале еден час во теретана.
Колку има вистина во тоа дека картингот е основа на тркачките спортови?
Да, тоа е нормално поради тоа што има многу широк дијапазон на примена. Од деца кои што имаат седум години до 77 годишни луѓе можат да возат картинг. Ваквиот пристап е сосема вообичаен секаде во светот, за жал кај нас е малку поинаку. Овде картингот се доживува како спорт со “колички за мали деца”. Став кој се менува кога луѓето што ќе дојдат во Арт Картинг центaрот и ќе видат дека тие “колички за мали деца” одат и до 90км на час – веднаш се менува мислењето.
Во контекст на ова, колку луѓето знаат што е картинг, колку се запознаени со можностите кои ги нуди?
Не се доволно запознаени во секој случај. Проблемот веројатно е во основата, а тоа дека во Македонија немаме автоспорт. Сето тоа придонесува луѓето да не можат да се развиваат во тој аспект, да ги разберат и доживеат сите оние квалитети кои картингот ги носи.
Ние во моментов имаме поддршка од големи компании кои што доаѓаат на тим билдинг надвор од државата, бидејќи секаде во светот, првото место каде компаниите ги носат вработените на тим билдинг е картинг. Тоа кај нив е сосема очекувана и нормална работа. Кај нас тешко се стигнува до граѓаниниот. Ние успеавме во изминатите 5 години да направиме одредена финансиска проценка и финансиски можности во кои што ги намаливме цените до таа мера што ние сме 30% поевтини од најевтиниот картинг во Европа.
Опремата која што ја имаме е истата опрема кој што се користи во Дубаи, Катар, Дејтона, Белгија, Франција, Италија…Ние ги поседуваме врвните услови, но едноставно не можеме тој дел да им го доближиме на луѓето да разберат дека тоа е нешто кое е за нивно добро.
Кои предиспозииции треба да ги имаат заинтересираните, дали има ограничувања и правила кои мора да се почитуваат?
Ние имаме изјави кои ги потпишуваат посетителите, а за две недели од сега ќе бидат и во електронска форма. Истите сега се достапни, но за 15 дена ќе станат обврзувачки. Се наоѓаат на нашата интернет страница www.artkartingcentar.com каде заинтересираните ќе се регистрираат во нашиот систем. Така што, за да можат да возат, мора да кликнат на опцијата “се согласувам со условите” каде ги прифаќаат сите наведени услови. Тие се многу строги и прецизирани од страна на Меѓународната авомобилистичка федерација и картинг федерација. Тоа се услови кои се дефинирани од нивна страна. Кога сте премиум во работата што ја работите, нормално е да ги имлементирате нормите за безбедност.
Тоа што треба да го знаат луѓето е дека ние ја даваме опремата, ги даваме условите, но ние не можеме да одговараме за неговите постапки ако тој не се придржува до условите. За жал, практичниот пример покажува дека во овие 5 години на нашиот картинг е оштетена опремата колку што во Италија се оштетени во 64 картинзи за три години. Со новата опрема која ја импелементираме имаме можност доколку некој од возачите не ги почитува правилата и ја загрозува сопствената, но и безбедноста на другите возачи, да ги исклучиме од централа.
Кога доаѓаат луѓе кои што не се запознаени со оваа дисциплина, кои се најчестите прашања кои ги поставуваат?
Тука морам да нагласам дека сите наши инструктори се луѓе кои што комплетно ја знаат проблематиката. Сите добиваат обука за тоа пред секое возење без разлика колку пати дошле кај нас да возат. Тоа е од причина што ние сме свесни за фактот дека кога ќе се стави заштитната кацига на глава луѓето едноставно забораваат на лекциите од претходно. Ние сме тука за да ги потсетуваме.
Интересно е тоа што нема прашања штом дојдат. Ова не е пракса карактеристична само кај нас, така е секаде во светот каде што се вози картинг. Методологијата на работа со луѓе, обично бара малку да ги смируваме луѓето. Всушност тоа е една од функциите на инструкторите. Податоците покажуваат дека, 72% од луѓето кои што еднаш дошле на картинг се враќаат повторно еднаш неделно. Ова е активност која бара голема енергија каде се активира целата мускулатура на телото.
Дали тоа значи дека картингот бара претходна физичка подготовка и константна активност?
Картингот може да се вози и рекреативно, не мора да има натпреварувачки дух. Може луѓето да се релаксираат и да го исклучат мозокот комплетно од сите проблеми и стресни ситуации.
Но, доколку навлезат во светот на картингот и добијат желба да бидат добри, нормално е дека бара физичка активност. Самиот картинг ја зголемува физичката подготвеност бидејќи буквално сите мускули се активни. Знаете, кога реализираме одредена дестинација од точка А до точка Б со автомобил, не сми ни свесни колку ни се оптоварува телото. Тоа е реалност со која секој ден се соочуваме, а не сме ни свесни.
Дали постои интерес од женската популација и дали има разлика во пристапот, кој слуша повеќе – дали жените или мажите?
Да има разлика и тоа многу. Кај нас процентот на посетеност е огромен, изнасува 41% во однос на мажите, а на светско ниво 47 % во однос на 53 % мажи. Да бидам искрен, жените се попрецизни и поконцентрирани кон она кое што следи за разлика од мажите. Тие дури и кога ќе се удрат, размислуваат за тоа што се случило. За разлика од мажите кои тоа го доживуваат како херојство.
Што е следно на агендата на GP Caffe?
GP Caffe, кое што е во составен дел од Арт картинг центарот, е место каде што се следат сите натпревари од Формула 1. Во фокусот секогаш ни се настапите на Игор Стефановски – Иџе, но го следиме и европското првенство во фудбал, а ќе се следи и Олимпијадата и се што е интересно и врзано за спортот.
Да нагласам дека од 15 јули започнува Шампионатот на Арт Картинг центар, каде што секое возило што е реализирано кај нас влегува во рамките на Шампионатот. Секој круг се мери со нашата опрема и најдобрите добиваат за најдобро постигнато време на денот 5 гратис минути, за најдобро време на неделата 10 гратис минути, за најдобро време на месецот 20 гратис минути и уште многу други подароци од нашите партнери и спонзори. Подоготвуваме интересно лето исполнето со активности кое ќе трае до крајот на октомври, до кога трае и сезоната на Арт Картинг центарот.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.