Писателка која со првата нејзина книга “Рингишпил” и животот на Ана Балинт ја крена цела читателска публика на нозе и ја облеа во солзи, жената која во секој лик остава дел од својата душа…
Јелена Бачиќ – Алимпиќ зборува за последното нејзино дело, книгата “Ноќта кога дојдоа сватовите”, но и за себе како писател и жена, за поранешната професија, за инспирацијата која ја добива и ја преточува во пишан збор. Отворена, непосредна и пријателски настроена личност со која на шега го започнавме интервјуто, разговарајќи дека нејзините книги не можат да ја остават публиката рамнодушна:
Сте размислувале ли со вашите книги да давате подарок кутија марамчиња како реквизит за плачење?
Тоа прашање ми го постави една новинарка од Србија кога излезе мојата прва книга “Рингишпил”. На една книжевна вечер ме праша дали е подобро наместо музика да подаруваме хартиени марамчиња. Јас морам да нагласам дека не можам да пишувам без емоции. Кога сум празна и кога ништо не чувствувам тогаш и не пишувам бидејќи длабоко верувам во секој збор што ќе го напишам и морам да го преживеам напишаното. Кога сум зад лаптопот не е реткост да ме видите како плачам, па се смеам. Некој ќе помисли дека сум луда, но тоа едноставно е мојот начин на изразување, така што емоциите не можат, а да не се препознаат бидејќи читателите не можете да ги лажете. Така што секоја своја напишана книга јас длабоко ја преживувам и мислам дека после оваа трилогија, три книги кои ги напишав за многу кратко време, ќе заминам во пензија на неодреден период (се смее).
Јелена, кажете ни повеќе за “Казна за гревот” и генерално за целата трилогија. Зошто се одлучивте на три книги, наместо една?
“Ноќта кога дојдоа сватовите” е првата книга од трилогија “Казна за гревот” што првобитно беше замислена како една книга. Но со оглед на тоа дека ќе беше многу обемна, или како што би рекле децата дебела книга, мојот издавач ми предложи да се направи трилогија бидејќи приказната е многу комплексна. Целата трилогија е семејна сага, станува збор за две фамилии на почетокот на 20 век. Во првата книга, се запознаваме и со едната и со другата фамилија, како и со главните јунаци: Емилија која е ќерка на ковач и е слугинка и Михајло Херцег кој е син на грофот Херцег. Тој е многу богат, таа сиромашна, тука се изразува и сталешката поделба на почетокот на 20 век. Тие растат заедно бидејќи се врсници по возраст, тие се најдобри пријатели и како растат така се зближуваат се повеќе и меѓу нив се раѓа една невозможна љубов. Мислам дека “Ноќта кога дојдоа сватовите” е мојата најљубовна книга досега, дури содржи и една еротска сцена, за која долго размислував, нешто што е многу ново за мене. Се двоумев дали да ја напишам од причина што е навистина е тешко да се долови еротска сцена, бидејќи постoи голема можност авторот да влезе во баналости и вулгарности. После долго размислување сепaк решив да ја напишам и се сеќавам дека тоа беше ситуација кога децата поминуваа низ дома, сопругот нешто ме прашуваше постојано, а јас пишувам на лаптоп и се препотувам постојано заради тоа што го пишувам и преживувам. Во стомакот пеперутки летаат како некогаш и пишувам, пишувам… за после извесно време сопругот да ме праша нешто, а јас да му одговорам како никогаш претходно: „Молчи“, а тој да не знае што се случува (се смее). Јас бев занесена во сцената која се обидував да ја доловам. Кога ја завршив ми олесна, верувајте.
Кој прв ги чита вашите книги, во кого најмногу имате доверба за вистинска критика?
Техничката страна на книгата секогаш ја одобрува мојот уредник. Тоа е мојот начин на работа. Јас многу инсистирам на уредник бидејќи имам потреба од објективно мислење. Многу писатели се суетни и го немаат, но јас верувам во неговата проценка. Уредникот има извесна дистанца кон делото, а јас со секоја книга имам чувство како повторно да се породувам бидејќи секоја е мое дете и сите ги сакам еднакво. Разбирливо и нормално е да немам реален став кон своето чедо. Туѓите очи, кои се школувани, а немаат емпатија кон книгата можат подобро да видат и да ми кажат. А што се однесува на тоа кој прв го чита штотуку завршеното дело во ракопис, тогаш одговорот е мојот сопруг. Тој е првиот критичар бидејќи е ужасен во смисла на тоа дека нема да ме штеди ако нешто не му се допаѓа. Тој е правник во Апелациониот суд и не чита белетристика, туку чита само научни книги од неговата област. И кога ќе рече дека е добро тогаш е навистина добро. Често го прашувам и за некој совет, што мисли за тоа, знае многу добро да ме посоветува и мислам дека тој ми е најстрогиот критичар.
Во која од книгите имате оставено најголем дел од себе?
Мене ме има во секоја, но во “Рингишпил” најмногу. Има многу од мене во Ана Балинт, ме има и во другите ликови. Не можам да пишувам, а да не дадам дел од себе. За тоа што размислувам и чувствувам, тоа им го давам, пренесувам на ликовите. “Рингишпил” е книга што ја пишував во еден многу специфичен период од својот живот. Немаше да се случат ни останатите книги да не ја напишев неа. Ја пишував затоа што тоа го побара од мене мојот покоен татко. Јас всушност преку таа книга го обжалив својот татко. “Рингишпил” е една длабока и емотивна книга бидејќи додека ја пишував ми се отвораа сеќавања, ми се будеа емоции закопани длабоко во мене. Се сеќавам дека мојот син Марко, кој тогаш имаше 15 години(книгата е пишувана пред 6 години) во еден момент додека јас плачев пишувајќи една од сцените, ми рече: „Мамо те молам вети ми дека нема да умреш додека не ја завршиш книгата“. Така што навистина е пишувана со многу длабоки емоции.
Со “Последната ноќ во Париз”, се насочивте жанровски на друга страна, имаше драма, трилер, историја, што претставуваше новина во вашиот стил. Зошто?
Знаете, јас лично сметам дека таа е мојата најдобра книга досега. Ако успеам да се дистанцирам и да не бидам емотивно врзана за моите дела, мислам дека во книжевна и жанровска смисла е најкомплетно дело токму “Последната ноќ во Париз”. Но, исто така мислам дека читатателите со трилогијата ги враќам поблиску до “Рингишпил” бидејќи дефинитивно сите тие, посебно жените бараат нешто посебно, а тоа е емоцијата. Не велам дека “Последната ноќ во Париз” не доживеа голем успех, но не беше толкав колку што јас очекував. Како на пример, “Ноќта кога дојдоа сватовите” која во Србија за два и пол месеца беше продадена во 40 000 примероци. А ако го земете предвид фактот дека тиражот на најчитаните автори во Србија е 2000 – 3000 книги тогаш јасна е разликата. Дури и јас во еден момент без изненадена од исходот.
Дали се чувствувате различно во оваа етапа од животот кога сте писателката Јелена Бачиќ – Алимпиќ, а не новинарка чие лице го знаеја секаде од телевизиските екрани?
Сега се чувствувам апсолутно комплетно. Тогаш имав чувство дека сум преполовена личност. Со оваа промена се вратив на себе. Знаете, кога работите на телевизија не можете да бидете целосно искрен. Не ви одговара секој соговорник и морате да глумите. Мора да бидете пред камера и кога не ви е добро, кога сте болни, кога децата ви се болни, кога сте имале некоја непријатност. Таму не можете да дадете дел од себе. Јас секогаш имав штит и некоја потреба да се бранам од толкаво медиумско влијание кое верувале или не, никогаш не сум го сакала. Едвај чекав да се тргнам од екраните. Всушност јас за ова се школував, завршив југословенска книжевност и српско-хрватски јазик, така што дури сега, во овие зрели години се вратив на сопствената суштина.
За крај, како најава за да ги заинтересираме читателите за втората книга, што би издвоиле?
Вака ќе кажам: во втората книга има уште една димензија, побрза е, носи нови и интересни моменти во животот на Емилија и Михајло, во нивните одвоени животи, не се случува сè на имотот на грофот, туку се сели дејството во Австрија. Така што мислам дека на читателите навистина ќе им се допадне, за нијанса е подобра од првата и сакам да не ме мразат заради начинот на кој ја завршувам и местото на кое ја завршувам.
Подготви: Билјана Настеска-Каланоска
Фото: Hybread Media
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.