Емилија Дамјановиќ е дизајнерка која креира под името Еми Норис, присутна веќе неколку години наназад со своите кративни дела чија намена е да ја издвои жената од толпата народ, да ја стави во центарот на вниманието.
Во интервјуто за Hybread.mk таа зборува за креативната амбиција, љубовта кон модата и за нејзината модна колекција “Фанкахолик”.
Кога сфативте дека имате афинитети кон модниот дизајн?
Како дете имав фасцинација кон уметност генерално. Паралелно како музички, имав потреба да се изразувам и ликовно. Се уште неможам да го исклучам ниту едното ниту другото. Ми беа страшно занимливи костимите во филмовите, музичките спотови, илустрираните бајки, сликовници, енциклопедии, книги од историја на уметност, поминував доста време во нивна визуелна анализа и многу цртав. Освен тоа потекнувам од креативно семејство, како музички така и во областа на дизајнот, така што гените си го направиле своето.
Дизајнер сте и на накит. За каков тип на жени се наменети вашите дизајни?
Да, најчесто правам костимски, фигуративен накит со јака фанки нота.
Наменет е за урбани, храбри, бунтовни жени кои не се плашат да се издвојат од толпата. Жената која носи дизајн со мој потпис го гледа светот како глобална сцена и ужива да биде во нејзиниот центар.
Вашата прва модна колекција е специфична во секоја смисла на зборот. Од каде дојде инспирацијата, кои материјали ги употребувате за создавање?
Првата колекција од модната линија “Фанкахолик” претставува своевидна корелација меѓу модата и социјалниот дизајн. Има за цел да го подигне нивото на свеста кај широката популација за улогата на модата и стилот во развојот на општествена одговорност и да нагласи дека истата има моќ да доведе до социјални промени.
Светот е во криза. И тоа глобална и на сите полиња. Луѓето живеат во дизајнирана матрица која им е наметната. Се водат прокси војни, и на општествениот систем му треба редизајн. Прашањето е : Ако современиот систем е таков каков што е, каква треба да биде современата револуција за да го промени истиот ? Дали луѓето се премногу инертни за промени?
Овој проект ги анализира овие прашања.
Инспирацијата ја најдов дел во панкот, дел во приказната за Робин Худ, како синоними за бунтовништво, акција и промени, такашто колекцијата се однесува на урбаната жена бунтовник.
За продукција решив да употребам природни и полуприродни матерјали, памук, вискоза и слично. Со тоа на колекцијата и дадов еко френдли предзнак. Сметам дека природните материјали имаат огромна предност во однос на синтетичките затоа што не се токсични за човекот кој ги носи и нивната продукција е помалку токсична за природата. Попријатни се за носење, полесно пропуштаат воздух, лесно го впиваат вишокот вода од телото, поиздржливи се и лесно се разградуваат во прородата. Ако секој од нас има активен однос кон заштита на природата ќе избере природен текстил.
Вашите креации се под силно влијание на панкот како начин на изразување. Зошто?
Идеологијата на панкот како субкултура е во основа бунт против естаблишментот, против хипрокризијата на елитите, против воените политики, против меинстрим културата, против конформизмот и се залага за слобода и слободна мисла, за класна рамноправност …
Панкот е израз на бунт, агресија но и силен индивидуализам. Симбол е на промени. Панкот спонтано се поврза со мојата целокупна идеја околу колекцијата и така се создаде таа фанки бунтовна приказна.
За кого од познатите личности би сакале да создадете парчиња облека?
Не сум размислувала на таа тема ама единствени што ми паѓаат на ум во моментов се Гвен Стефани и Пинк од музичката сцена. Тие би биле доста инспиративни , а воедно ми се и музички фаворити.
Колку е тешко да се биде дизајнер и да се промовира уникатност во време кога сме затрупани со копии?
Нашата средина има тенденција да промовира кич и репродукции за сметка на иновативност и прогресивност…затоашто и самото општество е дизајнирано по тој шаблон и тоа не е случајно… и тој процес трае со години наназад. Најопасно е што нема критичка мисла или најчесто бива задушена.Тоа не е само во дизајнот туку во сите сфери. Затоа сме ние креативците тука како контратежа , да си ја работиме својата работа, а автентичниот уникатен дизајн секогаш си го пронаоѓа вистинскиот сопственик, дали тука или во странство се едно.
Кој е вашиот совет до младите девојки кои сега започнуваат да го дефинираат својот стил?
Младите треба најпрво да си изградат идентитет како личности и тоа слободни личности, па стилот ке си дојде сам по себе. Автентичен стил не се гради преку модни списанија и што другите носат, туку со истражување на сопственото јас. Можеби треба да одговорат на прашањето: Кој сум јас? Што е она што ме дефинира мене како личност? И не би требало да се плашат да бидат свои и автентични.
Која е вашата дефиниција за стил?
Стилот подразбира идентитет и начин на живот. Стилот не се носи туку се живее.
Подготвија: Маја Кузмановска и Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.