Дарко Стојчески е 26 годишен професор по географија, личност која ја сака својата земја и убавините кои таа ги крие. Љубител на планинарењето, истражувањето и авантуристичките прошетки кои му откриваат нови работи.
Дарко, Вие сте професор по географија, заљубен во својата професија. Како се роди таа љубов?
Љубовта кон професијата потекнува од самото детство. На почеток се интересирав кон многу нешта, но набрзо се пронајдов во географијата. Како и сите деца ги сакав игрите, особено играта “Брза географија“, која кај мене разви посебен натпреварувачко – истражувачки дух, а со самото тоа предизвика голем мотив, многу повеќе да читам и да ги разгледувам географските карти, а воедно уште од најрани години, многу повеќе да се интересирам, но и да учам за светот. Покрај тоа што ги засакав географските карти, лесно се ориентирав на нив, почнав истите да ги цртам. Понекогаш одев до таму што ги менував, но и измислував свои територии со посебни измислени топоними, држави и сл. (убава детска фантазија).
Потоа цртањето на хартија го заменив со повеќе компјутерски програми поврзани со географско сознавање на светот. Со тек на време интересот кон географијата како наставен предмет сè повеќе растеше, што при крајот на средното образование бев сигурен дека тоа е тоа што треба да студирам. Откако почнав да студирам на Институтот за географија се уверив дека сум на правото место. Како што течеше процесот на студирање, сé повеќе се зајакнуваше љубовта кон науката, особено кон теренските патувања и истражувања. Покрај тоа што се пронајдов во географијата, пронајдов уште една добра карактеристика која треба да ја има секој наставник. Оние кои добро ме познаваат, знаат дека, јас сакам, но и многу се трудам да го пренесам знаењето, сакам отворено да говорам за географските поими, појави и процеси, а воедно на тој начин да предизвикам интерес кај соговорникот за географската наука, како една од најинтересните, но и најважните науки во општеството.
Се соочувате ли со предрасуди во однос на релацијата, вашата професија и годините, бидејќи некако сите очекуваат професорот по географија да биде над 40-тата, со брада и строг изглед…
Во принцип нема предрасуди, бидејќи на повеќето им е драго кога ќе видат млад наставник, особено на колегите и децата. Колегите се навратуваат и потсетуваат на нивните почетоци, па споделуваат искуства и сеќавања. Децата се повеќе среќни и полесно те прифаќаат, бидејќи си помлад. Но, понекогаш се соочуваш со предрасуди, особено од оние кои го заборавиле процесот на образование или пак го заборавиле патот по кој поминале, потешко ги прифаќаат работите дека си во тек со времето. (најмногу оние во поодминати години).
Во моментов предавате во основно училиште, на деца од 12 до 14 години. Колку е тешко да се пренесе материјата, дали покажуваат интерес?
Особено интересно прашање. Во текот на работата, се соочувааш со разно – разни случувања и ситуации. Сè е во зависност од децата, материјата и начинот на кој се обидуваш да го пренесеш материјалот. Оној дел кој веќе го познаваат, а има потреба да се повтори, поединци несериозно пристапуваат. Секако, особено внимание им предизвикуваат новитетите, кога им презентираш нешто ново, нешто што е во тек со секојдневието, особено ги разбранува и им буди големо чувство на интерес. Исто така, силен впечаток им дава работата и истражувањето со современата технологија и секако работата на терен.
Љубител сте на планинарењето, за викенди често знаете да искачувате некоја од македонските планини. Како изгледа тоа искуство?
Да, сакам да планинарам и да спортувам, спортот е моја втора љубов, па кога ќе се спојат географијата и спортот, се добива планинарењето, кое многу ме исполнува. Иако не сум некој планинар со голем стаж, имам посетено повеќе планини. Планинарењето ми претставува еден од начините она што се изучува и предава да се види на лице место, а воедно да се прошири, но и да се заокружи сликата за некој предел. Што би рекол еден мој професор “нас географите нè интересира што има од другата страна на врвот”. Самата посета на височините кои пленат од далечина и кои доминираат во просторот, нудат прекрасно уживање кое не може да се опише со зборови, едноставно треба да се отиде и да се види. Покрај тоа што планинарењето претставува начин да се разгледа, проучи, но и ужива на теренот, претставува начин на одмор, начин на црпење на мир, спокој, трпение и мотивација од природата, кои ни се неопходни за да продолжиме понатаму со животот.
Кој дел од Македонија ви е посебно драг, каде сте биле да истражувате повеќе од еднаш?
Македонија е мошне убава земја и треба, но и мора повеќе да ја цениме и сакаме! Има многу места кои ми се посебно драги, секое место си има своја убавина, но некако повеќе внимание ми предизвикуваат неразвиените места, местата кои се помалку комерцијални и познати. Има неколку такви, но со сигурност ќе ја издвојам областа Порече, област од која потекнувам и во која имам поминато еден дел од животот. За таа област се врзуваат и најголемиот дел од моите скромни истражувања. Исто така, ќе ги наведам и водопадите на јужните падини на планината Беласица, каде во соработка со колегата Глигорије Џилвиџиев објавивме научен труд.
Што Ви е предизвик, кои територии сакате да ги откриете?
Како што кажав претходно, најмногу ме привлекуваат неразвиените области, сакам истите да ги истражам, осознаам, но и да придонесам за нивен развој и заживување. Сакам да создавам, креирам, но и помагам за заедничко добро на сите, особено на оние кои се заборавени. Исто така, сакам да собирам географски карти, но и истите да ги исцртувам и креирам, а воедно да ги посетувам местата кои ги има на картите. Но најмногу сакам да истражувам за родното место на мојот татко, селото Белица (Порече). Веќе подолго време се стремам, истражувам и собирам податоци за селото, па само здравје, еден ден се надевам дека ќе издадам една комплетна монографија.
Кое искуство никогаш нема да го заборавите, на што ќе се сеќавате засекогаш?
Има многу работи на кои вечно ќе се сеќаваам. Секако би ги издвоил студентските години и годините поминати во географското друштво – ИЗСГ Природник, каде заедно со уште неколку колеги и колешки заеднички управувавме со таа организација. Периодот поминат во географското друштво ми отвори многу нови погледи на животот, стекнав многу нови искуства, а што е најважно запознав многу пријатели (колеги) како од Македонија, така и од регионов. Со најголем дел од нив сеуште контактирам, но и често се гледам. Исто така, би го издвоил и првиот работен ден како наставник по географија. Првите впечатоци и првиот наставен час, каде бев многу возбуден и секако мора да признаам, помалку и исплашен, како ќе започне и како ќе снајдам со таа многу сериозна и крајно одговорна работа.
За крај, ќе искажам голема благодарност до вас и вашиот портал Hybread.mk, кои давате одлична можност, да се сподели едно поинаково и особено интересно географско искуство. Ќе ви посакам, така да продолжите и сè повеќе да читаме разно – разни искуства и успеси на младите луѓе. Ви благодарам.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post