Билјана Ристеска е дипломиран нутриционист, магистер на катедрата за квалитет и безбедност на храна. Поборник за здравиот начин на исхрана и дел од истиот, активна 10 години, мајка на три деца и истражувач во областа на нутриционизмот како нова научна дисциплина кај нас. Во моментов нејзината местоположба е во Центарот за здрав начин на исхрана New Nutritionism.
Билјана, се наоѓаме во период од годината кога се уште владеат вируси и настинки. Неизбежното прашање е како на природен начин да се заштитиме?
Природниот е и единствениот начин за заштита според мене. Не верувам во ниту една друга заштита, мислам на фармацевтска (хемиска), со посебен нагласок на вакцини против грип, вируси, дополнитен внес на витаминско минерална терапија (освен во исклучителни состојби). Ние сме дел од природата и само во неа и од неа можеме да го бараме нашиот лек , превенција или заштита. Но, како на природен начин да се заштитиме? Само со правилен дневен внес на сите заштитни и хранливи материи кои би требало се дел од храната која ја конзумираме секојдневно. Тоа подразбира убав, правилен и здрав старт на денот. Како велиме: по утрото денот се познава. Епа, ајде тогаш за добро утро секое утро чаша полна енергија, витамини, минерали, антиоксиданси. Континуирано секојдневно конзумирање на свежо овошје и зеленчук, природни чаеви, домашни зеленчукови супи, природно цедени овошно зеленчукови сокови (или поеднинечно), кисело-млечни домашни напитоци (кефир) се основа и гарант за добро здравје. И најважно од се, треба да веруваме во моќта на храната. Само тогаш ќе имаме извонредни резултати, а грипот и настинката нема да имаат прилика да се запознаат со нас, нема да бидат дел од нашиот живот. Им задаваме страшен, смртоносен природен и здрав удар. Вирусите и настинките нема да се доближат до нас, не ни можат ништо доколку нашиот имунитет е на завидно ниво. Бидете пример за другите, почитувајќи го вашето здравје и реагирајќи на алармите кое телото секојдневно ни ги дава. Само така инвестирате во добра општа здравствена состојба за вас и за оние за кои вие се грижите. Здравјето е наш најважен животен сегмент. Да го чуваме и да се грижиме за него додека го имаме.
А што е со долгорочната исхрана, дали треба да ја менуваме со годишните времиња или има режим на исхрана и треба да се држиме до него?
Долгорочната исхрана треба да биде заснована на здрава храна, претежно од растително потеклло. Морам да напоменам дека таа иста здрава храна треба да биде исто така и квалитетна и безбедна храна. Треба да знаеме дека не секоја квалитетна храна е и безбедна храна и обратно. Комплицирана наука учиме ние (се смее). Секако дека исхраната се менува во однос на годишните времиња т.е станува сезонска. Па оттука имаме исхрана за време на пролетниот, летниот, есенскиот и зимскиот период од годината. Не случајно природата така ни ја дарила храната. Треба да се почитуваат природните правила и закони. Само тие се оние суштинските од кои зависи нашето постоење овде на земјата. Режим, некако непријатно, страшно тоа звучи. Не сум поборник за истиот. Исклучиво сум за правилен начин на исхрана кој ќе биде дел од сечиј животен стил. Значи, не режим, не диета, туку комплетна промена на целокупниот начин на живот, животниот стил, секако кон и за подобро.
Ние често пишуваме и зборуваме за позитивната страна на добро избалансирана исхрана. Ајде да го потврдиме тоа со факти.
Убаво пишувате. Добро избалансираната и правилно искомбинирана храна во зависност од потребите на поединецот има само свои позитивни страни. И секако тоа не се заснова само на слободно пишување. Истото е потврдено и со факти. Моето работно искуство ми го потврдува тоа. Како резултат на истата таа храна се средуваат (санираат) одредени здравствени проблеми, како зголемен/намален крвен притисок, лоша/неправилна/слаба циркулација, холестерол, триглицериди, анемија, булимија, анорексија, неплодност, полови инфекции/заболувања, габични инфекции, кожни заболувања, невролошки пореметувања, депресии….
На кој начин ја дефинирате исхраната на секој човек поединечно?
На посебен и индивидуален начин. Секој човек е посебна состојба, приказна, потреба…затоа кон секој мој клиент пристапувам одговорно, совесно, индивидуално, хумано. И верувам дека само така се стасува и задржува посакуваната цел. Дефинирање на исхраната следи по низа направени испитувања: биохемиски, психо-физички, антропометриски…потоа следи првичен разговор со клиентот на кој практично се запознавате со личноста со која треба да работите. Мојата работа е пред и се хумана работа. Затоа е и многу важен пристапот кој секоја личност засебно. Умешност е да извлечете од некого токму она кое вам ви е потребно. Важно е да си ја сакате работата. А уште поважно, на крајот од работниот ден, кога се ке се заврши, да застанете цврсто и сами пред себе да признаете колку сте навистина среќни после еден напорен работен ден. Мене тоа ми се случува секојдневно. Излегувам со насмевка од мојата ординација. Среќна сум, не сум нималку изморена, туку полна со енергија за довршување на тековните секојдневни обврски. А среќата со ништо не се купава, таа не се лажира…среќа е насмевката и задоволството на личноста спроти тебе!
Кое е најапсурдното барање кое сте го добиле од клиенти?
Најапсурдно барање? Морам да признаам дека апсурдните барања се ретки, но се имаат случено неколку пати во изминатите години. Сега се поретко се случуваат бидејќи луѓето се едуцираат и знаат за што конкретно бараат и доаѓаат на нутриционист. И уште еден важен податок, што искрено ме радува, прашуваат кој го изготвува начинот на исхрана, кој ќе соработува со нив, дали е тоа стручно лице образовано во тој профил или како што знаат да прашаат и кажат „некој самонаречен нутриционист. Да се вратам на апсурдните барања или прашања би рекла јас. Морам да се извинам на сите оние кои ќе се пронајдат, во примерите што следат. Знам дека нема да ми се налутат, бидејќи на истите се имаме заедно шегувано и смеено после одреден период на соработка.
- „што да форсирам повеќе од храна за да ми пораснат градите? „
- „за колку време би ми пораснале градите ако сум на ваков начин на исхрана?„
- „дали новиов начин на исхрана ќе влијае врз мојата сексуална активност?„
- „смеам ли да забременам додека се хранам вака?„
- „Билјанче, што сакаш прави, јас сакам да ослабнам минимум 15 кг за еден месец!„
- „Прави што ќе правиш да ми го снема целулитов за две недели!!!„ и уште многу интересни моменти и ситуации.
Која е најголемата заблуда за здравата храна која сте ја забележале кај луѓето?
Многу заблуди има меѓу луѓето. Како кај оние со кои работам, така и меѓу останатите кои ги познавам. И верувајте не секогаш сум расположена за докажување, всушност многу ретко го правам тоа. Но тоа не значи дека доколку некој побара мислење и совет нема да му излезам во пресрет, напротив се давам себеси комплетно кога станува збор за совет, порака, препорака…само по желба на личноста, воопшто не се нафрлам доколку не бидам прашана, повикана…
Луѓето, тие никогаш не биле позбунети околу тоа што е навистина здраво отколку сега. Атрактивната амбалажа и убедливата реклама ќе натера многумина потрошувачи/купувачи да веруваат дека токму тоа е здрава храна за нив. Дури 67 од 100 купувачи веруваат во тоа дека сите оние производи кои се рекламираат како здрави се навистина здрави. Во последниве 2-3 години пак, 8 од 10 возрасни личности пробале да се хранат поздраво.Од многуте производи на полиците, денес е навистина тешко да препознаете што е навистина здраво, а што само како такво се рекламира.
Затоа доколку сакате да јадете на пример пилешко месо, најдобар и најздрав начин е да го подготвите дома. Само тогаш сигурно ќе знаете што сервирате во чинијата од која треба да јадете. И секако морам да напоменам дека месото не се наоѓа на мојата листа на здрави и хранливи намирници за кои некој велат дека се основа на исхраната и доброто здравје. Не конзумирам месо подолг период, но исто така и не го забранувам месото во исхраната на моите клиенти, секако доколку здравствената состојба го дозволува тоа.
Што е со водата, често има заблуди и недоумици за ова прашање. Која е вистинката количина на вода која треба да ја испие еден човек, дали да ја задоволи потребата или да пие и покрај фактот што не чувствува потреба?
Вода – таа благородна течност која живот значи. Мојот омилен секојдневен пијалок. Со вода го почнувам и завршувам секој ден. Водата е основна состојка на сите телесни течности, вклучувајќи ја крвта, лимфата, плунката, жлездените излачувања. Таа е неопходна за зачувување на здравјето, но дневните потреби од истата се многу индивидуални. Добро познавање на вашето тело може да ви помогне многу во одговор колку се вашите дневни потреби за вода. Колку вода треба да се пие дневно?
Толку едноставно прашање, но без едноставен одговор. Праксата и истражувањата покажуваат дека дневните потреби за вода се менуваат и зависат не само од животната доба, туку и од низа променливи фактори. Моменталната здравствена состојба, стилот на живот, нивото на физичка активност и секако диетите во голема мера влијаат на дневните потреби за вода. Иако не постои единствена формула по која би ги пресметале точно потребите, познавањето на сопственото тело и потребата на телото за течности ја олеснува вкупната проценка на хидратација на организмот и вкупната дневна потреба за вода.За време на нормално функционирање на телото доаѓа до загуба на значајна количина на вода со испарување преку издишениот воздух (евапорација) и кожата (перспирација), или со излачување преку урината и цревната содржина. Овие загуби не се мали и побаруваат адекватна дневна надохнада. Водата ја внесуваме или во изворен облик, како чиста, питка вода, или како дел од храната или други видови напитоци кои содрѓат вода во голем процент. Машките трошат околу три литра вода на ден или 13 просечни чаши. Потребите на жените се нешто поскромни и изнесуваат околу 9 чаши, или поточно околу 2,2 литри вода на ден.
Што мислите, дали сме нација која има може да достигне алармантно ниво на тежина со овој начин на исхрана?
Секако. Ме плашат истражувањата, резултатите и податоците кои ги читам и до кои и сама доаѓам преку лични мои истражувања спроведени кај и за децата. Се повеќе и повеќе дебели деца во нашата земја. А самата дебелина со себе носи и многу видови заболувања нетипични за детската возраст. Дете на девет годишна возраст со 60 килограми, дванаесет годишно момче со зголемен крвен притисок, деца дијабетичари, асматичари, девојче на седум годишна возраст влезено во пубертет, секое трето дете алергично на нешто… И сето тоа како резултат на брзиот начин на живот, модерното живеење, тренди фазоните. Сите брзаме, во гужва сме, немаме време за ништо, а најмалку за нас самите. И дали се запрашувате до кога вака? Па сигурно, додека не служи здравјето. Затоа што без него ние сме ништо, ни мајки, ни сопруги, ни работници, ни другарки, ни луѓе.Затоа апел до сите што ќе го прочитаат ова, грижете се за вашето и здравјето на вашите најмили додека го имате. Немојте да дозволите да лечите нешто што навреме можело да биде спречено. Превенирајте пред да третирате/лекувате.
Сметам дека ако продолжиме со вакво темпо на (не)живот, за кратко време ќе станеме нација која ќе има сериозен проблем со тежината кај луѓето почнувајќи од најрана возраст. А со самото тоа и нација која ќе се бори со болестите на модерното време. Бидете благодарни на тоа што ви дариле живот, дарете и вие некому. Но никогаш не го потценувајте вашиот, но и туѓиот живот. Почнете уште денеска. Направете промена во вашиот начин на исхрана, хранете се квалитетно, безбедно и пред се здраво. Телото и умот паметат, ќе ви вратат со добро и никогаш нема да ве изневерат.
Направете ја вистинската инвестиција, инвестирајте во вашето здравје и живот, бидете среќни, расположени и задоволни, а со самото тоа вечно млади и долговечни.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Радмила Бошкова
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.