Во издание на ПАБЛИШЕР неодамна излезе од печат книгата за деца „Невидливото дете“ од шведската авторка Туве Јансон. Преводот на македонски е на Ивица Челиковиќ. Книгата е дел од едицијата „Приказни што нѐ обединуваат“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Еден од најпопуларните светски серијали за деца, создаден од шведската авторка Туве Јансон, е волшебен свет во средиштето на една голема долина. Околу семејството во долината, чие средиште е мајката Мумин, постепено се собираат и многумина други жители: госпоѓицата Снорк и Сниф, Снусмумрик и Малечката Ми, филифјонки, хатифнати и хемули – сите со свои посебни својства и однесувања. Во Невидливото дете се сместени девет возбудливи и забавни приказни за маките и победите на жителите на Муминовата Долина. Читајќи ќе откриете како семејството Мумин ја спаси малата Нини да не стане целосно невидлива, и што се случува кога Муминтрол го фаќа последниот змеј на светот и ќе откриете еден цел мал универзум.
Туве Јансон го создава светот на Мумините како автономен универзум, еднакво волшебен и фантастичен и за деца и за возрасни. Првата книга за Мумините, Малите тролови и големата поплава, била објавена во 1945 година. Серијата за Мумините продолжила со уште осум книги, од Лов на комети (1946) до Доцна во ноември (1970). Книгите за нив достигнале планетарна популарност и ја направиле Јансон една од најпознатите писатели за деца на 20 век. Со Шеширот на волшебникот (1948) Туве Јансон доживува вистински пробив како писателка за деца. Книгата била преведена на англиски и го отворила патот за успешно меѓународно претставување на книгите за Мумините. Преведени се на 35 јазици, а исто така се и драматизирани за театар, опера, филм, радио и телевизија.
Туве Јансон е добитник на многу награди и признанија, меѓу кои плакетата Нилс Холгерсон во 1953 година, Златен медал Ханс К. Андерсен во 1966 година, Финската награда во 1993 година, Големата награда на Шведската академија во 1994 година и многу други.