Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Идентитетите се флуидни и повеќеслојни, па, така, Вие истовремено сте министерка за култура, универзитетска професорка, доктор на науки, сопруга, мајка и што уште?
БСК: Се надевам и добра ќерка, како и горда внука на носител на Партизанска споменица од 1941 година и верувам, пред сè, човек. Точно е дека нашите идентитети се формираат преку изборите што ги правиме и преку она што ќе ни се случи во животот. Но, јас го одбрав патот опишан во зборовите на Карл Густав Јунг: „Јас не сум тоа што ми се случуваше, јас сум таа што избрав да бидам“.
Ме движи волјата да сторам нешто добро, а не суетата.
АЈ: Многумина Ве запамтија по влегувањето со скафандер во собрание (и сè уште Ве асоцираат со таа ситуација) кога позитивна на коронавирусот отидовте да гласате, а малкумина знаат дека бевте бремена кога започнавте како пратеничка. Храбра одлука за жена. Најтешко е човек да зборува во прво лице за себе, сепак, без свилени ракавици како би го опишале Вашиот сензибилитет?
БСК: Воздржаност во најтешките мигови… Mојот план и намера да му одговорам на тој што ме навредил или повредил никогаш не бил толку совршен како одговорот на животот во мое име. Одамна разликувам вистинска од лажна емоција. На навредите научив да гледам како на туѓа слабост. Верувам во силните аргументи и ме движи волјата да сторам нешто добро, а не суетата. Тоа што чувствувам емпатија, благодарност, разбирање не е моја слабост. Напротив.
Во Собранието дојдов во скафандер за да гласам за уште еден пакет мерки за помош на погодените категории од последиците од светската пандемија. Да имаше опозицијата минимум почит кон нашите граѓани, јас не ќе бев неопходниот глас ЗА.
На навредите научив да гледам како на туѓа слабост.
АЈ: Пандемијата како да ни ги врати есенцијалните прашања за човекот поставени во романите на Достоевски, Ками, Толстој, Сервантес, Маркес: кои сме, од каде доаѓаме, каде одиме, смртни сме или бесмртни, зошто сме грешни… Кои прашања Ве мачат најсилно низ оваа здравствена и хумана криза предзивикана од коронавирусот?
БСК: Да, на пример, „Злосторство и казна“ е предизвикувачки текст кој бара многу од читателите, но исто така води до повеќе од еден „удар во стомакот“ во дискусиите за ликовите, настаните и идеите. Неодамна, во „Њујоркер“, читав за лекциите што ги подготвуваат за студентски вежби базирани на ова ремек дело.
Длабоките мисли и спознавањето на суштината е некако затапено. И тоа безгласно под заглушувачките вресоци произведени од денешните болки на човештвото. Дали заборавивме кои сме затоа што станавме сведоци на смрт од невидлива закана? Затоа што увидовме колку сме немоќни… Или, ако зборуваме за значењето на човештината пред ужасот на војната… Дали нечија фикција е реалноста што ја живееме!?
Преку болката осознав дека здодевноста може да биде и благослов.
АЈ: Мишел Фуко велеше дека „клучниот политички проблем за интелектуалецот не е да ја критикува идеолошката содржина, туку да конституира нова политика на вистината”. Која е Вашата нова политика на вистината?
БСК: Повеќе вистина во политиката!
Ако мајката треба да е пример за своите деца, токму заради мојата Ана правам и ќе направам сè да не дозволи пеглата и правосмукалката да и бидат „оружје“, а налевањето со кафиња со сосетките да ѝ станат утеха.
АЈ: На мажите политичари ретко им се поставува прашањето како балансираат помеѓу кариерата и приватниот живот. Од друга страна, типични се тие тврди бинарни позиции кога се успешните жени во прашање. Со прифаќањето на министерската позиција донесовте одлука да се преселите од Битола и да живеете во Скопје, сама, без Вашите деца – едногодишната ќерка Ана и шестгодишниот син Петар. Најголемиот дел од луѓето оваа Ваша одлука децата да останат во Битола, а Вие да работите во Скопје би ја свртиле како оружје против една мајка. Колкава жртва и храброст се потребни за ваква одлука?
БСК: Јас во Скопје работам, а живеам кога ќе си отидам дома, во Битола. Одговорот на другиот дел од прашањето е работа на договор во моето семејство. И толку. Работата од дома беше тест на кој, за жал, многу семејства „паднаа на испитот“. Нашето семејство токму тогаш доби дар – ќерката Ана. И ако мајката треба да е пример за своите деца, токму заради мојата Ана правам и ќе направам сè да не дозволи пеглата и правосмукалката да и бидат „оружје“, а налевањето со кафиња со сосетките да ѝ станат утеха. Затоа моето работење во Скопје не е ниту жртва, ниту храброст.
АЈ: Во првиот век од нашата ера Плутарх ги исмевал оние кои изјавувале дека месечината над Атина е поубава од онаа над Коринт. Милтон во 17 век забележал дека Бог прво им се открил на Своите Англичани, Фихте на почетокот на 19 век изјавил дека да се има карактер и да се биде Гeрманец очигледно е едно исто. На сèова, Хорхе Луис Борхес ќе рече: „Никако да дојде крајот на илузиите во врска со посебноста на нациите“. Како треба да приоѓаме на посебноста на еден народ? Кое е нашето македонско свето тројство кога е културата во прашање?
БСК: Јазикот, историјата и културата! Блаже Конески, Крсте П. Мисирков, Охрид со својата уникатна вредност, Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Матејче, Курбиново, Куршумли Ан. Стоби, Хераклеја, Стибера, Славко Јаневски, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски…
Човек би рекол многу свети тројства за една мала земја, но таква е нашата почва.
Во Скопје студирав, па потоа доаѓав како пратеничка, а денес сум времена жителка како министерка. Скопје е наш главен град, но мојот град е Битола.
АЈ: Во Хомеровата „Илијада“ и „Одисеја“, гостинот е на пиедестал. Гостинот не се прашува кој е и од каде доаѓа додека не се искапе и нахрани. Како битолчанка, што мислите за гостопримството во Скопје? Како се адаптирате на животот во друг град?
БСК: Хахахаха…Се надевам дека не го злоупотребувам гостопримството, бидејќи како што е во „Илијада“ и „Одисеја“, ќе ме казнат Боговите (се смее). Всушност, мојот живот веќе подолго време се одвива на релација Битола-Скопје. Во Скопје студирав, па потоа доаѓав како пратеничка, а денес сум времена жителка како министерка. Скопје е наш главен град, но мојот град е Битола.
АЈ: Познатиот поет Никола Маџирoв вели: „Кога стих на Конески ќе биде испишан врз ѕидот, тој веќе престанува да биде ѕид“. Со кои стихови би ги испишале забетонираните ѕидови што ги разделуваат луѓето?
БСК: „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече,
Закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“.
АЈ: Ацо Шопов, значи… А од денешна перспектива, како би ја искоментирале познатата сентенца на Блаже Конески: „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“?
БСК: Да, Ана, ќе го цитирам до крај Конески : „Јазикот е единствената наша Татковина. Сė додека го чуваме, го негуваме, го вардиме јазикот наш македонски, ќе може да сметаме дека ја имаме и Татковината. Како куќа, како дом, како огниште“. Овие зборови за мене се и предупредување и аманет од големиот Конески. Неговата поука дека смирноста е мудра, ја толкувам како стратегија, како начин за да си го довардиме огништето.
АЈ: Која е најголемата духовна зандана во која некогаш сте се нашле?
БСК: Мислата. Онаа длабоката. И повеќе би ја нарекла стапица отколку зандана оти до сега умешно, а делумно и инстинктивно ја избегнувам.
АЈ: Често сме изложени на туѓите трауматски искуства преку светот на филмот, литературата, медиумите, но кога се личните трауми во прашање, портите на личноста остануваат заклучени. Трауматските искуства носат комплексни промени во животот и сметам дека е важно да зборуваме отворено за траумите, не за да ги користиме како карта за сожалување, уште помалку со реторика на патетика (иако и тоа е неизбежно), тука како споделено искуство што некому може да помогне… Пред скоро девет години го загубивте Вашиот брат во планинарска несреќа близу Битола. Не сум сигурна дали доволно суптилно би можела да ѝ пријдам на Вашата болка, но сигурна сум дека не треба да се плашиме да покаже дека сме ранливи…
БСК: Јас сум риба во хороскоп, а таа ита кон длабочините секој пат кога ќе се почувствува ранлива. Но, го наметнав оклопот на ракот, ја подигнав главата како лавот, тргнав да ја искачувам угорнината на животот како јарец, подготвена да „нападнам“ како бик, прецизна како стрелец, со умешност на водолија, со страст како овен, со срце чисто како девица, со одмереност како вага, со интуиција како шкорпија и со љубов кон другиот како кон близнак. И сето тоа зашто „срцето ми беше допрено“. Кој изгубил, ме разбрал…
Сликите од Украина, а претходно и од другите воени жаришта, како луѓето со еден ранец напуштаат сè што стекнале, ми побудија една мисла, повеќе како порака, дека ако не ја сочуваме татковината, еден ден ќе нема каде да се вратиме…
АЈ: Вие бевте најмладата докторантка на универзитетот во Битола. Една позната песна вели: На најдобрите им недостасува самодоверба, а најлошите се полни со страсна убеденост! Колку и да не ги сакам генерализациите, сепак, ова е чест проблем во нашата татковина. Како да ги мотивираме младите луѓе кои масовно се иселуваат барајќи просперитет и подобар живот надвор од нашите граници?
БСК: Порано беше печалбарство, сега прејде во преселба. Денеска е поинаку бидејќи младите поинаку го гледаат светот. За нив е доволен Вибер и понекоја фотографија на социјалните мрежи за поздрав. Точно дека секој има право да го бара подоброто за себе, но животот се менува за миг. Сликите од Украина, а претходно и од другите воени жаришта, како луѓето со еден ранец напуштаат сè што стекнале, ми побудија една мисла, повеќе како порака, дека ако не ја сочуваме татковината, еден ден ќе нема каде да се вратиме, ќе нема како да објасниме од каде сме и зошто веќе не сме…
АЈ: „Не постои праведност во современиот свет. Дури и војната може да е демократска постапка против погрешната демократија“ (Ален Бадју). Кои квази концепти на демократичност и правда се најопасни?
БСК: За мене, оние демократии кои се „обландирани“ со национализмот и популизмот. Ги има многу такви во денешниот свет. И ние ја „вкусивме“ таа обланда, но добро е што го преживеавме тој рецепт, отровен за демократијата и погубен за правдата.
Има држави во кои семејното насилство се смета за воведување на ред од страна на главата на семејството!!! Има држави во кои силувањето не е противзаконско!!! Има држави во кои мажот е стопан на својата жена!!!
АЈ: Вие сте една од основачките на Платформата за жени против говорот на омраза. Која е главната цел на оваа платформа?
БСК: Да ја прекинеме тишината во која потонува секоја трета жена занемена од насилство и омаловажување. Секое насилство е казниво. Зошто тоа да биде исклучок кога станува збор за жена, за девојка? Има држави во кои семејното насилство се смета за воведување на ред од страна на главата на семејството!!! Има држави во кои силувањето не е противзаконско!!! Има држави во кои мажот е стопан на својата жена!!! А токму деновиве се изнаслушавме дека „жени да раководеа со светот, тој немаше да биде вака болно место за живеење“. Страшно е на колку жени светот им е болно место за живеење.
АЈ: Кои жени го променија светот?
БСК: Ги има многу… од Клеопатра до Агата Кристи. Би ги спомнала Индира Ганди, Голда Меир, Маргарет Тачер, Ангела Меркел. Но, најдраги ми се промените кои на светот му ги донесоа сестрите Бронте.
АЈ: А кои жени Ви беа инспирација низ животот?
БСК: Сите жени од моето семејство ми „дале“ по нешто, а јас гледав да го земам најдоброто и да го пренесам на моите деца. Семејната ДНК не може да се промени, но важно е во наследство да оставите чист образ, чиста карма. Благодарна сум ѝ на мојата мајка за сета љубов која не престана да ми ја покажува дури и кога болката ја гореше однатре. Очите секогаш ја издаваат…
Благодарна сум ѝ на мојата мајка за сета љубов која не престана да ми ја покажува дури и кога болката ја гореше однатре. Очите секогаш ја издаваат…
АЈ: „Замената на естетските со економски тези е дел од намерите на потрошувачкото општество кое по секоја цена сака уметноста да ја претвори во стока за широка трговија. Книжевноста никогаш порано не беше толку трговија колку што е денес“ (Венко Андоновски). Која друга трговија Ви пречи?
БСК: Трговијата со туѓи животи. На таа вулгарна берза, човекот вреди сè помалку. Така обезвреднет, веќе и самиот заборава да се цени и да се бори за себе. Животот е дар, а не биткоин!
Човештвото сė повеќе тоне во борбата меѓу доброто и злото.
АЈ: Кај Достоевски централното прашање е прашањето за доброто и злото. Во реалниот живот каде ја наоѓате/гледате борбата меѓу доброто и злото?
БСК: Вечна е таа борба, запишана и во Светото писмо, како борба чиј почеток е „тајна над тајните“. Но, не е тајна дека човештвото сė повеќе тоне во борбата меѓу доброто и злото. Дел од пронајдоците за добро на човештвото, благодарение токму на човекот и на неговото калкулирање со добивката, набргу станаа негово најголемо зло, најголема закана – од тркалото, преку динамитот до паметниот телефон. Разликата е само во чија рака се наоѓаат.
АЈ: Кои романи/филмови/театарски претстави морално Ве препородија? Два-три наслови конкретно што Ви оставиле најсилен впечаток?
БСК: Драмите на Шекспир кои со векови се „живи“ и се престиж за секој театар и за секој актер во светот. Има ли човек кој не знае за Шекспир, кој не слушнал за Кралот Лир, за Макбет, за Хамлет, за Отело, за Венецијанскиот трговец?!
Во родната земја на Шекспир, дел од својот живот помина и нашиот Горан Стефановски. Како да ги слушам репликите од „Диво месо“, го читам и пречитувам „Писмото до внуката Калина“ како да е адресирано до сите наши деца.
А размислувајќи за впечатлив филм, актуелните настани ме потсетија на „Изгорени од сонцето“ на Никита Михалков.
На Балканот кафеаната е институција која ужива најголема доверба. Таму ќе слушнете и за политика, и за медицина, и за светски заговори, и за прераскажана историја, и за сателитот кој удри во Месечината и детали од разговорот на Путин со Макрон….
АЈ: Кафеаната е храм на модерната европска цивилизација. Во кафана се уште се прават важни договори, битни лобирања, политички игри. Што правите кога одите во кафана? Каква музика сакате да слушате?
БСК: Европските и балканските кафеани се навидум слични но, за мене, тие се неспоредливо различни. На Балканот кафеаната е институција која ужива најголема доверба (се смее). Кај нас, мислам дека нема дете кое барем еднаш не заспало на две споени столици во омилената кафеана на родителите. Така пораснаа многу генерации. Со музика, со гласни муабети, со прераскажување на случки, со чад од цигари…
Има вистина во зборовите дека кафеаните се и училишта. Во нив ќе слушнете и за политика, и за медицина, и за светски заговори, и за прераскажана историја, и за сателитот кој удри во Месечината и детали од разговорот на Путин со Макрон…. Ако внимателно ги слушате, музиката и не е толку важна. Битно е да му „легне“ на муабетот. А вашето прашање, која музика сакам да ја слушам, ја пробуди мојата повеќегодишна желба да бидам дел од публиката на концертот на уникатниот и моќен германски бенд „Рамштајн“.
АЈ: Што Ве прави среќна и слободна?
БСК: Секој обичен, особено здодевен ден. Преку големата болка осознав дека здодевноста може да биде и благослов. Ништо не ве боли, сите сакани ви се на број. Едноставно, толку ви е добро што дури и ви е здодевно…
Фотографија: Хибрид Медиа и приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.