Пишува: Ана Јовковска
АЈ: „Дете што чита е возрасен што мисли“. Какви книги (би сакале да) читаат децата денес?
БЦ: Да читаат книги што успеваат да ги пренесат во други светови, бидејќи во ова брзо и дигитално време тоа е тешка мисија – ако си само една обична книга од хартија. Ако книгата не успева денешното дете да го пренесе во својот магичен свет, колку и да е таа добра или значајна, веројатно со текот на времето изгубила дел од својата магија. Или, таа магија не „функционира“ кај детето што живее во денешниот свет. Читајќи сѐ повеќе книги што му се интересни (што сака да ги чита), малиот читател развива одредени читачки навики и кога ќе достигне зрелост ќе ја прочита и книгата што претходно не му била интересна. За сѐ треба време. Особено е важно од најрана возраст да се работи на развивање на читачките навики кај децата во сите сфери на нивното живеење – во домот, училиштето и воннаставните активности.
Ако не му дозволиш на духот да старее, цел живот ќе бидеш млад. Последната книга што ја прочитав е „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ – и го почувствував токму тоа. Младиот, немирен дух на авторот, прецизен и луциден, вечен мечтател…
АЈ: Магистерка сте по филозофија, писателка, сценаристка, преведувачка, а се занимававте и со новинарство и маркетинг, уредувавте весници и портали, но последниве неколку години доминантно пишувате и уредувате литература за деца, крунисувајќи го тој креативен процес со сопствена издавачка куќа Чудна шума. Ве цитирам: „Никогаш не пораснав и еден ден ќе бидам баба-девојче. А, кај нас практично не се креира литература за деца. Немаме домашни млади автори што пишуваат за деца. Имаме по некоја сликовница, по некое книже што повремено ќе излезе, и ги имаме авторите од старата гарда кои сите ги сакаме и сме ги читале како деца. Но млади автори нема“.
БЦ: Прво, за вашиот концепт баба-девојче (се смее), а потоа за тоа колку се променети состојбите во литературата за деца последниве неколку години, со временска дистанца од изјавава со која ме цитирате.
Многу е важно да се негува детето во себе, да му се дава простор да игра и да твори. И тоа не е е важно само за оние што работат директно со деца, туку за сите што творат и фантазираат. Еден огромен дел од мене никогаш не порасна и никогаш нема да престане да биде дете – оттаму и концептот баба-девојче. Ако не му дозволиш на духот да старее, цел живот ќе бидеш млад. На пример, последната книга што ја прочитав е Вонземјанки од Влада Урошевиќ – и го почувствував токму тоа. Младиот, незапирен, немирен дух на авторот, прецизен и луциден, вечен мечтател. Токму тоа го прави Урошевиќ голем автор, еден од нашите најголеми!
Што се однесува до вториот дел од вашето прашање…. состојбите во македонската книжевност за деца и млади се многу сменети од времето кога тоа интервју е дадено. Сега, не само што имаме (млади) автори што творат за деца, туку имаме и многу модерен пристап во пишувањето кој е во тек со светските трендови. Илустрацијата за деца и млади, пак, е уште понапред и веќе имаме сериозни илустратори што можат да се рамнат со илустраторите од регионот и од Европа. Да, имаме уште долг пат пред нас и многу предизвици, но сѐ додека постои волја (и многу труд) кај одредени издавачи да се изборат со ветерниците и да овозможат да се создава ваква (посериозна и некомерцијална) книжевност за деца и млади, и сѐ додека постојат толку талентирани автори (се разбира, ништо без нив) – верувам дека ќе продолжиме да се развиваме и да излегуваме надвор од границите на Македонија.
АЈ: „Судот на вкусот се раѓа и се остварува во слободната игра меѓу имагинацијата и умот“ (Кант). Кои книги и автори за деца би ги издвоиле од локалната, домашна продукција?
БЦ: Последниве години многу наши реномирани автори почнаа да творат и за деца и тука би ги споменала Калина Малеска, Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски, Живко Грозданоски, Ана Голејшка Џикова, Симона Јованоска, Сања Михајловиќ-Костадиновска… но, покрај овие докажани автори во книжевните води, од помладите автори за деца би ги споменала Бистра Георгиева, Ване Костуранов (кој е и целосен автор на неговите сликовници), Ника Гавровска…
АЈ: Вашата илустрирана книга за деца Невидлива куќа што ја работевме заедно со уметникот Ване Костуранов, а којашто освои бројни награди за најдобро книжевно дело за деца, е со тема за миграциите. Важно е на децата да им се отворат и темите кои не се розови, кои покренуваат емпатија кон другиот, различниот, кон туѓата болка, кои нè освестуваат за неправдата… како некави сознанија за состојбите што нè прават ранливи и немоќни.
БЦ: Да ја цитирам Оливера Ќорвезироска: „Книжевноста за деца е длабоко орање“. Таа треба да маѓепса, но и да растресе. Да навлезе во суштината на детското битие и да одговори на сите негови прашања – на оние што ги поставува гласно, но и на оние што се плаши да ги постави. Таа не смее никогаш да го држи детето во заштитен меур, под стаклено ѕвоно, да му го претставува светот низ розови очила и да не одговара на сите оние важни прашања. Книжевноста за деца нужно мора да создава или идентификација или емпатија, а добрата книжевност за деца (онаа најдобрата) мора да те крене високо и да те нурне длабоко, да ти го освои срцето и потоа, до крајот на животот, да остане во него. Затоа, таа е најтешка за пишување. Оној писател кој не се обидел да пишува за деца со извишување до небото и со понирање до најголемите длабочини, тој веројатно нема да ми поверува колку е тешко. Но, ако барем еднаш се обиде, ќе сфати за што зборувам.
Книжевноста за деца не смее да го држи детето во заштитен меур, под стаклено ѕвоно, да му го претставува светот низ розови очила и да не одговара на сите негови важни прашања.
АЈ: Еден дел од вашата книга за возрасни Девет приказни за госпоѓица Сит ме потсетити на она што Костуранов го изјави во еден разговор. Имено, за да дадам контекст најпрво ќе цирирам од Девет приказни за госпоѓица Сит: „Поголемиот дел од кавгите им беа поврзани со пари и сметки: што треба да се плати секој и што треба да одржува секој во станчето од четириесет квадрати. Кој колку придонел, кој што направил, а кој не. Ќе има ли доволно за кирија и сметки? И кој троши за цигари наместо да се откаже од пушење…. Ако влезат дома работите пак ќе се пикнат под тепих. Или под ќебе. Или кај и да е. Мораа да решат пред да го пречекорат прагот“…
Ване Костуранов, пак, на прашањето дали уметникот може да живее од уметност, одговара дека „малкумина се оние кои преку уметноста материјално се збогатуваат, особено во мала и сиромашна земја како што е нашата, но, уметноста не е нешто со кое можете на тој начин да калкулирате. Богати се тие што создаваат, што творат, и преку уметноста и ќе ги надживеат другите“.
БЦ: Дали може да се живее од уметност кај нас? – И да, и не. Може, но треба да научиш да ја користиш својата уметност (и умешност) и за покомерцијални работи, а не само за сопствените уметнички дела. Тоа е компромисот кој мораш да го правиш за да твориш што сакаш, а повторно тоа да биде во рамките на твојата професија (а не да работиш две сосема различни работи во текот на денот – што често и се случува со уметниците од регионот). На пример, работиш во кафуле, а всушност си дипломиран актер.
Сепак, како што убаво рекол Ване, богати се тие што творат и – би додала – среќни се тие што творат! Уметникот може да почувствува екстремна тага, тој може да биде и длабоко несреќен на моменти, но верувам дека секој кога твори се чувствува исполнето и (без разлика на општата состојба) – среќно.
АЈ: Од неодамна Чудна шума доби и свој книжевен простор – мала, автентична книжарница со локација кај Универзална сала во Скопје. Голема борба е да се опстои денес на македонскиот книжевен пазар со квалитетна продукција. Каков модел ни е потребен за малите и независни издавачки куќи како дел од некаква културна стратегија?
БЦ: На мал пазар како нашиот (па дури и на поголеми пазари од нашиот) едноставно е невозможно да си самоодржлив како издавач, па дури и како книжар, ако издаваш само сериозна и квалитетна литература. Во издаваштвото е огромна борба да се опстане и доколку не постоеја странски и европски фондови за поддршка на превод и издавање, поголемиот дел од нас ќе требаше да стават клуч на врата. Ќе останеа само големите и комерцијални издавачи и издавачката стратегија ќе ја диктираа барањата на купувачите, па веројатно сите ќе требаше да издаваме само книги за на плажа. Звучи сурово, но тоа е реалноста. Нашата држава сѐ уште нема изградено стратегија за поддршка на независните издавачи. Tука не мислам само на нефункционалноста на годишните конкурси на Министерството за култура (моделот на поддршка мора итно да се промени), туку зборувам за генерална стратегија за откуп на книжевните дела во градските библиотеки и библиотеките во средните и во основните училишта, како и во градинките.
Во книжарството, ситуацијата е слична. Моделот на „класична книжарница“ одамна не функционира, никаде во светот. Постојат два типа на книжарници: големи ланци, присутни најчесто во моловите, кои продаваат книги но форсираат „гифт“ програма (па дури и во излозите им доминираат подароците, а не книгите) и малечки книжарници со хибриден концепт (кафе-книжарница, книжарница и галерија, книжарница и концепт-продавница, книжарница и антикварница, па дури и ресторан-книжарница) коишто се трудат да останат „алтернативни“ но сепак да понудат нешто интересно и уникатно. Верувам во овој втор концепт и верувам дека и кај нас сѐ повеќе се развива свесноста за поддршка на малите локални бизниси и алтернативните книжарници и издавачи. Затоа и нашиот модел на Чудна шума како мала и интимна кафе-книжарница и галерија во која ќе бидат достапни квалитетни книги од повеќе издавачи, уметнички материјали, па дури и рачни изработки од наши мали производители, верувам дека ќе наиде на своја публика и дека ќе стане препознатливо скопско катче.
АЈ: Инспирирана од името на вашата издавачка куќа Чудна шума, неизбежно е да ве прашам во каква (или во која) чудна шума би сакале да се загубите?
БЦ: Ооо, Ана… кога би имало една шума што е спој од сите шуми на светот (и оние што постојат и оние измислените) – е таму би сакала да се изгубам. „Мојата“ шума е Водно, таму наоѓам спокој и инспирација. Ги сакам шумите на Бистра, Стогово, Јабланица, Плачковица…, шумите на Пирин и Рила, шумите на Алпите… Сакам да ги посетам Амазонската прашума и шумите во Канада, сонувам за Ривендел и Лотлориен и за Забранетата шума покрај Хогвортс, а пишувам за волшебната шума во која Биби и Боби се заштиници на шумата и сите животни и волшебни суштества живеат во пријателство и слога.
„Мојата“ шума е Водно, таму наоѓам спокој и инспирација. Ги сакам шумите на Бистра, Стогово, Јабланица, Плачковица… шумите на Пирин и Рила, шумите на Алпите… Сакам да ги посетам Амазонската прашума и шумите во Канада…
АЈ: Вашето име стои зад приказните на Светот на Биби, не само како авторка на сликовниците, туку и како сценаристка на анимираните филмови. Светот на Биби е еден од ретките македонски брендови во полето на детската литература и анимација што направи интернационален успех. На што се должи тоа?
БЦ: Успехот на Светот на Биби се должи на повеќе фактори, но пред сѐ на тоа што кај нас недостигаше македонски бренд за деца по принципот на Дизни. Цртани филмови на македонски јазик, печатени изданија, како и цела палета на производи со наши, македонски ликови што децата ги сакаат и сакаат да се поистоветуваат со нив. Се разбира, тоа е само првата причина, а многу важен е и квалитетот на содржините, она што Биби сака да им го пренесе на децата – а тоа е негувањето на вистинските вредности. Биби е многу убедлива, затоа што сите ние веруваме во тоа – дека е важно да се помовираат вредности и да се едуцираат децата да бидат добри луѓе. И, се разбира, клуч на успехот е и посветеноста на целиот тим на продукцијата Светот на Биби и на сите нас, авторите (тука мислам на сценаристите и писателите, но и на актерите и другите креатори на содржини) коишто сме дел од приказната како надворешни соработници, а живееме и твориме внатре во Светот на Биби.
Успехот на Светот на Биби се должи на повеќе фактори, но пред сѐ на тоа што кај нас недостигаше македонски бренд за деца по принципот на Дизни. Цртани филмови на македонски јазик, печатени изданија, како и цела палета на производи со наши, македонски ликови што децата ги сакаат и сакаат да се поистоветуваат со нив.
АЈ: Работевте како сценаристка и на телевизиската детска серија Зоки Поки, која исто така доживува успех низ Европа, па неизбежно е да ве прашам која е формулата за добро сценарио за деца?
БЦ: Формулата за секое успешно сценарио е многу пишување и многу работа на него. И самиот сценарист, но потоа и режисерот (соработка која е клучна за добар производ) мораат да работат на тоа да се доведе сценариото во форма во која сите ќе бидат задоволни од него. Талентот е само едната страна од паричката и ако не „работиш“ на пишувачката рутина, веројатно тој ќе остане неоткриен и неискористен. Само со многу пишување се добива добар производ.
АЈ: Колку е важна илустрацијата на книгата за текстот нa авторот? И обратно? Кокошката или јајцето?
БЦ: Илустрацијата е исклучително важна, но во случајов јајцето е сепак кај авторот (се смее). Што не значи дека може да се испили без илустраторот, напротив, и авторот и илустраторот мораат да работат и да дишат како едно за да излезе добар производ. Или, ако не дишат како едно (можеби се сосема различни, нели), тогаш мораат безрезервно да си веруваат и да препуштат другиот да си ја работи работата онака како што најдобро умее. Тоа е единствената формула за создавање на успешна книга за деца.
АЈ: Девет приказни за госпоѓица Сит ја дефинирате како роман-сонтазија. Цитирам: „Сонтазија е кованица од зборовите сон и фантазија, а го означува местото во кое сонот се допира, се спојува и се претопува со фантазијата на луцидниот сонувач, а потоа и се менува по желба на сонувачот. Зборот прв пат го споменува австриската писателка Роза Ланг во збирката раскази Мали ноќни сонтазии во 1913 година, а потоа и во нејзината втора и последна збирка – Сонтазии во е-мјау , во 1915 година“.
Што всушност значи роман-сонтазија?
БЦ: Тоа е една моја кованица (се смее)… сонтазија е збор-кованица од сон и фантазија. Јас сум човек што сонува со отворени очи, да не речам добар дел од мојот ден поминува во такво сонување или мечтаење. Роман-сонтазија веројатно може да се дефинира како роман за сонување, роман за сонувачи или пак отсонуван роман. Мојот е сите три во едно (се смее). Сакам кованици, сакам игри, сакам двосмислени места, сакам загатки… нив ги има во моите романи за возрасни, а и во моите романи за деца. Во романите за возрасни сакам да го натерам читателот да му се врати на романот и втор и трет пат за да ги протолкува сите загатки и наговестувања.
Се работи за роман исткаен од женски приказни и во него се ставени многу теми што се релевантни за современата жена. Родово-базираното насилство е само една од нив. Тука се допираат и темите како изборот за прекин на бременоста, љубовта и сексуалноста, правата на трансродовите лица…
АЈ: „Значи не си отишол. Тука е некаде, низ гратчето. Дали да оди да го бара? Не, нема да може да се соочи со него ако е пијан. Со погледите, лудилото, непријатните насмевки, навредите… Секогаш ги има и нив, ако е пијан. Некогаш, не се само навреди… некогаш станува и груб. Знае да ја повлече, да ја турне… еден ден, се плашеше, и ќе ја удри…Можеби треба да се сврти и овој пат вистински да замине . Како што требаше да направи стотици пати досега. Да замине и да не се врати веќе никогаш“.
Во романот ја допирате и темата за родово-базираното насилство….
БЦ: Во тој роман допирам многу теми, не само за родово-базираното насилство. Се работи за роман исткаен од женски приказни и во него се ставени многу теми што се релевантни за современата жена. Родово-базираното насилство е само една од нив, а тука се допираат и темите како изборот за прекин на бременоста, љубовта и сексуалноста, правата на трансродовите лица… Жените во овие приказни се ставени пред сериозни животни одлуки и успеваат да ги донесат одлуките со мистичното појавување на мачката – која според мене е најголемиот индивидуалец во животинскиот свет. Мачката во овој контекст не е само симбол на жената, туку и симбол на женската индивидуалност. Токму затоа сметам дека овој роман може да се квалификува и како феминистички, и покрај тоа што плови меѓу различни жанрови.
Мачката не е само симбол на жената, туку и симбол на женската индивидуалност.
АЈ: Во романот Девет приказни за госпоѓица Сит пишувате и за исцрпувачката динамика на фриленсерките уметнички професии: „Мразам да работам кога сум на одмор. А последниве години нема одмор на којшто не работам. Треба да напишам некогаш нешто и за тоа: Проклетставата на фриленсерскиот живот. Сакам само да можеш да потонеш во мислите, во неподносливата убавина на мрзелувањето… и за оној немир што ти го создаваат потиснатите обврски, планови и амбиции, додека седиш и сонуваш со отворени очи“.
Дали ова се однесува и на вас?
БЦ: Ах, Ана… и ден-денеска се сметам себе си за фриленсерка, иако официјално сум вработена во издаваштвото Чудна шума. Сепак, моите главни приходи и најголемиот обем на работата ми доаѓа од хонорарните проекти – сценарија, книги и друг тип на текстови за различни продукции и агенции со коишто соработувам. Постојано сум претрупана со работи од различен тип и засега успешно жонглирам, иако веќе почнав и да одбирам и да одбивам затоа што едноставно немам време. Плус, јас сум една опасна „дедлајнерка“ (што би рекол мојот пријател Владимир Лукаш) и најдобро работам ден-два пред истекот на рокот (се смее).
Токму од овие причини имам разбирање и за сите автори и илустратори со коишто соработувам во Чудна шума и сосема ми се јасни сите предизвици и стапици и на „фриленсерството“ и „дедлајнерството“.
АЈ: Низ процесите на фетишизација на работата и производството, отелотворена во тоа дека човекот е Хомо Фабер, на сите страни се создаваат зависници од работа, па дури се создаде и терминот „воркохолик“. Како противтежа на ова е антрополошката одредба на човекот што го врзува не за работата, туку за играта.
Колку време си дозволувате за игра?
БЦ: За чудо, успевам да играм додека сум „воркохолик“, веројатно затоа што моето работење е претежно пишување, а пишувањето вклучува игра. Надвор од работата имам малку време за „играње“ и морам да кажам дека она што прво го жртвувам е т.н. „социјален живот“ – излегувања, кафе-муабети и кафеани. Речиси сите мои испиени кафиња во текот на денот (ако отидам на кафе) се средби со автори, илустратори, уметници, режисери, сценаристи, продуценти… Но, затоа си дозволувам (полу-професионално, полу-релаксирано) да читам книги и да гледам филмови и серии (особено серии), бидејќи тоа ми е дел од работата. Понекогаш имам време да играм и игрици на мобилен. Порано бев гејмерка, ама морав да го жртвувам тој дел од играта, затоа што ми одземаше денови, ноќи а понекогаш и месеци (се смее). За среќа, тоа беше во младоста и таквите авантури беа „оправдани“.
АЈ: „Ако сакаме нешто да промениме кај децата, треба прво да провериме дали тоа нешто треба да го промениме и кај нас самите“ (Карл Густав Јунг). Во оваа зрела животна фаза што би променила кај себе?
БЦ: Па, Ана, има неколку работи што би ги променила кај мене како дете, но сега е доцна. На пример, би научила да скијам на време, да играм фудбал и да тренирам карате. Баш би сакала да имав црн појас во карате како Биби. А можеби и да ја завршам балетската школа што ја прекинав и да научам да свирам пијано. И уште неколку јазици што не ги доучив до крај. И да јавам коњ. И да вртам хулахоп (никако не ми оди од рака). Ама ајде, што ќе ми е сето тоа. Па никој не е совршен!
АЈ: „Паѓаме, ама не ни е страв. Ни тебе не ти е. Не си ги зарил канџите во мене“. Кои стравови уште ви тежат?
БЦ: Стравовите секогаш се тука и кога не сме свесни за нив. Според мене, не постојат 100% храбри луѓе, но мојот начин да се справувам со стравовите е да се обидам да не мислам на нив, или, ако помислам, веднаш да се обидам да заборавам и да мислам на нешто друго, на нешто позитивно. Како напиша Френк Херберт: „Нема да се плашам, затоа што стравот е убиец на умот“.
АЈ: Еден од стравовите од детството – непрочитана лектира (се смее)… Кога последно е ревидиран списокот на лектири кај нас?
БЦ: Уф… пред повеќе години, не можам да се сетам точно. Знам дека имаше потоа некои обиди за повторна ревизија, но ништо не се случи. Мислам дека на тоа поле многу тешко ќе се поместуваат работите, затоа што и мене, од аспект на книгите што сум ги сакала или читала како дете, би ми било многу тешко да жртвувам некои. Замислете да се исфрли Хајди или Пинокио? Тие се едни од моите омилени приказни. Но, факт е дека дел од денешниве деца не ги прифаќаат голем дел од лектирите, квалификувајќи ги како „здодевни“. Затоа можеби треба да се поместат подоцна, кога детето веќе ќе биде повозрасно и ќе ги гледа со други очи. Или, да се обработуваат поинаку, со гледање на (цртани) филмови паралелно со читањето на книгата.
АЈ: Пред крајот на разговоров еден кус дел од Девет приказни за госпоѓица Сит: „Толку беа различни. Можеби затоа и дојдоа дотука, до ова место каде што се сега. Ни ваму, ни таму. Чистилиште. Или ќе ги биде или нема. Тоа мораа да го одлучат сега и овде, во кафеанава. Мирисаа на крај“.
Кои краеви не ги сакате?
БЦ: Оние што се резултат на некаква неправда. Не можам да толерирам неправди! А ги има толку многу, на секој чекор.
АЈ: На крај ќе заокружиме со Кај црната мачка: „Музиката ја носеше, во еден миг како бебе занишано во колепка, а во друг како нескротлив ураган од емоции“… Каков ураган од емоции чувствувате сега, во овој миг?
БЦ: Олеснување дека завршив со ова нималку лесно интервју (се смее).
Фотографии: Кире Галевски, Јелена Белиќ, Игор Тодоровски и Ника Гавровска.