Руски раскажувач, писател, човек кој ја одбележа големата руска книжевност во 19 век, Антон Павлович Чехов е писател кој може да се вброи во редот на најголемите руски класици – Пушки, Достоевски, Љермонтов, Толстој… Тој е основач на модерната руска и европска традиција во областа на драмите и расказите.
Роден е на 29 јануари 1860 година. Желба за пишување имал уште од мал. Всушност, поттикнат од животот во Русија, тој воопшто никогаш и не размислувал да работи нешто друго освен да пишува.
На театарската публика ѝ станал познат по своите едночинки, а најпопуларни од нив биле „Мечка“ и „Запросување“. Кога од едночинките се свртел кон драмите, руската публика почнала масовно да го посетува театарот инспирирана од неговите реални текстови, од приказните за животот со кој и самите се поистоветувале и од кој се обидувале да избегаат.
Неговата прва драма била „Степа“ која била прикажана 1888 година во театарот „Иванов“. Сепак, местото во светската драмска историја ја обезбедил по почетокот на соработката со московскиот театар „Станиславски“. Токму таму биле играни „Галеб“, „Вујко Вања“, „Три сестри“ и „Вишновата градина“, кои ја дефинирале театарската уметност на почетокот на 20 век во Русија.
Оваа соработка совршено му одговарала на Чехов, кој не сакал да гледа патетична глума во неговите, и онака, тажни дела.
Книжевните критичари велат дека во книжевната историја нема многу дела кои оставаат чувство на едноставност како оние на Чехов. Расказите кои ги пишувал тој во голема мера се разликуваат од оние што ги пишувале другите писатели во 19 век, а кои биле под влијание на Едгар Алан По и Ги Мопасан.
Антон Чехов имал одличен стил. Речениците му биле концизни, мислата течела лесно. Токму затоа и денес се читаат и се бараат „Смртта на чиновникот“, „Случување“, „Павилјонот број 6“, „Степа“, „Дебели и слаби“…
Кога следен пат ќе посакате да прочитате нешто добро, издржано, поинакво, дури и да не сте расположени за руските класици, дајте му шанса на Чехов, човекот кој и денес е еден од најголемите симболи на руската книжевност.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот