Пишува: Ана Јовковска
Поетесата Ана Бунтеса, брокерката Ана, црвенокосата Ана, срамежливата Ана, Ана која не сака да се експонира во јавноста, Ана која мрази камери, Ана која е мајка на 14-годишно девојче, Ана која издаде седум книги (четири книги поезија, две книги за деца и една збирка колумни), Ана која е по потекло од Битола и Прилип, Ана која пишува како да дише, Ана која мрази да суди, Ана која љуби до коска, Ана која не се плаши да биде отворена и ранлива, Ана која има сила за десет мажи… таа Ана е толку необременета од формалности што решив ова интервју да биде без правила. Наместо класични прашања обработив дваесетина нејзини текстови и песни и од нивните клетки сплетов мини-приказни како подлога за разговор. Не беше тешко да се инспирирам од нејзините зборови, моќни и соголени до болка.
АЈ: „Мојата улога како жена, човек, мајка е да ја ставам вистината на маса“.
Кои вистини ви беа најтешки да ги проголтате? А кои да ги сервирате на маса пред вашата ќерка?
АБ: Најтешко ми беше да ја проголтам вистината дека не сум семоќна. Кога велам семоќна, мислам на она дека со силата на умот и позитивната енергија не можам да сменам некои работи што ми пречат или ме фрустрираат. Морав да научам дека мојата вистина се коси со онаа на другите. Не џабе се вели – колку луѓе, толку вистини! Во принцип, секогаш сум за тоа да ја согледам вистината наместо да се самозалажувам. Не дека ми било секогаш по ќеф, но ме спасило од илузии за себе и за другите.
Откако станав родител си ветив дека ќерка ми нема да ја штедам пласирајќи ѝ приказни за утеха, туку дека моја задача е да ја спремам за сите непријатности. Така, сервирањето на маса дека мама не е совршена и дека греши, разводот со татко ѝ, зборувањето за сексуалните определби, мастурбацијата и низа теми кои доаѓаа со нејзиниот развој беа природен след на нашите разговори. Важно ми е да знае да се справи со она што нема да ѝ се допадне или ќе ја здоболи. Успеав да израснам едно слободно дете кое зборува за сè, има став и прашува сè и сешто. Нема табу теми, дури и кога ме остава подзината од прашањата, па ми треба време да одговорам, имајќи ја предвид нејзината возраст и капацитетот да ги разбере нештата.
Сервирањето на маса дека мама не е совршена и дека греши, разводот со татко ѝ, зборувањето за сексуалните определби, мастурбацијата и низа теми кои доаѓаа со нејзиниот развој беа природен след на нашите разговори.
АЈ: „Ништо не е важно луѓе, освен здравјето. Ништо. Славата минува, парите доаѓаат и си одат, ќе се раскинат врски и бракови, ќе дојдат нови љубови, ќе се склопат нови пријателства, ќе се прекинат некои стари. Ќе минат многу нешта, ама ако немате здравје, се’ е толку неважно. Можете да имате пари за да го купите светов, ама не можете здравје да си купите, ниту живот. Станавме машини за печатење банкноти, станавме одлични тркачи по престиж, име, статус…“
Како се справувате со кризата предизвикана од корона вирусот? Колку ви се промени животот за време на оваа пандемија?
АБ: Уште пред короната, пред 20 години, потполно ми се смени перцепцијата за животот кога татко ми се разболе од канцер. Тогаш најсилно ме удри она дека сè, ама баш сè е минливо и менливо. Одејќи со него на зрачење, гледав како родители си ги носат своите деца на терапија, ја гледав таа болка во очите на возрасните и она што секој од нас како родител го има некаде во позадина на умот што му клука цел живот – само со ред да биде. Од тој миг се сменив. Ми напукна нешто внатре… За време на тие чекања на резултати, надевање на најдоброто, со мисла што понатаму ако нешто тргне наопаку… Затоа и коронава не ме потресе многу, од аспект на тоа дека од нас зависи колку ќе трае и како ќе ја минеме. Ова погоре што го кажав не зависи од нас. Не помага тука дистанцата, носењето маски и миењето раце. Она што ми се случи во семејството, пред 20 години, ме научи дека џабе пари, успех и слава ако човек го нема најосновното, а тоа е можноста да го живее животот.
Имајќи предвид дека и онака не сум социјален тип, периодов со коронавирусот не патам дека не одам по кафеани. Ми пречеше отсуството на мојата слобода да земам лаптоп, книга или само да натнам слушалки на уши и да седнам некаде да пишувам, читам или да слушам музика и да фотографирам. Некако ми се отвори повеќе време да прочитам што ми стоело како непрочитано, да изгледам филмови… А да, играв и карти со моите родители. Се обидов да го извлечам најдоброто од наметнатата ситуација во која сите се најдовме. Не кукам, не се осеќам фрустрирано, се гледам со моите пријатели исто како порано но со поголема претпазливост, избегнувам гужви (исто како и порано). Сè е во умот – како ќе го наштелуваме, така ќе работи.
АЈ: Омилена реплика ви е: “You cannot find peace by avoiding life, Leonard” од Вирџинија Вулф, од „Часови“. Зошто?
АБ: Можеби затоа што и јас понекогаш го одбегнувам живеењето со полни гради кога не сум своја, па се затворам во себе и во моето засолниште (дома), демек да се соберам. А можеби и затоа што учам да ги поднесувам сите падови како дел од лекцијата што мора да ја научам. Како станувам повозрасна (да не речам постара) имам поголема „разбирачка“ за тоа дека спокојот и неспокојот се нераскинлив дел од мојот живот и дека бегањето е само одложување на соочувањето. А бегање од себе, нема.
АЈ: „Купуваш скапа облека со етикета на која стои име кое најчесто не знаеш да го изговориш или кое ништо не ти значи. Купуваш скап часовник кој го мери времето што ти преостанува и кој никогаш нема да ти попушти за да поживееш уште некој ден повеќе“.
Станавме кукли со етикети во овој брендиран свет. А времето си минува без да не праша дали ни се чини пребрзо…
АБ: Со етикетите расчистив одамна, исто како и со чаламот да бидам видена во овој или оној бренд. Сакам да ми биде удобно во она што го носам. Се шминкам ретко или сосем малку, не носам часовници и накит оти ми создаваат непотребна обврска да ги пазам. Убавината на созревањето е што направи да исчекорам од улогата роб на материјалните нешта. Имам колку што ми е доволно за еден достоинствен живот, доволно за да можам некогаш да ја разгалам ќерка ми и да си дозволам ситни задоволства. Времето е ништо, ако човек не знае да ужива во него. Наместо да го арчам на работи кои се само форма, одбрав да имам суштина. Сè уште пишувам на лаптоп кој е стар 12 години и кој не го менувам оти си ја врши функцијата. Од друга страна, секогаш е наш изборот дали ќе сме кукли со етикети или луѓе кои ќе наоѓаат задоволство и убавина во есенски ден надвор на сонце, дружба со саканите, прошетка со семејството. Едноставноста на живеењето е одлука на секој од нас. Поважно ми е внатрешното доживување, отколку да сум брендирана од глава до петици. Затоа, ослободена сум од тоа, не ретко ми се случува да облечам нешто што е од second hand shop, без око да ми трепне или да се чувствувам лошо поради тоа.
Сè уште пишувам на лаптоп кој е стар 12 години и кој не го менувам оти си ја врши функцијата. Убавината на созревањето е што направи да исчекорам од улогата роб на материјалните нешта.
АЈ: „Има премногу сами луѓе кои се тешат дека не можат да го најдат она што бараат или едноставно не им треба луксузот на љубењето. За мене љубовта никогаш не била луксуз. Била храна која ми е потребна за да можам да дишам, а еве последниве години успешно дишам на шкрги.“
Денес, после сите љубови и болки, вистински или лажни, имате ли уште елан за љубовта која ги облагородува клетките и им вбризгува воздух на шкргите?
АБ: Додека ме држи еланот за живот, ќе имам елан и за љубов. Љубовта не е луксуз! Со вистинскиот човек таа е само поткрепа да се биде подобар во сè. А секој од нас имал и онаква љубов која го оставила на шкрги. Мојата беше таква, но да се разбереме, таква беше оти одбивав да гледам каде оди и како се одвива. Емотивната изгладнетост го тера човек да се прејадува и од отровни печурки. Но, за тоа не можам никого да обвинам. И тоа е дел од растењето. Колку што е важно човек да развие критериум што сака, толку е неопходно и да знае што не сака. А јас, ко што ме дал Универзумот, тоа секогаш го учам од свое искуство.
Додека ме држи еланот за живот, ќе имам елан и за љубов.
АЈ: „Ќе видите некоја грамада од маж што е во состојба со мечка да се степа, моќен и успешен, кој кога ќе му се случи љубов, ама онаква со големо Љ, станува помал од зрно песок, плашлив и неодлучен. Исто е и со жените. Кукаме како нема мажи, како се’ е сведено на интерес, ниски страсти, мали вредности, а кога ќе се соочиме со моментот да дозволиме да ни се случи љубов, онемуваме и креваме рачна. Па нели сите пекаме за љубов? Нели сиот живот сонуваме да најдеме сродна душа со која ќе го поминеме животот или остатокот од животот! Каде е тогаш проблемот?“
И Ана, каде е проблемот?
АБ: Стравот, исто како и безумната храброст е опасна работа. Сите сме со лузни кои си ги носиме во себе. Еднаш помислив како би личеле доколку сите тие лузни на душите би се гледале однадвор. И, да, креваме рачна, барем јас го правам тоа. Во една од колумните имам напишано дека за мене е измачување почеток на нова врска, со сите тие брусења на табиетите (а да сме на чисто, како старееме табиетите ни стануваат многу специфични). Па, се измачувам со тоа – што ако не успее, наместо да се олабавам и да уживам во моментот. Нема гаранција за ништо, најмалку за тоа дали ќе сме сакани на начин кој ќе нè прави да сме спокојни и свои.
Нема гаранција за ништо, најмалку за тоа дали ќе сме сакани на начин кој ќе нè прави да сме спокојни и свои.
АЈ: „Суетата и родителството не одат едно со друго. Критиката кон сопственото дете е деструктивна ако се сведе само на лаење, без да се даде полет и позитивна мисла од кое детето ќе научи нешто. А не дека не ми доаѓало! Имало ситуации кога нагонски ми идело да распалам што мислам за нејзиното облекување (кој има дете тинејџер, ќе ме разбере) или дали ајлајнер се става на 14 години“.
Ана, каква мајка сте?
АБ: Таква што секој ден учи да се прилагодува на растењето на ќерката. Нема рецепт за родителство. Нина се менува, се менувам и јас во согласност со нејзините потреби и осознавања. И сега ако кажам дека тоа оди како подмачкано, ќе излажам. Разговараме многу, некогаш си го гризнувам јазикот и премолчувам, знаејќи дека мора сама да изведе некои заклучоци. Не ми е срам да се извинам ако згрешам. Баш пред некое време имавме еден инцидент. Летово ја искречивме нејзината соба, а бидејќи црта убаво на ѕидовите имаше преубави цртежи. Потоа ѝ текна дека не ѝ се допаѓаат и со боја ги покри, замачка сè на ѕидот и нормално, мајка (јас), кога влегов во собата „ми се стемни“. Изреагирав со негодување и демонстративно излегов. Седната во другата соба се сетив дека додека беше мала заедно цртавме по ѕидови и дека уживавме во тоа. Сфатив дека мојата реакција не е коректна и дека критиката на нејзината слобода (без оглед што се измачив со собата) е неумесна. Тоа е нејзина соба, нејзин свет и мое е да го прифатам. Се подвратив, чукнав на врата и се извинив. Не сум совршена мајка, исто како што не сум совршена ќерка, другарка, човек. Единствено за што не правам компромис е во врска со нејзиното здравје и безбедност. Тука нема демократија и тоа го имам соопштено, а таа го има прифатено.
АЈ: „Драги мајки, вашите ќерки нека бидат огледало во кое ќе сакате да се видите себе во подобра и поубава верзија. Учете да ги сакате онака како што ним им е убаво, а не онака како што сте научиле по шаблон. И да, Motherknowsbest… но само ако ги држиме очите отворени и ушите свртени накај нивните зборови и потреби“.
Кои слабости ви го откри родителството низ годините наназад? А за кои работи ве направи посилна и поумна?
АБ: Од слабости – дека не сум најпаметна иако сум повозрасна од неа. Дека мојата љубов не треба да ја гуши и да е кочница во остварувањето на нејзините желби, соништа и потреби. Покрај Нина станав помека во ставовите, расчистив дека најважното нешто ми е да е среќна и здрава, дека ниту една петка нема да ме направи погорда од фактот дека сака да помага на другите и дека е емпатична. Како дете кое расте само со еден родител (бидејќи татко ѝ не живее тука, иако се во постојана комуникација), кај неа едно време се јави едно чудно чувство на одговорност дека кога ќе порасне не треба да ме остави сама. Тоа ме погоди многу. По низ долги разговори си објаснивме дека мојата самотија е исклучиво мој избор, а не нејзина одговорност. Мојот сон е таа да си го живее својот, без оглед каде ќе ја однесе животот. Не ја раѓав за да има кој да ми се наоѓа на старост, а јас секогаш ќе сум тука кога ќе ѝ требам, никако обратно.
АЈ: Во колумната „Кое годиште си: Ниту баба ниту девојка“ пишувате: „Повеќе сакам да ми блескаат очите од среќа и љубов, отколку да ми е задникот кренат до грбот. Оној кој што ве сака, ќе ве сака и такви, несовршени. Затоа што срцата не стареат, ниту духот.“
Како гледате на култот кон младоста? И што имате да му кажете на Доријан Греј?
АБ: Хахахахахха баш така сум го кажала тоа со задникот. Истото го мислам и за градите кои пркосат на гравитацијата, неизбежниот целулит и оптегнатите лица. Не е до култот кон младоста, туку до бркање на истата. Младоста е најмалку физичката манифестација на една жена или маж. Таа е во еланот, желбата за живот, учењетo, уживањето во себе и во сè околу. Да се брка младоста е како она кога на магарето ќе му закачат морков на стапче да му стои пред очи и да чекори, бркајќи го. Имам скоро 49 години, изгледам малку помлада, а се чувствувам како да немам години (се смее). Не можам да кажам дека сакам назад, оти кога ќе помислам на себе пред 20-30 години си велам: А, не… не пак низ истото да минувам. Сега знам која сум, што сум, што сакам, што не сакам, што ми одговара и на умот и на телото. Не сакам да си го касапам телото или да го оптеретам умот со тоа дека треба да изгледам ко да имам 30.
Татко ми кога беше на службен пат во Америка, како дел од делегацијата на МРТВ, беше во посета на CNN и меѓу другите средби ја имаа и онаа со Тед Тарнер, сопругот на Џејн Фонда. Кога се врати, мајка ми му вели: „Ја виде Џејн? Каква е?” Татко ми се замисли и рече: „Абе како на филмовите, ама кога ја видов во вратот и рацете, ко баба ми Ката да ја видов”. Малку е смешно да се оптегне лицето, да се стокмат градите и задникот, да се усиса салото и целулитот, додека сè уште не е најден начин како да се среди вратот и рацете кои се неоспорен показател на староста. Сакам да стареам без да мислам на тоа, без да завршам како Доријан Греј. Нема поубава жена од онаа која се сака себе, која е среќна.
Има повеќе осамени луѓе меѓу парови, отколку кај самци кои одлучиле свесно да се сами.
АЈ: „Никогаш не сте сами додека се имате себе.“ Како би ја опишале осаменоста?
АБ: Осамени се оние кои не се нашле себе си. Можам да зборувам за самотијата, ама не и за осаменоста. На самотија се одлучив кога видов дека ми „прија“ – седнување сама за да работам, ручам или испијам кафе. Не ме плаши самотијата, оти знам да уживам во неа. Осаменоста е веќе нешто што ме потсеќа на болест. Имањето некој покрај себе не ги прави луѓето исполнети, доколку тој некој не ги усреќува. Можеби затоа мислам дека има поосамени луѓе меѓу парови, отколку кај самци кои одлучиле свесно да се сами.
Ми се случи пред неколку години да седнам сама во кафеана за да ручам. Вадам лаптопот и чекам да дојде келнерот за да нарачам. После некое време сфаќам дека никој не доаѓа, оти мислат дека чекам некој да ми се придружи. Кревам рака, доаѓа келнер и почнува да ми зборува на англиски. Човекот помисли дека не сум од тука, па ми се обрати на англиски. Сфатив дека кај нас има кочница да се прифати дека жена може сама да седи некаде, а да не чека некого или да е тргната во лов на маж.
АЈ: „Има љубови кои и после љубовта траат. Та еден на друг со милост си мислат дури и кога тој со некоја друга гнездо има, а таа на својот чоек вратоврската му ја мести. И можеби некогаш во ист миг се присетуваат“…
Голем е бројот на љубовите кои се промашиле. Лош тајминг, лоши услови, разно разни причини за крај… Таквите љубови, како што велите, си ги носиме заклучени во срцата.
АБ: Уште не сум на чисто дали бил лош тајмингот или условите, или едноставно не била доволно силна љубовта за да се заедно. Порано било почесто да се копнее по некој друг, особено кога родителите одлучувале за бракот, па останала некоја меланхолична мисла за каков би бил животот со оној кој навистина го љубеле. Во денешно време, кога сите си го правиме изборот, се разбира без „задна мисла“ за материјална сигурност, статус, а во некои средини реално сè уште постојат и договорени бракови, сè повеќе мислам дека е во прашање неодлучност или немање доволно сила и посветеност за да се остане заедно. На крајот, каков е тој живот ако срцето и умот не се во корелација и ако стално клука некаде внатре дека можело и поинаку да биде.
Каков е тој живот ако срцето и умот не се во корелација и ако стално клука некаде внатре дека можело и поинаку да биде?!
АЈ: „Мажот во кој сте се вљубиле и сте одлучиле дека сакате да го поминете животот со него не е веќе истиот. Подбрадок, стомаче, не ви купува цвеќе без повод, ретко му текнува да ве изнесе некаде (без повод) и времето го поминува дремејќи пред телевизорот. И така врват годините. Јазот се продлабочува, молкот виси во воздухот, креветот служи за спиење, долнатаоблека е поважно да е удобна отколку привлечна. Фрустрациите се зголемуваат, остануваме заедно заради децата и што ќе каже светот, со помиреност дека сме премногу стари за нови почетоци“.
Кога почувствувате дека ви е време за развод?
АБ: Со татко ѝ на Нина се разделивме тогаш кога сфативме дека одиме во различни насоки и дека љубовта што ја имаме еден кон друг, како човек кон човек, ќе исчезне доколку останеме заедно. Ние сме едни од ретките парови кои се развеле без лош збор и негативни чувства. Се разделивме пријателски или токму онака како што доликува на двајца кои се земале од љубов и кои од љубов имале дете. Немаше скандали, трети лица, пороци, туку само свесност дека веќе не е тоа – ТОА. Таа чистота во нашата разделба беше и основа на пријателството кое го имавме во бракот, а и потоа. Комуницираме често и нормално, имаме здрав однос со единствена мисла дека најважна е Нина.
АЈ: „Во 21 век табу тема е разводот (иако го има на секој чекор), а особено темата за еднородителските семејства (самохраните родители). На овие простори е многу понормално да се лаже, краде, манипулира со се’ и сешто, отколку да се прифати фактот дека постои разводот, дека има самохрани мајки и татковци, дека има парови кои се истополови, дека жената може да одбере да има дете, а да не се омажи или дека може да одбере воопшто да нема деца“.
Со кои предрасуди најсилно се буткате на рака?
АБ: Ах, ќе треба да почнам од почетокот. Прво дека сум жена и дека сум поеднакво способна како и секој маж. Потоа дека сум разведена, или како што кај нас милуваат да кажат “распуштеница”. Товарот на таа етикета тежи многу, затоа што луѓето се расфрлаат со зборови и предрасуди истресени од ракав. Разведената жена е таа која е опасност за секое семејство, демек ние по земање на пусулчето за развод стануваме ѕверови чија главна улога е како да се растурат сите бракови и на жените кои се во заедница да им ги украдеме мажите. Соочувањето со тој простотилак ме удри на почетокот и се помирив со тоа дека не можам да го сменам тој „мајндсет“ кај другите. Потоа е етикетата на феминистка, кажано со презир и сожалување. За мене е сосем нормално да се залагам за еднаквост, не само родова, туку од секој можен аспект. Затоа, ќерка ми е слободоумна и со голема жестина реагира на предрасуди од кој било вид, кои за жал се застапени од мали нозе кај децата заради влијанието на родителите.
Нема поголем успех и награда од тоа човек да не зависи од никого, да не се доведе во состојба да се потчинува за да биде прифатен.
АЈ: Уште од мали никој не не’ прашува што сакаме да бидеме туку каков фустан ќе носиме на свадба. Како се спротивставувате на воспитанието на девојчињата по формулата: Убави за око, лесни за употреба?
АБ: Кога имав 18 години, татко ми ме праша дали сакам свадба кога ќе дојде време или да вложуваме во стан. Го одбрав второто и кога дојде време не правев свадба. Отсекогаш сум била поборник на тоа дека жената мора да има независност и никогаш да не биде доведена во ситуација да трпи какво било насилство, немајќи каде да оди. Образованието, самодовербата, работата на себе и стекнувањето материјална независност се клучни за воспитување на секое дете, особено кај женските деца. Оружјето не е во трепкањето, послушноста или покорноста, туку во градење на личноста. Нема поголем успех и награда од тоа човек да не зависи од никого, да не се доведе во состојба да се потчинува за да биде прифатен.
АЈ: „Никој не напишал приказна за тоа како Пепелашка станува наутро со размачкана шминка и го запржува кромидот за ручекот кој треба да се крчка до пладне, ниту пак како Снежана се справува со децата кои оставаат неред зад себе“.
Приказните со принцот на бел коњ, како и оние со ултимативен среќен крај без можност за разочарување и прифаќање пораз се токсични за женската психа. Сепак, тие се нашите лектири во детството и младоста. Неопходно е да се ревидираат, зар не?
АБ: Кога беше Нина мала ме праша зошто во бајките умираат само мајките, а татковците се преженуваат со маќеи кои се лоши. Немав одговор и немам ниту денес. И не се само бајките во прашање. Кинематографијата изобилува со филмови во кои жената е прикажана како слаба и чека да е спасена, па спасот доаѓа во вид на успешен бизнисмен кој после низа перипетии завршува со неа и ја усреќува! Ама ајде! Токсичноста оди дотаму што растеме со некаква искривена слика дека МОРА да заврши со среќен крај. А животот приредува изненадувања кои знаат да бидат погубни ако човек не е спремен. Не е улогата на жената да седи и да чека да е спасена од принцот, ниту пак улогата на мажот е да изигрува принц. Тоа е оптеретување не само за жените, туку и за мажите. Ама очигледно дека подобро се продаваат приказните кои даваат лажна сигурност.
АЈ: Опишувајќи го Скопје велите: „Ми мириса на застоено, на лошотилак, ми мириса на несреќни луѓе и неубав вриеж. Некогаш се чувствувам како да снемувам воздух, притисната од бетон и некое константно сивило, за кое уште се надевам дека ќе го снема ако провее ветар, доволно силен за да му даде живот на Скопје“.
Што би смениле во Скопје? Што би избришале/срушиле? А што би додале/изградиле?
АБ: Мојот град едно време мирисаше на љубов, на липи, на зелено. Сега навистина мириса на бетон, застоени луѓе, лоши мисли. Би сакала повеќе зелени површини, игралишта за деца, паркови кои се средени, патеки за велосипеди кои се безбедни. Сакам да се исчистат улиците од скапите автомобили на скопските фраери кои застануваат на улица (некогаш и со вклучени мотори) за да испијат кафе во кафулето до улицата. Сакам да имаме повеќе свест и совест кон идните генерации кои не се должни да го дишат смогот и прашината од зградите кои се градат на секој чекор, ко да живеат пет милиони луѓе во градов. Имам гнев по однос на ова прашање! Можевме да имаме град кој ќе дише, а и ние заедно со него, светол и шарен, а не да личи на мавзолеј. Мегаломанштината да се гради по секоја цена, без да се води сметка што се уништува ми направи да си го отсакам градот. Се надевам дека еден ден ќе имаме вистински луѓе на вистински места кои ќе знаат како да го вратат сјајот на зеленилото.
Да се прошетав угол гола низ градов ќе бев попокриена отколку кога се соголувам кога пишувам.
АЈ: Кои болки во животот не ги скривте од очите на јавноста?
АБ: Ништо немам скриено, ама баш ништо. Некогаш велам дека да се прошетав угол гола низ градов ќе бев попокриена отколку кога се соголувам кога пишувам. Не знам да пишувам за работи кои не ги чувствувам. Дури и кога за Биба Додева напишав песна за „Охрид Фест“, ја напишав затоа што ме “здоболе” музиката. Најголемата грешка е кога пишувачот мисли дека е способен да “продаде” лага. Сакав да знаат дека имаме исти болки, радости, стравови, недоумици, желби. А како би го сторила тоа ако не извадам од себе она што ми ровари во главата и душата. Или ќе дадам сè од себе, или нема да пишувам.
АЈ: Еднаш ми рековте дека „тагата е начин на враќање кон себе“. Дали уште така мислите?
АБ: Да, мислам дека тагата е потребна за човек малку да успори и да се соочи со себе. Но, се сложувам и со она што го прочитав во Вашата последна колумна, Ана, а тоа е дека „тагата е убава и знае да е прочистувачка, ама не кога трае предолго”. Сè што е премногу или предолго станува деструктивно. Затоа се вели дека и премногу арно не е на арно (се смее). Тагата како начин да се преслуша човек и да види до каде е, и зошто нештата во животот одат во несакан правец. И се разбира, собирање сила за понатаму…
АЈ: „Среќа е мојата слобода како жена, за која никогаш не се пазарам и од никого не барам дозвола да ја имам и уживам“. Што друго ве прави среќна?
АБ: Храброста да сум своја и јасно и гласно да кажам што мислам. Утрата со ќерка ми. Разговорите со драгите луѓе. Кафето со моите родители. Еден обичен есенски ден додека седам надвор и го пишувам сето ова, оној сладок немир кој го осеќам додека од мене излегуваат зборови. Слободата да живеам по свој терк. Успехот на другите. Не ми треба многу за среќа, само да сме живи и здрави и секој од нас да е свој во она што го прави.
АЈ: „Јасното и гласно кажано НЕ е можеби првиот чекор кон ослободување, дури и од самиот себе. Моќта на НЕ е кршење на немоќта на молкот“.
Кое беше вашето прво НЕ? И вашето најважно НЕ во животот?
АБ: Првото НЕ на кое се сеќавам беше она дека не сакав да ме бакнуваат или поточно кажано да ме “шлапаат” по образи кога бев мала. Тоа ден-денес го паметам, кога бунтовно и намќоресто реков НЕ на една од колешките на мајка ми кога сакаше да ме избацува. Најважното НЕ ми беше она што си го кажав во себе за предрасудите од кој било вид.
НЕ за потчинетоста на жената.
НЕ за хомофобијата.
НЕ за премолчување во име на лажен мир.
НЕ за пазарењето со себе кога е во прашање мојата среќа.
НЕ за лагите во име на лажна сигурност.
НЕ за токсични луѓе и односи.
И колку да се знае, на сета болка која ја имам искусено, сето отфрлање или потсмев, сите мои НЕ биле лек и зад нив стојам без да се каам или да се прашувам дали сум можела поинаку!